Бизнисот бара столче во влада!
21 јануари 2017Законски измени, реформски зафати, економски стратегии. Долг е списокот приоритети за чија подготовка и имплементација бизнис заедницата повеќе не сака да биде само пасивен набљудувач. Македонските стопанственици бараат активно учество и директна контрола во креирањето и спроведувањето на економските политики. Изморени од долготрајната криза, притиснати од нелојалната конкуренција и беспарица предупредуваат дека ниту една власт повеќе не може да има привилегија самостојно да ја креира економската политика:
„Ние сериозно бараме столче во влада. Дали тоа ќе биде празно, без право на глас, за нас е совршено небитно бидејќи ние немаме намера да делуваме во владата со некаков глас и да имаме влијание за работи што не го допираат стопанството. Но сакаме конечно да добиеме можност однапред да делуваме кога се носат разни закони кои директно не тангираат, но не како досега кога тие ќе влезат во собраниска процедура туку уште во самата подготовка, пред да го поминат владиниот филтер.
Го бараме стопанскиот дел во свои раце и позиција од која директно на влада ќе кажеме дека ова и ова не ни одговара“, коментира Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија.
Конкретни понуди од партиите
Стопанствениците се жалат веќе не на лоши, туку на ужасни последици од долготрајната политичка криза. Го губат и оптимизмот дека работите можат бргу да се вратат во нормала, дури и во услови да се формира влада и кризата на политички план да заврши. Предупредуваат дека е крајно време некои работи да се променат:
„Не може политичар да ни го крои економскиот развој на Република Македонија. Политичарите ниту знаат, ниту имаат доволен капацитет, ниту пак се занимаваат со бизнис и ги знаат вистинските проблеми на стопанствениците. Во развиените земји како на пример Германија, канцеларката Ангела Меркел доаѓа во бизнис коморите, а не одат тие кај неа. Затоа бараме „бизнис столче“ во владиниот кабинет, не функција, не плата, ниту пари. Коморите и стопанствениците ќе најдат начин и ќе се договорат како да го плаќаат тоа столче. Не сакаме да бидеме ничив товар“, предупредува Рафајловски.
Според информации на Дојче веле бизнис заедницата веќе го отворила ова прашање пред политичките партии кои во предизборието на средби со нив ги презентираа економските платформи. Неофицијално, веќе паднале и конкретни понуди. Од СДСМ биле подготвени доколку формираат влада да отстапат вицепремиерска функција за претставник на бизнис заедницата. ВМРО ДПМНЕ пак биле „пошкрти“, односно понудиле опција претставниците на бизнис коморите во иднина активно да учествуваат во комисиските расправи при носењето на одредени законски решенија. Сепак барем засега официјално околу деталите не сака да зборува никој, ниту од политиката ниту од бизнисот. Она што е клучно велат стопанствениците, посебно во услови на кризи од типот на актуелната е бизнисот да обезбеди услови за предвидливост што ќе гарантира пред се стабилност:
„Ова што ни се случува е сериозен удар од страна на политичките субјекти за стопанството. На крајот на краиштата стопанството е она што ги прави приходите во државата и овој пат ситуацијата е многу посериозна и затоа стопанството вели не на политиката и на овој однос. Затоа бараме промени, наместо да ги лечиме последиците, да можеме да ги спречиме. Во актуелнава ситуација ние мораме да лечиме последици од политичка криза, а верувајте нема ништо полошо од тоа. На бизнисот тоа не му е работа, напротив, тој треба да ја дијагностицира економската ситуација и економските можности кои се важни за нас“, коментира Рафајловски.
Најголем проблем-наплатата
Бизнис заедницата во Македонија веќе одамна гласно алармира дека го губи чекорот и функционира на работ од одржливост. Она што постојано се инсистира како барање е промена во пристапот и поддршката, посебно кон компаниите што создаваат додадена вредност и се извозно ориентирани. Поволниот пристап до финансии и наплатата на долговите се клучните проблеми кои веќе одамна го тиштат стопанството:
„Наплатата ни е најголем проблем. Секој секого му должи а пари нема. Џабе што има закон за финансиска дисциплина. Должат и општини и јавни претпријатија. Затоа инсистираме под итно да се земат пари од Меѓународниот монетарен фонд или Светска банка кои ќе се насочат вистински. И редно е веќе строго да се контролира нивното трошење. Ниедно задолжување не е страшно и државата нема да пропадне од кредити но само ако тие се насочуваат кон развојни проекти. Во вакви услови верувајте дека едвај преживуваме, а камоли да можеме да одговориме на она што се бара од нас и што ни е задача, да создаваме профит, да плаќаме даноци, да отвораме работни места“, реагира сопственик на компанија која се занимава со производство и трговија.
Не само бизнисмените и експертите веќе одамна апелираат дека Македонија мора да го корегира курсот во економските политики, посебно во делот кој директно ги засега интересите на домашното стопанство. Она што се наметнува како клучно е поддршката што досега изостанува, или барем е далеку од онаа што на пример ја уживаат странските компании кои инвестираат во Македонија изразена преку низа поволности, субвенции, даночни ослободувања. Ова е еден од клучните предизвици но и предуслови без кој Македонија не може да се надева на долгорочен, одржив и засилен економски развој кој ќе обезбеди и повисок стандард на граѓаните.