Бошковски излезе од затвор
3 јуни 2016Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски е на слобода по пет години минати во затвор. Излегувањето од затвор, како што се тврди од неговото опкружување, било изненадување. Телма јави дека од партијата на Бошковски, Обединети за Македонија, велат оти тој заминал директно во родното село Челопек, придружуван од роднина.
Бошковски е пуштен на слобода три дена пред истекувањето на казната. Тој беше уапсен спектакуларно пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, еден ден по парламентарните избори на 5 јуни 2011 година. Осуден беше на пет години затвор за незаконски финансирање на изборната кампања, односно се товареше дека во три наврати од загрозениот сведок зел 130.000 евра. Првично, Бошкоски беше осуден на седум години затвор, но подоцна казната му беше намалена. За сето време, тој тврдеше дека е наместен
Во опозициските „бомби“ се слушна начинот на којшто бил уапсен Бошковски. Специјалното јавно обвинителство во март годинава објави дека започнува истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување С.М.
Во образложувањето на причините за покренувањето на ваквата постапка, обвинителката Фатиме Фетаи информираше дека врз основа на достапните докази постои основано сомнение дека сите инволвирани, освен оштетениот, биле живо заинтересирани да биде видена тортурата на дел од полициските сили на дело. Според Фетаи, тоа поведение е казниво според сите меѓународни стандарди и според кривичниот законик на Република Македонија. Истражната постапка, како што истакна, се однесува на лишувањето од слобода на претседателот на Oбединети на Македонија Љубе Бошковски, на 6. јуни 2012, еден ден по завршување на парламентарните избори. На оштетениот притоа му било предизвикано душевно страдање, нарушување на човековото достоинство и дискриминација по политичка основа. Документацијата го потврдува постоењето на кривично дело мачење и друго сурово понижување, соопштија во СЈО. Станува збор за дело казниво по член 143 од Кривичниот законик, и како што потенцираше Фетаи, се однесува исклучиво на начинот на изведување на апсењето, а не на судската постапка против Љубе Бошковски.
Љубе Бошковски го очекува продолжувањето на судскиот процес за случајот „Ровер“ каде што е обвинет за помагање на четворицата српски државјани, кои ги извршиле убиствата на Марјан Тушевски и Киро Јанев. Овој предмет имаше две првостепени судски одлуки, но и двете беа поништени од повисоките судски инстанции.