Бајерн супериорно го освои Купот
16 мај 2010Убедливата победа на Бајерн во финалето на Купот, што се играше на „Олимпискиот стадион“ во Берлин беше заслужена. Бранителот на титулата Вердер може да се каже дека и добро помина само со четири гола во мрежата со оглед на доминацијата на Минхенчани. Германскиот репрезентативец од редовите на Бајерн, Филип Лам сепак беше скромен во изјават по натпреварот: „Сметам дека победата излезе поубедлива отколку што навистина беше. Тоа беше тежок меч, а пред се’ на почетокот на второто полувреме бевме под голем притисок и тогаш во вистински момент го дадовме голот за 2:0,“ рече Лам.
Бајерн освен во навистина куси периоди од мечот го одигра перфектно своето 17 финале, и со головите на Робен, Олиќ, Рибери и Швајнштајгер го славеше 15 триумф во Купот. За разлика од скромниот Филип Лам, претседателот на клубот Ули Хенес блескаше: „Толку убедливо, толку доминантно како што игравме денеска, тоа е навистина неверојатно. Имаме играчки квалитет со кој можеме секој противник, барем во Германија да го паднеме на колена“.
Потврда за ваквата тврдење на Хенес покрај 15 трофеј во Купот е и 22 шампионска титула во Бундеслигата.
Сега Бајерн има голема шанса наредната сабота во Мадрид да ја освои и тројната круна доколку го совлада Интер од Милано во финалето на Лигата на шампионите. Тренерот Луис ван Гал гледа оптимистички на задачата: „Нашиот начин на игра и нашата тактичка дисциплина денеска беа подобри и мислам дека не сме кажале се’. Верувам дека можеме уште многу и се надевам дека ќе можеме да го покажеме тоа против Интер“.
Доколку го совладаат клубот од Милано, за Минхенчани тоа ќе биде пети триумф во најсилното европско натпреварување по оние во 1974, 1975, 1976 и 2001.
Автор: Кале Копс/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска