Белорусија – парламент без опозиција
18 ноември 2019За многумина гласањето не беше ништо повеќе од спектакл за про-форма да им се даде легитимитет на постоечките структури на моќ. Според експертите посуштински избори, за разлика од парламентарните, се претседателските закажани за следната година. Се чини ваквата оценка ја споделува и актуелниот претседател Александар Лукашенко. По гласањето вчера тој најави дека сака повторно да се кандидира.
Немаше ни очекувања за големи изненадувања од изборите. Ниту кај гласачите, ниту кај политиколозите како Валериј Карбалевич:
„Никој не е заинтересиран за изборите. Ниту политичкото раководство, ниту општеството, ниту опозицијата, а уште помалку Западот. Бидејќи сите знаат како се одвиваат изборите и дека резултатот е сигурен," вели Карбалевич.
И во новиот парламент пред се` ќе седат пратеници кои му се лојални на претседателот Лукашенко. Откако го даде својот глас тој не криеше дека отворено поддржува одредени кандидати. Имено оние кои во парламентот – како што рече – ќе работат конструктивно. Што точно се подразбира под „конструктивно“ е нејасно за поголемиот дел од граѓаните.
Самиот парламент не игра некоја улога, вели една постара дама и додава: „Тие не подготвуваат закони. Тоа го прават службите на претседателот и потоа му се проследуваат на парламентот каде пратениците како марионети само гласаат ’за’."
Претседателот беше и останува клучна карика околу која се врти сѐ кога станува збор ya иднината на земјата. Поради тоа лидерот на опозицијата и претседател на партијата Народнаја грамада, Николај Статкевич, смета дека значително е поголем интересот за изборите следната година.
"Следните избори се претседателските. Ќе бидеме исправени на крстопат. Или Русија ќе не` проголта или ќе има промена на власта. Нема друга опција, " вели Статкевич.
Повеќе:
Последниот европски диктатор слави 25 години на власт
Минск виси помеѓу НАТО и Русија
По 20 години опозицијата во Белорусија освои пратеничко место
Разбирливо, претседателот Лукашенко, кој 25 години на авторитарен начин раководи со земјата, на ова гледа сосем поинаку. Тој повторно ќе се кандидира на следните избори кои треба да се случат следното лето.
„Ако почуствувам дека сте апсолутно против, тогаш би се загрижил. Но нема да успеете да ме одбиете на изборите. Јас ветив дека нема да се залепам на претседателската фотелја, која патем, верувајте ми, не е особено удобна," рече Лукашенко инсистирајќи дека Белорусија останува независна, како и тоа дека никому не му е потребна Унија или некакви уставни промени.
Претседателката на Централната изборна комисија, Лидија Јермошина пак потврди дека изборите поминале во најдобар ред, а излезноста е висока. За белоруската телевизија таа изјави дека изборите се важечки.
„Од сите изборни единици добивме потврда дека има над 50% излезност. Оттука можеме да заклучиме дека насекаде се избрани пратеници," изјави Јермошина.
„И тоа вистинските“, вели иронично претседателот на организацијата за човекови права Вјесна Валентин Стефанович.
„Да ги искоментирам изборите со една добро позната изрека од комунизмот – неважно е како гласале избирачите, важно е кој ги брои гласовите,“ вели Стефанович.
Секако тоа се изборни комисии кои се пополнети по терк на политичкото раководство. Попладне меѓународните набљудувачи на ОБСЕ ќе ја соопштат нивната оценка за изборите. Претседателот Лукашенко уште вчера јасно кажа дека ќе биде многу разочаран ако Западот даде негативна оценка за изборите.