Безвизен режим со многу прашалници
22 декември 2015Европската комисија би сакала скорешна визна либерализација за граѓаните на Грузија и Украина. Додуша, за тоа земјите од ЕУ допрва треба да одлучуваат. А меѓу нив се раѓа отпор. Уште пред позитивниот сигнал од Брисел од минатиот петок, министерот за внатрешни работи на германската покраина Баварија, Јоахим Херман, остро ја критикуваше таквата одлука. „Наместо да ги повторува направените грешки со укинување на визите за земјите од Западен Балкан, Европа конечно би требало посериозно да се погрижи за безбедноста на европските граници“, изјави тој во интервју за „Пасауер Ноје Пресе.“
Молдавија како пример
Во Украина и во Грузија намерата на ЕК е сфатена како признание за нивните реформски напори. Слично беше и кога во 2014 година Молдавија, како прва земја на партнерството на ЕУ со Источна Европа, беше ослободена од визните обврски. Таа одлука не беше поштедена од критики, но нејзината заднина се наоѓаше во нешто сосем друго. Политичарите во Кишинев не беа единствените со убедување дека постапката беше забрзана од кризата во Украина.
Претходно околу 300.000 Молдавци, поради историските врски со Романија, зедоа романско државјанство и така се стекнаа со пасоши од ЕУ, со кои можат да патуваат во земјите од Унијата и да работат во нив.
За другите граѓани на Молдавија, па и оние во сеператистичкиот регион Приднестровие, укинувањето на визите беше добредојден инструмент за директно запознавање на Европа. Но, причина повеќе поради која Брисел, и покрај сите резерви, ги ублажи патните одредби: беше потребно приближување на Молдавија кон ЕУ. За граѓаните на оваа земја тоа значеше крај на недостојните процедури во конзулатите на ЕУ, каде во редови се чекаше со часови, па и денови за добивање виза, а имаше и купување визи на црниот пазар и тоа по многу високи цени.
Нема „голема слобода“
Сепак, и за патување без визи во поголемиот дел од земјите на ЕУ и Шенген-зоната постојат одредени правила. Така, Молдавците мора да имаат биометриски пасош со важност од најмалку три месеци по завршувањето на патувањето. Околу 800.000 молдавски граѓани имаат биометриски пасош, но два милиони се‘уште се со старите пасоши. Биометриска патна исправа чини меѓу 25 и 40 проценти од просечната месечна плата од околу 200 евра.
Освен тоа, Молдавците не смеат во земјите од ЕУ да се задржуваат подолго од 90 дена во шест месеци. За некои земји мораат сепак да вадат визи (Ирска, Велика Британија). Затоа се препорачува - уште пред да тргнат на пат, што поконкретно да ги проучат условите. Можно е на граничниот премин, освен пасошот, од нив да бидат побарани и други документи, на пример, авионска карта за враќање, доказ за финанисрање или покана од лицето кај кое се патува односно потврда од организаторот на некоја конференција. Во мнозинството земји на ЕУ на Молдавците не им е дозволена работа подолго од три месеци без работна дозвола.
Според официјалните информации од Кишињев, во првата година по укинувањето на визите, околу 500.000 граѓани, од кои 75.000 од Приднестровие, ја искористиле можноста за слободно патување во ЕУ. Министерката за надворешни работи Наталија Герман изјави дека „ризокот од миграција на граѓаните на Молдавија во ЕУ“ остана константно мал.
Без политички последици
Надежта безвизниот режим да ја зацврсти „проевропската“ перспектива на Молдавија остана само надеж, како во Брисел, така и во Кишинев. Реформскиот процес стагнира, државата со месеци е во економска и политичка криза, чиј крај не може да се согледа. Таканаречените „проевропски“ партии се раскарани, во сите анкети водат силите наклонети кон Русија. Државата остана поделена, а младата генерација само бара начин што поскоро да ја напушти земјата.
Не се знае кога Украинците и Грузијците ќе можат да патуваат во ЕУ без визи. Според Европската комисија, тоа би требало да се случи летото идната година.