Бајерн и Хамбург го делат врвот на Бундеслигата
26 октомври 2009Дербито на 10-то коло во германската Бундеслига се играше во неделата во Гелзенкирхен, и барем според бројот на постигнатите голови ги оправда очекувањата на јавноста. Во извонредно интересен натпревар, Шалке и Хамбург ремизираа со резултат 3:3, но гостите имаа за што да жалат. По првото полувреме Хамбург имаше предност од 2:0, а на неколку минути пред крајот и 3:2, но Шалке на двапати успеваше да се врати во игра и тоа преку напаѓачот Курањи.
„Заслуживме и да победиме бидејќи нашиот тим покажа карактер. Вака играчите имаат чувство дека загубиле два бода“, изјави по мечот тренерот на Хамбург, Бруно Лабадиа, укажувајќи на бројните шанси на неговите играчи да го решат мечот предвреме.
Со ремито, Хамбург се задржа на чело на табелата, со ист број бодови како и Бајер од Леверкузен, чиј тим пак на домашен терен во петокот исто така мораше да се задоволи со еден бод против Борусија Дортмунд, играјќи 1:1.
Вердер убедливо „гази“
На третото место се искачи тимот на Вердер од Бремен, кој вчера убедливо, со 4:1, победи на гостувањето кај Бохум. Вердер е без пораз веќе девет натпревари, а за добрата форма и тимската игра говори и податокот дека четирите погодоци ги постигнаа различни играчи.
Слична серија како Вердер, но во негативна смисла има и тимот на берлинска Херта. Екипата од престолнината, уште од првото коло, веќе девет натпревари е без победа и се наоѓа на самото дно на табелата со 4 бода. Вчера тимот на тренерот Фридхелм Функел успеа да одигра реми без голови против шампионот Волфсбург, и тоа беше доволно за оптимизам кај стратегот.
„Моите играчи го сторија она што се очекуваше од нив. Успеавме да го држиме натпреварот отворен цели 90 минути, а тоа што не примивме гол против шампионот е многу важно. Се наоѓаме во многу тешка ситуација, но сметам дека сме на вистинскиот пат“, рече Функел.
Баерн повторно се спасуваше во 90-та минута
Минхенски Бајерн ја забележа својата 850 победа во Бундеслигата со триумфот над Ајнтрахт од Франкфурт со 2:1. Баварците до победата дојдоа многу потешко од очекувањата, а спасителот повторно беше белгискиот одбранбен играч Даниел Фан Бојтен. Тренерот Луј Фан Гал го повлече вистинскиот потег, кога на неколку минути пред крајот и при резултат 1:1, од игра го извади Лука Тони, а на негово место внесе одбранбен играч. Шокот од измената во публиката траеше кратко, затоа што стоперот Фан Бојтен беше прекомандуван во нападот и го донесе победничкиот гол во последните секунди.
„Оценив дека Лука Тони повеќе нема сили, а знаев дека Фан Бојтен добро игра со глава. Сакам секогаш да победувам и го правам она што мислам дека мојот тим го бара. Денеска имав многу среќа со оваа измена“, ја коментираше својата тактика Фан Гал.
Причини за задоволство ова коло имаше и тренерот на Хофенхајм, Ралф Рангник. Неговиот тим го совлада Нирнберг со 3:0 и успеа да фати приклучок со врвот.
Но тоа не може да се каже и за тимот на Штутгарт. Агонијата на тимот и на тренерот Маркус Бабел продолжи и на гостувањето кај Хановер. Иако Штутгарт имаше безброј шанси, среќата како да им го сврте грбот на играчите, и на Хановер му беше доволен еден погодок за да ги задржи сите три бода.
„Мислам дека видов една добра партија од моите играчи. За жал не искористивме ниту една од нашите шанси. Можеби звучи глупаво, но се подобруваме, и конечно треба да дојдеме до наградата“, изјави Бабел, чиј тим, по поразот падна на 14-то место со 8 бода од 10 натпревари.
Локално дерби ова коло се играше во Менхенгладбах, каде домашната Борусија го пречека Келн. Во досаден и неквалитетен натпревар „рајнските соседи“ одиграа без голови и останаа во вториот дел од табелата. За разлика од нив, Мајнц и понатаму претставува овосезонско освежување. Тимот на македонскиот репрезентативец Николче Новески уште еднаш прикажа добра партија на домашен терен и го совлада Фрајбург со убедливи 3:0. Со трите бода, Мајнц се искачи на 8-то место на табелата, со само 5 бода заостанување зад лидерите на Бундеслигата.
Леб и Роси не се симнуваат од врвот
Од меѓународниот спорт, треба да се споменат новите титули за Себастијен Леб во рели-натпреварувањето и новиот пехар за Валентино Роси во мотоциклизам. Французинот Леб со „Ситроен“, по шести пат едноподруго ја однесе титулата во рели, откако со триумфот на последната трка во Велика Британија успеа за еден бод да го претекне финецот Мика Хирвонен кој возеше „Форд“.
Актуелниот светски шампион, италијанецот Валентино Роси и седми пат едноподруго се искачи највисоко на подиумот во натпреварување до 500 кубни сантиметри. Иако не победи на предпоследната трка за Големата награда на Малезија, на Роси му беше доволно и третото место, за да го остави без шанси победникот на трката Кејси Стонер.
Автор: БГ/АТ/дв/ројтерс
Редактор: Жана Ацеска